Скопје
Герасимовски на буџетскиот форум: Редовната комуникација со граѓаните нè позиционира на врвот по транспарентност меѓу општините
Општина Центар вчера ја одржа првата форумска сесија за планирање на буџетот за 2024 година, на која учество зедоа градоначалникот Горан Герасимовски, раководителите на сите сектори на општинската администрација, советници во Советот на Општината, претставници на невладини организации, како и граѓаните на Центар. Преку овие форуми Општината ги вклучува граѓаните во креирањето и реализацијата на програмите и стратешките планови. На првата сесија градоначалникот Герасимовски направи пресек на сработеното во изминатите две години и ги повика жителите на Центар со свои предлози да придонесат за креирање поквалитетен и подобар живот во Општината.
„Изминатите две години се фокусиравме на реалните потреби на жителите на Центар. Се насочивме кон современо и инклузивно образование, нови паркинг-места, енергетска ефикасност, чиста животна средина, квалитетна инфраструктура, развој на културата и спортот. Принцип на нашата работа е да имаме редовна комуникација со граѓаните и затоа сме на врвот меѓу локалните самоуправи по транспарентност и квалитетно работење“, порача Герасимовски на форумот.

Градоначалникот ги посочи и приоритетите за наредната година, меѓу кои целосна реализација на градинката „Пролет“, чија изградба е во тек, изградба на монтажна гаража во Капиштец, реконструкција на уште 14 улици.
Граѓаните што учествуваа активно во сесијата побараа зелени градини и интерактивни паркови за секое училиште, пристапна рампа во училиштето „Димитар Миладинов“ за деца со посебни потреби, дигитализација во градинките. Предложија изготвување онлајн-туристички водич, поставување „лежечки полицајци“ на фреквентните улици, уредување на просторот кај Зеленото пазарче до поранешен „Коктел бар“, замена на плочникот и поставување изолација за да се заштитат подземните гаражи, а побараа и уредување на паркот во Капиштец, на потегот од „Зебра“ кон „Беверли Хилс“, како и да се постави зелен покрив на градинката „Кочо Рацин“. Финалната буџетска сесија со граѓаните ќе се одржи на почетокот на декември, извести Општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

