Македонија
Шилегов вети подобрување на животниот стандард пред тетовци
Триенаесетта плата за секое семејство, укинување нарадиодифузна такса, намалување на сметките преку поврат на ДДВ, вети носителот на кандидатската листа на СДСМ во шестата изборна единица, Петре Шилегов на тетовци.
„Решенијата се однесуваат најпрво кон намалување на невработеноста, мерки кои што ќе придонесат за стопирање на процесот на иселување на младите, бидејќи тоа е процес кој што младите наши ги прати на целото подрачје на нашата држава не само во Тетово и тетовско каде што сме денес. Да зборуваме за начинот на кој што ќе го подобриме животот на оние луѓе коишто веќе се во работен однос, коишто имаат мали средства, мали плати. Да позборуваме за начинот на кој што СДСМ има намера да го направи животот на граѓаните поевтин, поедноставен, преку укинување на такси коишто се непотребни за плаќање, како што е радиодифузната такса на пример, намалување на сметките и тоа намалување на сметките на начин што на секоја платена сметка, како и на сите други производи ќе овозможиме на граѓаните поврат на паричните средства во висина од 15 % од платениот Данок на додадена вредност, на начин што ќе овозможиме секој еден наш граѓанин, секое едно наше семејство на крајот на секоја година да добива 13-та плата. Да ги презентираме нашите мерки кај граѓаните коишто ќе придонесат, на крајот на мандатот на Владата што ќе ја состави СДСМ, да просечната плата изнесува 30.000 денари по вработен“, рече Шилегов.
Тој смета дека со двајца вработени по семејство, со намалување на невработеноста, со продуктивни работни места, не со фиктивни како што ни се нудат досега, ќе успееат да внесат среќа “во секое наше семејство со цел, конечна, да ги зачуваме младите и да обезбедиме живот во нашата држава онаков каков што заслужува секој наш граѓанин поединечно“./крај/со/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел започна изградба на 40 пешачки и пристапни патеки во Скопје Север
Општина Бутел денеска (23 февруари 2026) започна активности за изградба на 40 пешачки и пристапни патеки до станбените згради во населбата Скопје Север.
Градежните работи опфаќаат реконструкција на пристапните влезови до станбените објекти на улиците „Боро Менков“, „Лазо Москов“, „Гоце Стојчевски“ и „Костурска“.
Од општината информираат дека новите пешачки патеки ќе го олеснат движењето на граѓаните и ќе придонесат за спречување на поплавување на влезовите на зградите.
Реализацијата на проектот, како што наведуваат, претставува исполнување на предизборните ветувања на градоначалникот за еднаков и рамномерен развој на сите населени места во општината.
Македонија
Ангелов на работен состанок во Министерството за правда за измени на Законот за здруженија и фондации
На барање на директорот Стојанче Ангелов на Дирекција за заштита и спасување (ДЗС), денеска беше одржан работен состанок во Министерство за правда, посветен на најавените измени на Законот за здруженија и фондации, што директно ги засегаат доброволните противпожарни друштва во Македонија.
На состанокот беа разгледани можните правни импликации од предложените измени, со посебен акцент на правниот статус и функционирањето на доброволните противпожарни друштва (ДПД), нивната улога во системот за заштита и спасување и на потребата од усогласување на законската рамка со реалните теренски потреби и со европските практики.
Притоа, Ангелов, заедно со тим од ДЗС и од претставници на ДПД, ја истакна важноста од заштита, унапредување и институционално препознавање на доброволниот сектор, како клучен партнер во справувањето со кризи, пожари и природни непогоди. Соработката помеѓу институциите и доброволниот сектор е еден од темелите за ефикасен и функционален систем за заштита и спасување во Македонија.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.

