Македонија
СЈО чека одоговор на жалбите до вечер, од Судот поинаку го толкуваат Законот
Специјалното јавно обвинителство очекува Основниот суд Скопје 1 да одговори на нивните жалби до понеделник вечер, кога тече рокот од 48 часа од поднесувањето на жалбите, односно од саботата вечерта кога беа поднесени жалбите.
Од Судот, пак, велат дека по жалбите се постапува во рок од 48 часа од времето кога спротивставените страни ќе ги примат жалбите за одговор.
Според Судот, жалбите во однос на одлуката на судијата на претходна постапка кои се доставени до суд, од страна на судијата на претходна, согласно Законот за кривична постапка (ЗКП) се испратени на одговор кај спротивставените страни.
„Кога ќе бидат исполнети условите, односно кога судот ќе добие доставница дека спротивставените страни ги примиле жалбите за одговор, Кривичниот совет има рок од 48 часа да донесе одлука“, велат од Судот.
За Специјалното јавно обвинителство, пак, Законот бил јасен и неприфатливо било објаснувањето на Судот дека рокот тече откако страните ќе ги примат жалбите за одговор.
За нив не е оправдување ниту тоа што Судот не работел викендов, бидејќи без разлика на тоа дали е викенд или не, рокот за жалбите тече.
Како што го испочитувале тие рокот од 24 часа за жалба на решението на Судот, иако беше викенд, очекуваат и Судот да го почитува Законот и се децидни дека одговор на жалбата очекуваат вечерва.
Според Законот за Кривична постапка, советот што одлучува по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа.
Во Основниот суд Скопје 1 заврши распитот на Исмет Гури и се очекува решението од Судот дали ќе биде прифатен предлогот на СЈО за притвор или не.
Засега нема информација, ниту од Судот, ниту од СЈО дали и останатите осомничени ќе бидат сослушани во понеделник во Судот.
Меѓу осомничените кои немаат дадено исказ пред Судот за изборни манипулации е поранешната Министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски./крај/мф/ффс
Извор: Макфакс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

