Скопје
Богоев: Од општина со долг од 18 милиони евра, Карпош сега е урбана и зелена општина

За само 2.5 години, од општина со долг од 18 милиони евра, Карпош сега е урбана и зелена општина, изјави градоначалникот на Карпош, Стефан Богоев на прес-конференција.
„Изминатиов период засадивме повеќе од 300 висококвалитетни дрвја, рамномерно по сите урбани заедници. Започнавме со чистење на децениските депонии и веќе ги затворивме критичните точки кај мостот „Газела“, во близина на С.Ц. „Борис Трајковски“, во Злокуќани, кај фудбалското игралиште, како и депонијата во Бардовци, покрај течението на реката Лепенец.
Започна изведбата и на еден од најголемите проекти во мојата програма, Спортско – адреналинскиот парк, кај алпинистичката карпа, долж Кејот на реката Вардар. Тука ќе добиеме ново зеленило, нови игралишта за спорт, детски парк, сквер и адреналински содржини. По изведбата на овој дел, продолжуваме со уредување на зеленилото до бунарите на реката Лепенец.
Јавниот простор го хуманизираме, а не го узурпираме! Потврда на ова е и новото инклузивно игралиште во Влае 2, до платото „Делфина“, новиот урбан парк – скер меѓу Тафталиџе 2 и Нерези, парковите за миленици долж Кејот на Вардар и Влае, фитнес зоните во Карпош 4 и под алпинистичката карпа. Добивме нов објект на градинка во Тафталиџе 2, како и целосно нова градинка во Бардовци. Се грижиме за сеопфатна детска заштита и инклузивно основно образование. Затоа отворивме и сензорни соби за ученици со попреченост во „Димо Хаџи – Димов“ и „Вера Циривири – Трена“, а на вакви простории работиме и во „Лазо Трповски“ и „Аврам Писевски“.
Карпошани купуваат по пониски цени во повеќе од 250 бизниси во Карпош, благодарејќи на картичката Мој Карпош, која беше дел од изборната програма.
Целосно е обновено игралиштето „Сокол“, во Карпош 1, а го рестартиравме и истоимениот меморијален турнир кој е симбол на маалската дружба. Во делот на спортската инфраструктура, создадовме и нови терени во училиштата „Војдан Чернодрински“ и „Јан Амос Коменски“, а ја саниравме и спортската сала на „Владо Тасевски“.
Продолжуваме со подобрување на инфраструктурата. Нов лик добија улиците „Даскал Камче“, „Њуделхиска“, „Варшавска“, „Трифун Бузев“ и „Карпошово востание“. Градот Скопје пак целосно ги обнови улиците „Московска“, „Љубљанска“ и голем дел од булеварот „Партизански одреди“.
Во претстојниот период целосно сме фокусирани на обнова на спортската сала „Партизан“, во Карпош 4. Ова е култен спортски објект, кој повторно ќе биде со намена за спорт и рекреација.
За највозрасните, го подготвуваме проектот за Хумани патроли – бесплатна здравствена заштита и нега во нивните домови. Исто така, во процес сме на решавање на проблемот со паркирање, со тоа што ќе организираме анкета – граѓаните да одлучат дали се за регулација или не.
Општината ја преземав со долг од 18 милиони евра. Локална самоуправа која беше во финансиски колапс, симбол на криминалното работење, со изгубена доверба од сите страни.
Но, наместо оправдувања понудивме работа.
Докажавме дека може поинаку! Додека ВМРО-ДПМНЕ и Стевчо Јакимовски се смеат на користењето на грантови и донации, слободно можам да кажам дека тоа е одраз на домаќинско работење.
Деновиве не обвинуваа дека Карпош бил како невладина организација. Да, чудно им е да се работи чесно, без профити и полнење на џебови. Тие не беа научени на подготовка на проектни апликации за добивање на неповратни средства, туку единствено фокусирани на расипничко трошење на парите на граѓаните.
Ова не се само празни флоскули, напротив, сето ова е констатирано и во Извештајот на Државниот завод за ревизија, кој јавно го презентирав и го доставив до Основното јавно обвинителство и Управата за финансиска полиција. Во оваа прилика, повторно повикувам на одговорност за секој кој сторил криминал!
Денеска Карпош се бори за секој денар, се негува соработка со приватниот и граѓанскиот сектор, а ја враќаме и довербата кај целокупната јавност.
Градиме заедница која одговара на потребите на граѓаните, а не на урбаната мафија.
Убеден сум дека можеме и повеќе и подобро. Но, во изминативе две години целосно се вложивме Карпош да го врати својот сјај“, рече Богоев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Делови од Скопје и околината без струја

Од „ЕВН“ Македонија информираат дека денеска во одредени временски периоди без електрична енергија ќе останат некои делови од Скопје и околината.
Според информациите од таму, поради технички зафати во дистрибутивната електромрежа, без електрична енергија ќе останат следните корисници:
Во периодот од 7:30 до 15:30 часот, корисниците од дел на улиците со број: 405, 406, 408, 415, како и делот кон ул.Мост Илинден (општина Илинден), во периодот од 9:00 до 16:00 часот, корисниците од село Ново Село, освен куќите покрај реката Вардар (општина Зелениково), од 9:00 до 12:00 часот, корисниците од ул. Ефтим Стространов броевите:16, 18, 20, 22, , како и делот на улицата Димитар Мирасчиев броевите: 12, 14, 16, 18, 20 (општина Кисела Вода) и во периодот од 8:30 до 10:00часот корисниците с. Студеничани околу старата џамија и училиштето во селото, како и репетиторот на АД Македонски телеком (општина Студеничани).
Македонија
Град Скопје: За еден ден исцрпени повеќе од половина од субвенциите за велосипеди и тротинети

За еден ден се исцрпени речиси половина од предвидените средства за субвенции за граѓаните за купување велосипеди и електрични тротинети, информираат од Град Скопје.
Од таму додаваат дека во текот на вчерашниот ден, преку системот за електронско аплицирање пристигнале повеќе од 1.200 пријави за субвенции за велосипеди, како и 142 пријави за субвенции за електрични тротинети.
„Доколку продолжи големиот интерес за субвенциите, можно е исцрпување на средствата превидени за субвенциите за електрични тротинети и затворање на јавниот повик на крајот на денот“, велат од таму.
Како потстеување, Град Скопје објави повици за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети во 2021 година.
Граѓаните можат да доставуваат фискални сметки за купен велосипед или електричен тротинет од почетокот на годинава, поточно од 1 јануари 2021 година. Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во износ од 50% од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари по лице, и 30% од вредноста на електричниот тротинет, но не повеќе од 7.000 денари по лице, со вклучен персонален данок на доход. Повикот ќе биде отворен до исцрпување на средствата, а ќе се спроведува по принципот „прв дојден – прв услужен“.
Право на учество на овие повици имаат жителите на Град Скопје (во општините Аеродром, Бутел, Гази Баба, Ѓорче Петров, Карпош, Кисела Вода, Сарај, Центар, Чаир и Шуто Оризари), кои ќе купат нов велосипед или електричен тротинет во Република Северна Македонија од 1.1.2021 година се до исцрпувањето на буџетот наменет за јавните повици, информираат надлежните.
Инаку во буџетот на Град Скопје за 2021 година за субвенции за велосипеди и за електрични тротинети се предвидени 10 милиони денари од кои 8,5 милиони денари за велосипеди, а 1,5 милиони денари за електрични тротинети. Согласно со предвидените финансиски средства, Градот годинава ќе додели субвенции за околу 2.800 велосипеди и околу 215 електрични тротинети.
На двата повика за доделување субвенции за купување велосипеди и електрични тротинети граѓаните можат да се пријавуваат електронски, преку интернет-страниците на Град Скопје и Скопје лаб, www.skopje.gov.mk и aplikacii.skopjelab.mk или директно на линковите https://aplikacii.skopjelab.mk/velosipedi/ и https://aplikacii.skopjelab.mk/trotineti/
Македонија
Скопјани можат онлајн да аплицираат за субвенции за чистење оџаци

Град Скопје денеска, вторник (20.4.2021 година), го објави јавниот повик за доделување субвенции на домаќинствата и на други субјекти за чистење оџаци, како една од мерките за намалување на последиците од загадувањето на воздухот. Новитет на овој повик е можноста граѓаните да аплицираат онлајн.
Со оваа мерка Градот Скопје ќе надомести дел од трошоците на домаќинства и на други субјекти за чистење на оџаците, во нето-износ најмногу до 1.200 денари, а за субвенции можат да достават барање физички и правни лица чие живеалиште, односно седиште е на подрачјето на Град Скопје.
Субвенциите важат и за исчистени оџаци од 1.1.2021 година, a јавниот повик трае заклучно со 30.11.2021 година, и ќе биде реализиран по принципот „прв дојден прв услужен“, односно до исцрпување на средствата во износ од милион денари предвидени за оваа намена со буџетот на Град Скопје за 2021 година.
Повеќе информации за јавниот повик можете да добиете на следната интернет-врска – https://skopje.gov.mk/media/6729/javen-povik-cistenje-odzaci-2021.pdf
Целта на овој проект што Град Скопје континурано го реализира е намалување на загаденоста на амбиенталниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5). Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред сè заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување, употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно чистење и одржување на оџаците.
Познато е дека запуштените и неисчистени оџаци се голема опасност. Не само што загадувањето и емисијата на ПМ 10-честички е голема, туку се загрозува и безбедноста на корисниците ако не се спроведува редовно чистењето. Се препорачува оџаците да се чистат 3 пати годишно, двапати во текот на грејната сезона и еднаш кога е таа завршена.
За потсетување, Град Скопје оваа мерка ја реализираше и во 2018, 2019 и 2020 година, кога беа доделени околу 1000 субвенции.
- Свет3 месеци
Поради примање мито во Кина погубен поранешен државен функционер
- Европа2 месеци
Планот за отклучување на Германија протече во медиумите, Меркел: Имаме трет бран
- Економија2 месеци
Сите брендови на Индитекс доаѓаат во „Ист гејт мол“
- Свет1 месец
(Видео) Полиција собори маж на земја пред неговото мало дете зашто немал маска
- Регион6 дена
„Фајзер“, „спутник В“ или „Синофарм“ – истражување во Србија покажа која вакцина штити најбргу
- Економија3 недели
„Оштетени штедачи“: Фирма на Игор Џамбазов зела неповратен кредит од Еуростандард банка
- Црна хроника3 месеци
Брат и сестра нападнати на Широк сокак
- Регион2 месеци
Вучиќ за ковид-пасошите: Кои сте вие да го ограничите движењето на некој што не сака да се вакцинира?