Македонија
СЈО поднесе иницијатива до Собранието за донесување закон за заштита на сведоци
Специјалното јавно обвинителство до Собранието во петок, достави Иницијатива за донесување закон за изменување и дополнување на Законот за заштита на сведоци, а поведе и предистражна постапка за приватни разговори кои беа објавени на социјалните мрежи.
Според нивното објаснување, иницијативата произлегува како резултат од потребата од уредување на надлежноста на Јавното обвинителсто за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите во постапката за заштита на сведоци и е во насока на елиминирање на можноста за поставување бројни пречки во работата на ова Јавно обвинителство. „Воедно, ја информираме јавноста дека во Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите е поведена предистражна постапка за приватни разговори кои беа објавени на социјалните мрежи“, се вели во соопштението од СЈО.Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите најостро го осудува објавувањето на материјали од приватни разговори кои изминатите денови се појавија на социјалните мрежи, а со кои се нарушува интегритетот, достоинството и моралот на определени лица. Потсетија дека објавувањето на вакви материјали е кривично дело.„Тој што со употреба на посебни уреди неовластено прислушкува или тонски снима разговор или изјава што не му е наменета, ќе се казни со казна затвор од една до пет години, а со оваа казна ќе се казни и тој што ќе му овозможи на неповикано лице да се запознае со разговор или изјава која е прислушкувана или тонски снимана. Воедно, со истата казна ќе се казни и тој што тонски ќе сними изјава што му е наменета, без знаење на оној кој ја дава, со намера да ја злоупотреби или да ја пренесе врз трети лица или тој што таквата изјава непосредно ја пренесува врз трети лица“, стои во соопштението. Апелира сите лица кои се засегнати со објавувањето на материјалите од приватните разговори кои се појавија на социјалните мрежи истото да го пријават до ова Јавно обвинителство во најкус можен рок, како би се овозможило во рамки на нашите надлежности истите да бидат истражени. Воедно, ги повикуваме и сите субјекти кои поседуваат незаконско прибавени аудио и друг вид на разговори помеѓу одредени лица истите да ги достават во најкраток можен рок до ова Јавно обвинителство“, се вели во соопштението.СЈО повторно го повика Собранието согласно својот мандат да ги имплементира препораките упатени во мислењето на Венецијанската комисија во однос на Законот за заштита на приватноста. „Оттука го потсетуваме Собранието дека во функција на остварување соодветна рамнотежа помеѓу приватните интереси и интересот за информирање на јавноста препораките укажуваат дека е потребно да се дозволи објавување на материјали кои се од јавен интерес, со некои потесно дефинирани исклучоци поврзани со јавното објавување на информации за интимни аспекти од приватниот и семејниот живот, како и укажувањето за потребата од прецизно дефинирање на обврската за предавање на материјалите на Специјалното јавно обвинителство која не треба да го исклучи објавувањето на такви материјали кои се однесуваат на работи од јавен интерес“, се вели во соопштението на СЈО./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Тошковски: Обезбедена е видеоснимка на која се гледа како сопругот ја удира жртвата
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека во рамки на истрагата за трагедијата во Карпош е обезбеден видеозапис на кој, како што рече, јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата.
Како што појасни министерот, жртвата претходно повикала полиција, а патролата пристигнала за помалку од десет минути. Во изјавата што ја дала, таа потоа навела дека нема што да пријави и дека немало физички напад. Дополнително ќе се утврдува дали оваа изјава била дадена под присила. Сторителот, според Тошковски, не бил присутен на местото на настанот во моментот кога полицијата ги прибирала изјавите.
Сепак, тој нагласи дека тоа не се единствените докази со кои располага МВР.
„До МВР е обезбеден видео запис каде јасно се гледа како сопругот ја удира жртвата. Не можам да кажам кога е точно, но сигурно е истиот ден“, рече министерот.
Според информациите што ги изнесе министерот Панче Тошковски, на 2 март околу 14 часот бил пријавен падот од зграда, а претходно полицијата разговарала со жртвата која рекла дека не бара интервенција. Потоа жената се упатила кон станот на улицата Теодосиј Гологанов во скопски Карпош кадешто се случила трагедијата. Со ќерката биле сами и заклучени одвнатре пред трагичниот настан.
Министерот соопшти дека сопругот е приведен. Осомничен е за Наведување на самоубиство, нанесување на тешки телесни повреди и за загрозување на сигурноста. Тошковски потсети и дека во изминатите години против истото лице биле поднесени 10 кривични пријави за насилен криминал, имотни деликти и трговија со дрога. Тошковски истакна и дека голем дел од предметите за семејно насилство се затвораат поради повлекување на жртвите, најавувајќи поинтензивен пристап на МВР во вакви случаи.
Македонија
Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации, велат од ЗНАМ за СДСМ
СДСМ повторно се обидува да ја замени политиката со навреди, аргументите со етикети, а вистината со конструкции, реагираат од ЗНАМ откако претходно од СДСМ истакнаа дека Максим Димитриевски е платеник на ВМРО кој за свои лични и бизнис интереси со ЗНАМ сакаше да го уништи СДСМ одвнатре.
„Кога немаат одговор на суштината, преминуваат на лични дискредитации. Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е дел од оваа власт со достоинство, со принципи, со сопствена идеолошка и програмска матрица и сопствен пат делувајќи исклучиво во насока што ја ветивме пред граѓаните – чесна, одговорна и државничка политика. Кога од СДСМ се осмелуваат да зборуваат за тендери, првично нека се погледнат во огледало.
Години наназад токму тие ја претворија државата во партиска каса, институциите во сервис за свои луѓе, а правдата во селективен инструмент.
Денес, кога институциите почнуваат да функционираат без партиска директива, СДСМ панично бара алиби во измислени конструкции“, додаваат од таму.
Навредите за „кукавичко јајце“, „платеник“, „тендер коалиција“, според нив, се јазик на политичка немоќ.
Тоа, како што истакнуваат, е истиот тој наратив што ги оддалечи од граѓаните, од работниците од реалноста.
„Токму ваквото однесување и делување на СДСМ ја доведе економијата во состојба во која денес мора да се стабилизираат штетите од нивното владеење.
И наместо да понудат визија, тие сеат омраза. Наместо да бараат виновници во сите, освен во себе, нека соберат храброст и нека се соочат со сопствените постапки и грешки. Нека одговорат зошто по години власт зад себе оставија разочарани граѓани, нарушени институции и чувство дека државата служела на малкумина“.
Македонија
Се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, се работи на безбедна евакуација од погодените подрачја, соопшти МНР
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека интензивно работи на обезбедување услови за соодветна и безбедна евакуација на македонските државјани од погодените подрачја, вклучително и од Обединетите Арапски Емирати.
Во моментов се разработуваат планови за враќање на македонските државјани од Израел преку Египет, со користење комерцијални летови и, по потреба, владиниот авион. За Обединетите Арапски Емирати и Катар се разгледува можноста за ангажирање комерцијален или чартер-лет, во зависност од безбедносните и логистичките услови.
Во изминатиот период, преку дипломатско-конзуларните претставништва беше асистирано при безбедното извлекување на едно лице од Иран – фудбалер, кој преку Турција се врати во Република Северна Македонија. Дополнително, шест македонски државјани од Израел веќе имаат обезбедено авионски билети од Египет кон Скопје, при што Министерството активно асистираше во нивната координација и заминување.
Безбедноста на македонските државјани останува највисок приоритет. Министерството, во директна комуникација со пријателски земји и партнери, како и преку дипломатско-конзуларните претставништва, ги презема сите неопходни активности за нивно безбедно и навремено враќање во државата.

