Македонија
Скопјанец ја претепал сопругата, во тек била бракоразводна постапка

Скопјанец ја претепал сопругата во днeвната соба од семејниот дом, која жената ја користела додека траела бракоразводната парница меѓу нив.
Жената пријавила дека во вторникот околу 20.45 часот во дневната соба влегол сопругот за да гледа телевизија. Жената му рекла дека била уморна и дека ќе оди во друга соба. Ја фатил за коса и почнал да ја удира со боксови и шлаканици во пределот на главата и лицето, ја турнал на подот и повторно ја удирал.Жената успеала да излезе надвор и да побара помош, а мажот излегол по неа и со рака и ја притиснал устата за да ја спречи да вика. Во тој момент дошол нивниот син и го отурнал од неа. Мажот влегол во домот и излегол со палка во раката, но кога забележал дека го гледаат соседите, ја фрлил палката во дворот и влегол во куќата. Жената се јавила на лекарски преглед во ГОБ „8-ми Септември“ каде и биле констатирани телесни повреди. Насилниот сопруг бил повикан во Полициска станица Аеродром и со истиот бил извршен разговор и се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот./крај/мф
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: Со СДСМ и Венко Филипче, здравството беше во колапс

„СДСМ, која некогаш ветуваше “едно општество за сите”, денес е само машина за пропаганда која користи лаги и популизам! Под раководство на Венко Филипче, здравството беше во колапс, оставајќи ги граѓаните во несигурност и болка“, реагира ВЛЕН.
„Кога Филипче беше министер, здравството беше во клиничка смрт! Болниците без опрема, клиниките и болниците потопени во долгови, а медицинскиот персонал намален што едвај работеше. Несигурноста и неуспехот беа негова водилка! Филипче и СДСМ беа дел од бројни скандали, почнувајќи од модуларната болница во Тетово, Дурмо Турс, Онкологија и набавката на кинески вакцини.
Тој заедно со ДУИ го оставија здравството потопено во несигурност, користејќи ги здравствените работници како изборни алатки!
Но, со Арбен Таравари на чело, оваа разорна пракса се става крај! Несигурноста исчезнува, а повеќе од 1000 здравствени работници се систематизираат.
Во првата година од министерството на Таравари, ВЛЕН направи извонредни чекори за промена на здравството! По 15 години, позитивната листа на лекови беше ажурирана, помагајќи им на илјадници пациенти! Само оваа година, 300 специјализанти се примени, а 300 други ќе бидат примени следната година!
Ова е вистинска промена што ја донесе ВЛЕН, не СДСМ! Сега, здравството е во сигурни раце!“, се додава во реакцијата на ВЛЕН.
Македонија
Средба на поранешниот претседател Пендаровски со Веселенскиот Патријарх г. Вартоломеј Први Цариградски

Поранешниот претседател Стево Пендаровски денеска во Истанбул оствари средба со неговата Сесветост г. г. Вартоломеј Први, Архиепископ Константинополски на Нов Рим и Вселенски патријарх.
На средбата се разговараше за состојбите во православниот свет и улогата на Вселенската Патријаршија во поттикнувањето на меѓухристијанскиот дијалог и соживотот меѓу различните народи и религии, а, во тие рамки и за уникатното значење на Вселенската Патријаршија како врховно институционално тело во православието.
Македонија
Реконструирана првата фасада со финансиска поддршка од општина Кисела Вода

Во населбата Цветан Димов, на улицата Марко Цепенков бр. 4, влез 1, успешно е завршена првата реконструкција на фасада на станбена зграда со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода, извести општината.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес се сретна со станарите, кои преку овој проект добија значително подобрување на условите за домување и зголемена енергетска ефикасност.
Се работи за жители на општината кои успешно аплицираа на јавниот повик за набавка на термоизолациони материјали за реконструкција на фасади на станбени згради за колективно домување на територија на Општина Кисела Вода. Финансиските средства за овој проект во висина од 277.612,00 денари беа обезбедени од Буџетот на Општина Кисела Вода.
-Денеска сведочиме на првиот успешно реализиран проект за реконструкција на фасада со финансиска поддршка од Општина Кисела Вода. Оваа иницијатива е дел од нашата посветеност кон подобрување на животниот стандард на граѓаните и унапредување на енергетската ефикасност во колективното домување. Свесни сме дека добрата термоизолација не само што ги намалува трошоците за енергија, туку и значително придонесува за поквалитетен живот на станарите. Овој проект е само почеток, а нашата намера е да продолжиме со поддршка за што повеќе згради во иднина. Ги охрабрувам сите заедници на сопственици и управители на згради да аплицираат на ваквите повици и да ја искористат можноста за подобрување на своите домови-истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Општина Кисела Вода продолжува со своите активности за поддршка на колективното домување и зголемување на енергетската ефикасност. Според условите на јавниот повик, за оваа субвенција можеа да аплицираат заедници на сопственици или управители на станбени згради изградени пред 2010 година, соопшти општината.