Скопје
Арсовска: Градот Скопје е прва единица на локалната самоуправа со проект за рециклирање и реупотреба на градежен отпад

Управување со отпад и развој на локалната економија е тема на дводневната ТАИЕКС работилница која со поддршка на Европската делегација се одржува во Скопје. На отворањето на работилницата се обратија градоначалничката на град Скопје Данела Арсовска, раководителот на соработка на Делегацијата на ЕУ Стефен Худолин, заменик-министерот за локална самоуправа Зоран Димитровски и претставникот на ТАИЕКС инструментот за поддршка на локалната самоуправа, Николас Домингез Мендоза.
Арсовска во воведното обраќање истакна дека Градот Скопје неодамна го потпиша договорот за реализација на европскиот проект Re-Construct финансиран од ЕУ, за креирање и управување екосистем за имплементација на циркуларен модел за справување со градежен отпад.
– Со помош на овој проект за првпат на национално ниво во единица на локална самоуправа се отпочнува со третирањето на градежниот отпад, изнаоѓање начини за негова иновативна пренамена и негова повторна употреба. Главната цел на овој проект е да се зголемат и подобрат капацитетите на Град Скопје за рециклирање и реупотреба на градежен отпад и транзиција кон циркуларна економија – изјави Арсовска.
Арсовска истакна дека ТАИЕКС мисијата на овие актуелни теми е значајна и придонесува за развој на капацитетите, искористувајќи го знаењето и воспоставените практики од европските земји во насока на подобрување на локалното справување и унапредување на системот за управување со отпадот согласно меѓународните стандарди.
Шефот за соработка во Делегацијата на Европската Унија, Стефен Худолин го истакна значењето на Зелениот договор и дека тој не треба да се однесува само на животната средина, туку дека тој треба да биде применет во секоја област, како и дека локалната самоуправа во Македонија треба посветено да реализира активности опфатени од Зелениот договор по примерот европските практики.
На работилницата, голем број меѓународни експерти од оваа област дискутираа, разменуваа искуства, даваа совети и насоки, а беа споделени и практични примери за неколку области од Акциониот план за циркуларна економија со цел да се поддржи развојот на циркуларни системи за управување со отпад во различни општини во Македонија, а учествуваа и претставници од надлежните градски јавни претпријатија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Арсовска: Почнуваме нов зелен плоштад и парк од 5.000 квадратни метри во населбата Ченто

Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, заедно со градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, и директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски, извршија увид во почнувањето на изградбата на нов зелен плоштад и парк во населбата Ченто во општина Гази Баба.
Арсовска истакна дека во согласност со програмата за модерно Скопје, воспоставувањето нови зелени површини и нови паркови е еден од приоритетите во работата на Град Скопје, а граѓаните на овој дел од општината првпат ќе добијат модерен парк и нови уредени зелени површини.
„Во согласност со програмата за модерно Скопје и воспоставување нови зелени површини на територијата на градот Скопје, денеска почнуваме со хортикултурно уредување на јавна површина, нов зелен плоштад на улицата Јужноморавски бригади во населбата Ченто, нов парк за над 20.000 жители на овој дел од општината, кој ќе биде уреден на површина од 5.000 квадратни метри“, истакна Арсовска.
Директорот на ЈП „Паркови и зеленило“, Ангеле Сотировски, истакна дека на иницијатива на градоначалничката екипите на јавното претпријатие веќе се почнати со целосно расчистување на теренот.
„Екипите на ЈП ‘Паркови и зеленило’ веќе почнаа со целосно расчистување на теренот, а во следниот период ќе се пристапи кон рамнење на почвата, како и пополнување на површината со квалитетна почва, спроведување систем за полевање и подготовка на почвата за садење дрвја и вегетација, а се предвидува и флористичко збогатување на просторот“, вели Сотировски.
Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски, истакна благодарност до градоначалничката на град Скопје за напорите што ги вложува за нови проекти во општината Гази Баба, кои се секогаш поздравени и во интерес на граѓаните, како и тоа дека жителите на Ченто првпат ќе добијат ваков нов зелен простор.
„Благодарност до градоначалничката на град Скопје за напорите што ги вложува Град Скопје за нови проекти во општина Гази Баба, соработката со Градот е поздравена и е во интерес за граѓаните на општина Гази Баба. Ова место, кое претходно беше неуредно и полно со шут и ѓубре, сега жителите на населбата Ченто со овој проект првпат по населувањето на оваа населба, ќе добијат нов зелен плоштад и уреден простор за одмор, спорт и рекреација“, истакна Стефковски.
Македонија
20 нови јавори и друго зеленило во дворот на новата детска градинка во населба Пролет, најави Општина Ценатр

Општина Центар многу бргу ќе почне со изградба на првата детска градинка во населба Пролет, на вкупна бруто-површина од 3.276 метри квадратни, со што ќе биде една од најголемите детски градинки во државата, најавуваат од таму.
За таа цел, како што појаснуваат, во наредните денови ЈП „Паркови и зеленило“ по налог на Општината ќе отстрани 4 дрвја (2 копривки, липа и софора), со кои ќе се ослободи простор и ќе се овозможи изградба на градинката. Дополнително, со помош на специјална механизација, ќе бидат пресадени уште 4 јасени во парцелата на која ќе се гради градинката.
На местото на отстранетите дрвја, Општина Центар, како што додаваат од таму, ќе засади нови 20 висококалемени садници од видот јавор (Acer campestre) и друг вид средно и ниско зеленило, кое на просторот околу објектот на градинката ќе му даде нова свежина и нов лик.
По завршувањето на градежните активности поврзани со новата градинка, ќе се добие зелена површина на речиси 2.000 квадратни метри, со што Општината ќе ја заштити животната средина, а овој простор ќе стане ново зелено катче во населбата Пролет.
„Детската градинка, која набргу ќе почне со изведба, е првата целосно нова градинка што ќе се гради во Општина Центар по повеќе од 50 години, прва воопшто во населбата Пролет, а децата од оваа населба ќе добијат нов, современ и квалитетен објект за престој, забава и другарување“, велат од Општината.
Македонија
ЈСП: Во случај на блокада изменет режим на повеќе линии од јавниот превоз

Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје соопшти дека од 10 до 12 часот, во случај на блокада на раскрсницата кај Домот на печатот, дел од линиите од јавниот превоз ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот.
По изменети траси ќе сообраќаат следниве линии:
Линиите 3, 3А, 3Б, 50 и 50А
· Во насока од Рекорд кон Домот на печатот, на раскрсницата на улицата Димитрие Чуповски и булеварот Климент Охридски, ќе продолжуваат право по улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, кај „Треска“ ќе вртат лево по улицата Франклин Рузвелт, па лево по улицата Васил Ѓоргов, десно по булеварот Мајка Тереза до Клиничкиот центар и „Панорама“;
· Во обратна насока, по булеварот Мајка Тереза кон центар, ќе вртат десно по улицата Јордан Мијалков, кај „Неуромедика“ ќе вртат лево по Јужен булевар до раскрсницата кај Тутунски комбинат, потоа лево по улицата 11 Октомври и ќе продолжуваат по своите вообичаени траси.
Линиитр 23, 27, 33, 41А, 43, 44 и 57А
· Во насока од Рекорд кон Клиничкиот центар, на раскрсницата на улицата Димитрие Чуповски и булеварот Климент Охридски, ќе продолжуваат право по улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, на кружниот тек кај Католичката црква ќе се враќаат назад на постојката кај АМСМ, таа ќе биде почетно/крајна постојка за овие линии;
· Во обратна насока, од постојката кај АМСМ по улицата Митрополит Теодосиј Гологанов кон Рекорд и ќе продолжуваат по своите вообичаени траси.
Линија 5
· Во насока од Рекорд кон Козле, на раскрсницата помеѓу улицата Димитрие Чуповски и булеварот Климент Охридски, ќе продолжува право по улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, кај „Треска“ ќе врти лево по улицата Франклин Рузвелт, десно по улицата Васил Ѓоргов и ќе продолжува до Козле;
· Во обратна насока, ќе сообраќа по истата изменета траса.
Линија 5 А
· Во насока на Клинички центар, на кружниот тек кај Католичката црква ќе се враќа назад и почетно/крајна постојка ќе биде на првата постојка кон Ѓорче Петров.
Линија 9
· Во насока на Клинички центар, по постојката кај „Југодрво“ ќе врти десно на улицата 11 Октомври до Рекорд, кај раскрсницата помеѓу улицата Димитрие Чуповски и булеварот Климент Охридски, ќе продолжува право по улицата Митрополит Теодосиј Гологанов, кај „Треска“ ќе врти лево по улицата Франклин Рузвелт, па лево по улицата Васил Ѓоргов, десно по булеварот Мајка Тереза до Клиничкиот центар;
· Во обратна насока, ќе сообраќа по истата изменета траса.