Македонија
Бесплатна училишна чанта за првачињата од Кисела Вода

Првачињата од Кисела Вода кои од септември за првпат ќе седнат во училишните клупи, од Општината ќе добијат бесплатна училишна чанта со неопходниот прибор за настава.
Овој проект има за цел да им овозможи финансиско олеснување на семејствата кои имаат првоодделенци. Со проектот се опфатени сите 600 запишани првачиња во сите основни училишта на територија на општина Кисела Вода, велат од Општината.
„Првиот училиштен ден значи голема возбуда за сите првачиња и за нивните родители. Сепак, сè поскапиот живот во земјава носи големи грижи, посебно кога во семејството има еден или повеќе ученици за кои треба да се обезбеди чанта, училиштен прибор, впрочем сето она што на дечињата им е неопходно за да бидат дел од наставниот процес. Токму затоа, Општина Кисела Вода, преку проектот ‘Ранче за секое прваче’, ќе обезбеди за идните првачиња од сите општински основни училишта бесплатна чанта, тетратки и прибор. Се надевам дека ова олеснување на семејниот буџет ќе им овозможи на родителите и првачињата претстојниот 1 септември да го паметат само по убави нешта. Паралелно, вложувањата во унапредување на наставата ќе продолжи со несмален интензитет. Ќе потсетам дека во оваа учебна година го реализиравме проектот ‘Компјутер за секој наставник’, а обезбедивме и донација од смарт-табли, со што сега сите основни училишта се опремени со уреди кои помагаат да се подобрат дигиталните вештини на учениците“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Реакција на СДСМ за прес-конференцијата на Ковачки: Сите лаги на ВМРО-ДПМНЕ потонаа

„Денеска сите тешки лаги кои што ВМРО-ДПМНЕ ги пласираше потонаа. Потона уште еден Титаник на ВМРО-ДПМНЕ. Заедно со нивниот коалициски проруски партнер Левица, гушнати во деструкцијата и желбата да и наштетат на сопствената држава и на сопствениот народ“ реагираат од СДСМ на прес-конференцијата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки.
Од владејачката партија велат дека „со денови Христијан Мицкоски, Димитар Апасиев и бројни функционери на ВМРО-ДПМНЕ и Левица ширеа лаги дека државата ќе се бугаризира, дека јазикот и идентитетот се распродадени, смислено и тенденциозно создаваа хистерија во јавноста за да нанесат штета на државните позиции“.
„Сите тие смислени лаги за нанесување штета на државата потонаа. Толку ниско се паднати Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ што немаат образ ниту да се извинат. Затоа се опозицијата и ќе останат уште долго во опозиција“ велат од СДСМ.
Македонија
Ковачки: Ковачевски залудно ретерираше, неговиот предлог пропадна, следи оставка

„ВМРО-ДПМНЕ и народот победија. Последниот предлог кој ќе значеше бугаризација на Македонија пропадна. Напорите кои што ги вложивме заедно со народот ја спасија нацијата од асимилација. Победата е наша, бидете горди, затоа што сите вие сте дел од генерацијата која спречи бугаризација“ изјави попладнево на прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Димитар Ковачевски, кој сега од Брисел ретерираше е човекот кој ја донесе Македонија во подредена и срамна положба, на чекор од целосно бришење на идентитетот, јазикот и историјата. Димитар Ковачевски 6 месеци преговара и го договара овој предлог. Овој срамен и понижувачки предлог кој директно е на штета на македонските национални интереси“ рече Ковачки.
Пратеникот од опозициската партија напомена дека „барањата и објаснувањата од македонската влада биле:
- Меѓувладината конференција да отпочне веднаш, а се друго во предлогот било во ред и било прифатливо за нив;
- Побарале предлогот да оди на брзо усвојување во Бугарија, со цел македонската јавност да не се запознае во детали со предлогот, а во тоа брзање и налет, оваа влада на СДСМ и ДУИ имале план да направат еуфорија дека почнуваме преговори. Веќе употребена лоша тактика, која ВМРО-ДПМНЕ и народот ја препознаа;
- Со така создадената еуфорија сакале да ја применат нивната политичка тактика – „морков или стап“ надевајќи се дека ВМРО-ДПМНЕ и народот ќе немаат избор освен пред свршен чин да ги поддржат уставните измени“.
Според Драган Ковачки, „Ковачевски, СДСМ и ДУИ го потценија македонскиот народ и ВМРО-ДПМНЕ, но уште еднаш покажавме дека заедно никогаш нема да дозволивме ова да се случи, затоа што гласно кажавме НЕ“.
Македонија
Од утре нема да работи жичарницата на Водно

Од утре, петок (24.06.2022 година) Жичарницата и автобуските линии до Средно Водно (25, 25А и 25Б) нема да бидат во функција.
Времениот прекин на работа е согласно воведената делумна забрана за движење во шумите, побарана од ЈП „Национални шуми“ – Скопје, а одобрена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со оглед на зголемената опасност од појава на шумски пожари на отворен простор.
Жичарницата и трите автобуски линии нема да работат сѐ до проценката на надлежните дека е намален ризикот од појава на шумски пожари, односно до отповикување на делумната забрана за движење во шумите.