Македонија
СЈО, во септември, ќе се произнесе за предметот „Шпион“
Јавната седница за предметот „Шпион“, во жалбена постапка пред Апелациониот суд, во вторник, повторно беше одложена, а судијката Љиљана Ивановска-Шопова, која претседава со Советот, прочита известување од Специјалното јавно обвинителство во кое се наведува дека тие се подготвени да се произнесат за предметот, но потребно им е дополнително време и поради тоа бараат кусо одложување на јавната седница.
Од СЈО појаснуваат дека по детално разгледување на предметот, кој е многу обемен, подготвени се да се произнесат како ќе постапуваат, но во оваа фаза од постапката не можат јавно да соопштат дали ќе ги поддржат или ќе ги отфрлат жалбените наводни на одбраната. Највено е дека СЈО ќе се произнесе за предметот „Шпион“ до 1 септември, пренесува „Академик“.Адвокатите на обвинетите очекуваат дека СЈО ќе ја согледа фактичката состојба бидејќи се уверени дека за најголем дел од лицата осудени во предметот не постојат докази за делата што им се ставаат на товар. Тие сметаат дека СЈО нема да побара отфрлање на жалбите на обвинетите по автоматизам, како што досега настапувало Вишото јавно обвинителство во жалбените постапки.„Се тврди дека обвинетите биле припадници на странски разузнавачки служби и дека работеле за нив, но никаде не се наведува кој, кога и кои информации ги пренесувал, така што предметот е паушален. Мислам дека вистинската дискусија околу предметот ќе се отвори кога ќе се произнесе СЈО“, изјави адвокатот Ѕвонко Давидовиќ.Еленко Миланов, адвокатот на Марјан Ефремов, првообвинет во предметот, смета дека во предметот има многу суштествени повреди на Кривичниот законик и очекува дека СЈО ќе ги согледа тие повреди.„СЈО е сепак странка во постапката и ние можеме само да претпоставуваме каков предлог ќе даде на следната јавна седница. Сепак, останува на судот како ќе одлучи по тие предлози. Она што може да го направи СЈО е да ги потенцира сите повреди, коишто сметам дека во овој предмет не се мали“, вели Миланов.Ване Цветанов, пак, обвинет во предметот и осуден на тригодишна казна затвор, од име на Комитетот за заштита на правата, побара укинување на мерката притвор за обвинетите во случајот „Шпион“, за кои во септември се навршуваат три години откако се притворени. Освен за нив, тој побара разгледување на притворот за околу 350 лица кои во моментов се во притвор, а според нивните процени не треба да бидат во притвор.„Конкретно во овој случај имаме уште 10 лица кои се во притвор, а за некои од нив првостепената пресуда е три и пол или четири години. Никаде во светот нема да сретнете пример во кој за казна затвор од три и пол години се лежи во притвор три години. Даваме охрабрување до судот да размислува за притворот и доколку сака да ги менува стандардите за притворот како за случаите на кои работи СЈО и за кои бара притвор, а судот не определува, истото да го стори и за веќе постојните предмети за обичните луѓе кои поминуваат многу време во притвор“, рече Цветанов.Во предметот „Шпион“ со првостепената пресуда сите деветнаесет обвинети беа прогласени за виновни. Највисока затворска казна доби Марјан Ефремов, кој, според Обвинителството, бил „мозокот“ на групата која шпионирала за странски разузнавачки служби, а истовремено се занимавала со уценување, измами и изнуди. Нему му беа изречени 15 години затвор за кривичните дела: шпионажа, злосторничко здружување, измама, уцена и прикривање. Останатите затворски казни се движат од една до девет години, а изречена беше и една условна казна.Меѓу обвинетите се и ексгенералот на поранешната Единица за брза интервенција „Лавови“, Горан Стојков, поранешниот директор на Управата за спречување на пари и корупција, Ване Цветанов и поранешниот висок функционер во Управата за контраразузнавање, Александар Диневски./крај/мф/бб
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

