Скопје
Герасимовски: Заврши повикот за субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди и тротинети за 2024 година
Во рамки на проектот „Цел Центар на точак”, Општина Центар додели вкупно 140 субвенции за оваа година: 110 за нови велосипеди и 30 за електрични велосипеди и тротинети.
Аплицирањето за субвенции за купување велосипеди, е-велосипеди и тротинети е завршено, но повикот за субвенционирање дополнителна опрема останува отворен до исцрпување на средствата или до 31.12.2024 година, извести општина Центар.
Секој полнолетен граѓанин имаше право на еднократна субвенција во висина од 30 отсто од цената, но не повеќе од 3.000 денари.
„Овој проект не само што го олеснува секојдневието на жителите на Центар, туку и го подобрува квалитетот на живот со промоција на здрави навики и алтернативни начини на транспорт. Секој нов велосипед и тротинет значи помалку сообраќаен метеж и повеќе слободни паркинг места. Продолжуваме со поддршката за сите кои се дел од оваа позитивна промена”, порача градоначалникот Герасимовски.
Општина Центар заслужено ја носи титулата највело општина, благодарение на современата велосипедска инфраструктура развиена на сервисните улици.
Истовремено, како пионер во промоцијата на алтернативниот превоз, Центар е првата општина во Македонија која, на барање на граѓаните, воведе субвенции за дополнителна опрема за велосипеди, електрични велосипеди и тротинети, се додава во соопштението на општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

