Македонија
Арсовска: Подобрена инфраструктура, зелени површини и сообраќаен ред за општина Карпош

Во еден од урбаните делови од Карпош, каде што до сега се закопуваше нелегален отпад, треба да никне нов парк затоа што, наместо да расте бројот на диви депонии, јас се обврзувам на нивно итно чистење и на што е можно повеќе зелени површини, изјави независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска, за време на посетата на општина Карпош.
На средбата со карпошани, од населбите Карпош 4, Карпош 1 и Жданец, Арсовска понуди отвореност, транспарентност и заедничка соработка при надминување на проблемите со кои се соочува општината. Според неа, главен предизвик за овие жители е справувањето со урбаната мафија, која сѐ повеќе го зема својот замав со појава на згради на секое ќоше, а потребно е и итно изнаоѓање соодветни паркинг-решенија.
„На неконтролираното градење ќе му дојде крајот со изработката на детаљни урбанистички решенија креирани во соработка со експерти. Сообраќајниот хаос ќе се реши со достапен и ефикасен јавен превоз и брзи сообраќајници што ќе ги поврзуваат сите населби. Кејот на Вардар од двете страни ќе добие комплетно уредување и нов современ изглед, а ќе бидат поставени и спортски содржини – патеки за трчање и за велосипеди. Затворените врати на општинските служби ќе бидат минато затоа што предвидувам отворање канцеларија што ќе биде во служба на граѓаните, 24/7 за итни интервенции и постојано ќе излага во пресрет на нивните барања поврзани со градот. Граѓаните имаат прво да одлучат за тоа каква ќе биде нивната иднина и затоа нивниот глас мора да биде најизразен во работењето на секоја општина“, посочи Арсовска.
За жителите од Жданец, пак, приоритетно е да се реши квалитетното водоснабдување, а Арсовска рече дека тоа ќе се овозможи преку поврзување втора јужна висока зона од Жданец во Карпош.
„Не само во Жданец, на ниво на целата општина ќе има подобрување на инфраструктурата, ќе се замени фекалната канализација и ќе се почне со асфалтирање. Овие проблеми од моја страна се детектирани претходно и веќе имам издржан план и реални проекти со кои ќе ги надминеме овие недостатоци уште во првите денови од мојот мандат“, заклучи Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.