Македонија
СЈО може да покрене уште предмети пред избори

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, која во вторник присуствуваше на научна дебата на Правниот факултет во Скопје, не ја отфрли можноста пред избори да покрене и други предмети кои произлегуваат од нелегално прислушуваните материјали.
На новинарско прашање дали може да се очекуваат нови предмети или обвиненија пред закажаните предвремени парламентарни избори во декемри, таа се насмеа и кимна со главата.
Досега, СЈО поднесе две обвиненија, едното за вработените во УБК, а второто против поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески кои се товарат за поттикнување на насилство во протестите во Oпштина Центар пред неколку години. Освен нив, уште три други лица се обвинети за истото дело, а девет лица се товарат дека се извршители на насилство.
Овие случаи се работат по скратена постапка и за овие дела е предвидена парична казна или казна затвор од најмногу пет години.
СЈО работи на следниве предмети кои ги објави и во јавноста, „Тортура“, „Титаник“, „Транспортер“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Трезор“, „Топлик“ и „Тендери“./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
„Ајфонот е на братучед ми“ – Дудуш вели дека се сликал со телефонот за да го промовира бројот 17 за изборите

Градоначалникот на Шуто Оризари и кандидат за нов мандат, Курто Дудуш, објави дека фотографијата со „ајфон 17 про макс“ имала за цел да го промовира бројот 17 со кој ќе настапи со „Унија на Ромите“ на локалните избори.
За скапиот телефон, кој чини над 1.000 евра, Дудуш вели дека не е негов, туку на неговиот братучед, Алмир Дудуш – познат бизнисмен во Шуто Оризари.
Преку социјалните мрежи, Дудуш објаснува дека телефонот бил искористен како визуелен елемент за привлечност пред медиумите, при што, како што вели, медиумите веднаш загризале и се фокусирале на сликата, наместо на програмските идеи и проекти.
Дудуш наведува дека целта е остварена – бесплатна реклама на изборниот број.
Македонија
Филипче: СДСМ отсекогаш била повеќе од партија, била движење за слобода

Вечерва СДСМ и коалицијата по слоганот „Се бориме за нашиот дом“, ја претставуваат програмата од Пробиштип од каде лидерот на СДСМ Венко Филипче порача дека не смее да се доволи Македонија да стане приватна сопственост.
„Од овде, од Пробиштип, испраќаме јасна порака – да го одбраниме нашиот заеднички дом. Да ја одбраниме Македонија како дом за сите, не како приватна сопственост на неколкумина од власта. Македонија е наш заеднички дом – дом во кој секој граѓанин е еднаков, во кој има место за сите, а не само за привилегираните околу власта. Да изградиме општество каде што младите ќе остануваат, а не ќе заминуваат. Да создадеме Македонија во која чесниот труд ќе се вреднува, а не партиската книшка“, рече Филипче во Пробиштип.
Притоа тој истакна дека изборот на локалните избори не е само политичка, туку е битка за праведност, за достоинство и за иднината на следните генерации.
„СДСМ отсекогаш била повеќе од партија, била движење за слобода, за правда, за еднаквост. Нашите корени се во АСНОМ, во генерации што ја вградија темелната вредност државата да биде дом на секој човек. Вечерва таа вредност ја ставаме на прво место. Зашто без вас, без нашето јадро, без нашето членство, нема СДСМ. Без вас, нема иднина за правда, за еднаквост, за грижа“, рече тој.
Филипче исто така порача дека е време да се врати надежта и да се покажее дека СДСМ знае да ја исправи државата во секое маало и секоја зграда.
„Не ветувам лесен пат. Ветувам борба чесна, упорна, со главата горе. Ние сме наследници на идејата за слободна, праведна и солидарна Македонија. Време е да се собереме и да ја изградиме силата што ќе ја запре неправдата и ќе ја врати државата во рацете на народот“, рече Филипче.
Македонија
Лабудовиќ: Центар ќе го вратиме во рацете на граѓаните, време е за нова енергија и вистински промени

Кандидатот за градоначалник на Центар од редовите на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, заедно со министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, остварија средба со граѓаните на Центар, на која во фокус беа проблемите кои ја засегаат општината – урбанистичкиот хаос, загадувањето, недостигот на паркинг и потребата од повеќе зелени површини и подобра инфраструктура.
„Центар не смее да остане заглавен во апатија и хаос. Време е да ја прекинеме праксата на импровизации.
Мојата визија е јасна – чист и зелен Центар, со современа инфраструктура, со правилен урбанизам и транспарентна локална власт што ќе биде сервис на граѓаните, а не на малкумина привилегирани.
Ќе ја вратиме општината во рацете на жителите и ќе изградиме средина во која младите ќе сакаат да останат и да создаваат своја иднина.“ – истакна Лабудовиќ.
Лабудовиќ посочи дека Центар заслужува раководство што работи како вистински сервис на граѓаните – со подобра комунална инфраструктура, решенија за сообраќајниот метеж, нови простори за спорт и рекреација и културен развој кој ќе ја врати душата на општината.
За да се постигнат вистински промени, потребно е обединето дејствување. Во тој контекст, соработката меѓу Движењето ЗНАМ и ВМРО-ДПМНЕ е клучна, како гаранција за стабилност, системски решенија и долгорочни резултати за Центар.
„Само заедно можеме да го изградиме Центар кој ќе му припаѓа на народот. Секоја средба со граѓаните е потврда дека силата е во заедништвото, во искрените разговори и конкретните решенија. Ви благодарам за довербата, таа е најголемата мотивација да донесеме вистински промени.“ – додаде Лабудовиќ.
Центарци изразија целосна поддршка за Лабудовиќ, нагласувајќи дека е време за нова енергија, визија и чесно водење – Центар да стане општина со која сите ќе се гордееме.