Скопје
(Видео) Шутаров: Ова што му се случува на Скопје е најголемата катастрофа по земјотресот
До денеска изминати се точно 1.018 денови од кога ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски ја востоличија Арсовска за градоначалник на Скопје како „најуспешна менџерка“. Над 1.000 денови како ВМРО-ДПМНЕ има мнозинство во Советот, претседател на Советот и бројни членови на управните одбори во градот, изјави советникот во Советот на Град Скопје, Гордан Шутаров.
„За сите изминати катастрофални денови за нашето Скопје, изгубени за скопјани и пропадната шанса за развој и напредок на главниот град виновни се Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ.
Откако им пропаднаа бизнис зделките со Арсовска започнаа да се изживуваат со скопјани. Иако имаат мнозинство во Советот со години и на секаков можен начин ја кочат работата и на јавните претпријатија и на градот воопшто.
Градот Скопје и јавните претпријатија функционираат врз основа на изгласување на Буџет и Програми за работа.
Но советниците на ДПМНЕ не ги гласаа програмите за:
-воведување брз и еколошки транспорт (БРТ)
-програмата за развој
-програмата за превоз на патници
-за изградба и реконструкција на улици
– за субвенции за улици и патишта
-за заштита на животната средина
-инвестиционите програми за јавните претпријатија.
ВМРО-ДПМНЕ намерно не ги гласаа овие програми, само за да прават штета и да се пресметаат со Арсовска. Заедно со неспособноста на Арсовска ДПМНЕ го турна нашиот главен град во пропаст.
Ова што му се случува на Скопје е најголемата катастрофа после земјотресот. Градот никогаш не бил по нечист, полн е со ѓубре, со јавни претпријатија на раб на колапс.
Град во кој нема нови модерни 250 еколошки автобуси и дури воопшто нема автобуси а тие што ги има доцнат, се палат и не се безбедни.
Се уште не може да се поврзат двата нови моста изградени со пари добиени од ТАВ Програмата, мостот Михајло Апостолски во Аеродром и мостот Љубљанска во Карпош.
Има неисчистени диви депонии, нереализираните 5 мега паркови, непостоењето на нов модерен луна парк најголем на овие простори.
Ниту еден капитален проект не е реализиран, ниту пак нешто е направено. Загубени денови, загубени години за Скопје кои граѓаните не ги заслужуваат.
После целиот хаос што го создаде во Скопје вчера слушаме дека на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ им текнало на Скопје.
Па уште се обидуваат да се прикажат како спасители кои ете ќе ги решеле проблемите во градот.
Касно е дечки. Касните 1.000 денови.
На 400 дена пред локалните избори ова не е ништо друго туку обид за перење на сопствената вина за она што душмански му го направија на Скопје.
Пред било што да направи ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе и да им се извини на граѓаните на Скопје и да преземе одговорност.
Бараме првенствено ВМРО-ДПМНЕ да им се извини на сите граѓани на Скопје за ситуацијата во која свесно го донесоа Градот.
Потоа ВМРО-ДПМНЕ треба да одговори што се случува со капиталните проекти:
Зошто нема нови 250 модерни еколошки автобуси ?
Што ќе се случи со проектот на БРТ? За кој со закон во Собранието и потпишан договор помеѓу министерството за финансии, транспорт и врски и ЕБОР се обезбедија 70 милиони евра за нов концепт на јавен превоз во Градот Скопје, за кои на годишно ниво плаќаме камати заради нереализирање на истиот“, рече тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Засилени активности за расчистување на улиците и булеварите по синоќешните обилни дождови
По синоќешните обилни дождови, ЈП Комунална хигиена-Скопје утринава започна со реализација на засилени активности за расчистување на булеварите и поголемите улици во сите скопски општини.
Во рамките на активностите се реализира рачно и машинско метење, како и отстранување на паднатите лисја, со цел – непречено одвивање на сообраќајот и движење на пешаците по јавните и сообраќајните површини, извести ЈП Комунална хигиена-Скопје.
Скопје
(Видео) СДСМ со решенија за кризата во Скопје: закон за финансиска поддршка на Градот и на ЈСП, субвенциии за гориво, вели Јанчева
„Како што најавивме, денес сме тука за да ги презентираме нашите конкретни предлози за надминување на кризата во која се наоѓа Град Скопје. Состојбата е алармантна – јавниот превоз не функционира, сведоци сме на преполни контејнери, смет насекаде, а основните услуги што ги заслужуваат граѓаните се целосно запоставени“, рече Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
„Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ и Арсовска да се вразумат и да престанат да се инаетат на грбот на скопјани. Не е време за политички препукувања – време е за носење итни, разумни одлуки за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Скопје, но и сите останати граѓани кои секојдневно престојуваат во Скопје.
Советничката група на СДСМ и коалицијата демонстрира зрелост и лидерство во овие тешки моменти. Затоа, денес пред вас изнесуваме неколку разумни предлози за надминување на кризата во Скопје.
Ви ги претставуваме трите предлози што сметаме дека се клучни за надминување на кризата:
1. Измени и дополнување на Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив.
(Овој закон беше донесен во 2018 година од нашата Влада, кога беа сервисирани долговите на општините, вклучително и долгот на Град Скопје од над 30 милиони денари).
– Предлагаме, Собранието на РСМ, по скратена постапка, да ги усвои овие измени за да се обезбеди финансиска стабилност на Град Скопје. Нашите пратеници ќе го поднесат овој предлог.
2. Владата на РСМ итно да донесе одлука за доделување субвенции-евро дизел гориво од државните резерви за нафта.
– Предлагаме Владата на РСМ да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, кои би биле доволни за функционирање на јавниот превоз до крајот на 2024 година.
Ова е мерка што мора да се реализира веднаш, за да се стави крај на агонијата со јавниот превоз.
3. Предлагаме, пратениците во Собранието на РСМ да иницираат свикување на Надзорна расправа во Собранието за состојбата во Град Скопје. Одржувањето на надзорната расправа би било примерот на претходните расправи, за прашања од јавен интерес. Собранието на РСМ, како суверен претставник на волјата на граѓаните има легитимно право да расправа за овие прашања.
Се работи за доброто на сите граѓани, а не за мешање на надлежностите.
Предлозите за надминување на кризата се СДСМ и коалицијата се реални, остварливи и насочени кон доброто на граѓаните.
Ги повикуваме сите советници во Советот на Град Скопје да ги поддржат овие предлози и да покажат одговорност.
Потребно е обединување на сите политички субјекти за доброто на Скопје.
Скопје не смее повеќе да биде жртва на политички битки. ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска мора да ја преземат својата одговорност и да почнат да работат за доброто на граѓаните.
СДСМ и коалицијата покажуваат и докажуваат дека се коалиција која нуди решенија.
Нашата заложба е јасна: скопјани заслужуваат град кој функционира, град кој обезбедува основни услуги, град кој го штити достоинството на своите жители.
Нема да дозволиме да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град.
Повикуваме на разум, обединување и заедничка акција за доброто на Скопје.
Време е за решенија. Граѓаните на Скопје тоа го очекуваат од нас“, изјави Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Скопје
Славески свика итна вонредна седница на Советот на Скопје поради колапсот на јавниот превоз
Претседателот на Совет на Скопје Трајко Славески за денеска во 18 часот закажа итна вонредна седница на која треба да се расправа за нефункционирањето на јавниот превоз во градот, откако автобусите на ЈСП прекинаа да сообраќаат поради недостиг на гориво.
„Нефункционирањето на јавните претпријатија во надлежност на град Скопје, задолжени да обезбедуваат витални услуги за граѓаните, достигна кулминација. Совет на град Скопје на 21 ноември, ќе одржи итна вонредна седница со почеток во 18:00 часот. Советот, во рамките на своите надлежности, е подготвен низ конструктивна расправа да усвои заклучоци со кои ќе побара од надлежните, пред сѐ од градоначалникот Арсовска и директорите, итно да го нормализираат јавниот превоз на територијата на град Скопје и да го подигнат нивото на хигиена“, напиша Славески на социјалните мрежи.