Македонија
СЈО го објави извештајот: Во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија
Специјалното јавно обвинителство претпладнево го испрати преку курир извештајот за својата шестмесечна работа и во него детално на 13 страници се опишани сите активности кои ги презело ова Обвинителство во изминатиот период.
Во извештајот Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, најавува дека во најскоро време може да се очекуваат и првите обвиненија, анализирајќи дека во овој период се започнати многу предистражни постапки, од кои дел се во поодмината фаза, а дел поминале и во фаза на истрага.„Во следниот шестмесечен период во фокусот на работата ќе бидат отворените предистражни постапки, отворените истраги, како и преслушувањето на материјалите, при што ќе бидат издвоени приватните разговори, а акцент ќе биде ставен на детектирање на можни криминални активности, имајќи ги предвид законските одредби и јавниот интерес на Република Македонија“, најавува Јанева. Во делот од извештајот „предметно постапување“, Специјалното јавно обвинителство реферира дека во овие шест месеци Обвинителството отворило вкупно 150 предмети. Триесет од предметите се во истражна постапка против 80 лица. За неовластено прислушување покрената е постапка против шест лица, против десет лица за повреда на избирачкото право, против 37 лица за злоупотреба на службената положба и овластување, 12 лица за кривично дело „повреда на слободата на определување на избирачите” и други кривични дела кои главно се поврзани со изборни нерегуларности.Обвинителството отворило вкупно 120 предистражни постапки, од кои 50 предмети во 2015 година и 70 предмети во 2016 година. Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите -прислушувањето, испитување изборни нерегуларности, како и незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, разни злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, разни коруптивни дејствија и разни злоупотреби на службена положба и овластувања, финансиски истраги, како и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи итн.Јанева информира дека на 30-и декември од партијата СДСМ им доставиле еден хард диск и шест кутии со транскрипти во печатена форма коишто по приемот се сместени во сигурносни сефови кои ги исполнуваат безбедносните стандарди за чување на ваков вид материјали. На екстерниот хард диск се содржани вкупно 546.948 фајлови, од кои 540.646 се аудио фајлови и 6.302 фајлови се со различен формат (word, excel, PDF и други). Во печатена форма доставени биле вкупно 23 (дваесет и три) спирално вкоричени книги со вкупно 18.155 страници, на кои се содржани вкупно 119.088 транскрипти од разговори и СМС пораки. Доставени се и вкупно 1.828 листови со испечатен текст кои не биле нумерирани, а кои Комисијата ги нумерирала со бројки од 1 до 1828. „Од страна на комисијата за констатираната состојба беше изготвен Записник во кој детално се евидентирани примените материјали, кој записник е составен на 619 страни“, соопштуваат од СЈО.Јанева формирала и Комисија којашто ќе треба да ги преслушува материјалите од „бомбите“ кои претходно ги објавуваше опозицијата.Специјалната јавна обвинителка и во овој извештај укажува на неподготвеноста на институциите за соработка со СЈО.„Во текот на извештајниот период ова Јавно обвинителство се соочуваше со одредени потешкотии од аспект на меѓу-институционална соработка и голем дел од институциите покажаа непочитување на барањата на ова Јавно обвинителство адресирани врз основа на овластувања и права дадени со закон, а воедно и непочитување на претходно воспоставената практика“, се вели во извештајот. Обвинителството за овој период од вкупно 63.420.428 денари одобрен буџет, потрошило 13.542.671 денари или 21,4 отсто од одобрените средства.„Сметам дека е потребно да укажам на неколку причини поради кои финансискиот план за 2015 година не е реализиран. Имено, обвинителството фактички започна да работи во почетокот на месец ноември 2015 година кога беше комплетиран тимот од јавни обвинители – мои помошници, а до крајот на 2015 година не се реализира ниту едно вработување на јавнообвинителски службеници и лица кои вршат помошни и технички работи поради непостоење на соодветна законска регулатива. Поради тоа, средствата потрошени за плати на јавните обвинители се во помал износ од планираните, а средствата за плати на вработените воопшто не се потрошени. Воедно пробивањето на роковите околу комплетирањето на ова Јавно обвинителство, меѓу кои и доцнењето на согласностите од Советот за јавни набавки, влијаеја планираните средства за експертизи, вештачења, договорни услуги, јавни набавки и слично да не бидат искористени во целост“, вели Јанева во извештајот.До моментот на изготвувањето на овој извештај, од одобрените средства за 2016 година потрошени се 8.282.240 денари. “Појаснувам дека во извештајот не се содржани податоци за трошењето на финансиските средства во 2016 година по ставки и намени, бидејќи фактички финансискиот план се реализира од почетокот на месец февруари 2016 година, па најголемиот дел од плаќањата сé уште не се реализирани“, пишува во извештајот.На крајот од извештајот Јанева ветува дека ова Обвинителство секогаш ќе се раководи од принципот на еднаквост на граѓаните и дека неговата цел е спроведување на правдата.„Нашата мисија е истражување и гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите, со цел спроведување на правдата преку принципот на владеење на правото. Ова Јавно обвинителство секогаш ќе се раководи од принципот на еднаквост на граѓаните, стремејќи се да ја зголеми довербата на граѓаните во правосудниот систем преку транспарентно и независно постапување, за што гарант е автономноста на ова Јавно обвинителство“, соопштуваат од Обвинителството./крај/мф/ффс
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
До 5 февруари пријавување за субвенциониран студентски оброк
Министерството за образование и наука ги информира студентите дека рокот за пријавување за правото на субвенциониран студентски оброк за академската 2025/2026 година трае од денеска до 5 февруари 2026.
-Правото на субвенциониран студентски оброк може да го користат сите редовни студенти на додипломски студии кои имаат месечен приход помал од минималната нето плата, но и студентите запишани на постдипломски студии и на интегрирани студии на државните и на приватните универзитети во државата. Студентите кои ги исполнуваат условите, а не аплицирале досега, може да поднесат апликација, електронски преку порталот: https://e-uslugi.mon.gov.mk, соопшти МОН.
Условите и критериумите за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк се достапни на линкот https://mon.gov.mk/mk-MK/konkursi-i-stipendii/konkursi-mon/javen-povik-za-ostvaruvanje-na-pravoto-na-subvencioniran-studentski-obrok-za-akademskata-20252026-godina
-За поддршка при аплицирањето, контактирајте преку е-пошта: [email protected] Студентите на кои им било прекинато правото на субвенциониран оброк, а сметаат дека ги исполнуваат условите, може повторно да аплицираат. Овој рок е, исто така, отворен за студентите кои не аплицирале во претходните активни рокови, информира Министерството за образование и наука.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар – Стража – Кичево
Забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Стража – Кичево се укинува од 14.30 часот, соопшти ЈП „Македонијапат“. Забраната беше воведена денеска од 9.40 часот во двата правца на патот поради врнежи од снег.
Забрана за сообрачај на камиони и автобуси од 9.20 часот е воведена за камиони и автобуси на патниот правец крак Шипковица – Попова Шапка и од 5.45 часот за тешки товарни возила на патниот правец крак Маврово – Дебар.
Како што информира ЈП „Македонијапат“, врнежи од снег има во Крушево, на Попова Шапка и во Маврово и на планинските превои Стража, Пресека, Буково и Ѓавато.

