Скопје
Герасимовски: 25 квалитетни и посветени асистенти ќе се грижат за учениците со посебни образовни потреби во општина Центар

Општина Центар во второто полугодие ангажира 25 лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во училиштата на своја територија. На последниот јавен повик бројката беше надополнета со квалитетни и посветени кадри. Дополнителна мотивација за пријавување на јавниот повик за овие позициии беше и зголемувањето на месечниот надомест од 12.000 денари на 15.000 денари, за работен ангажман со скратено време од 20 работни часа неделно.
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски одржа средба со асистентите, им се заблагодари за ангажманот, трудот и хуманоста: „Ви благодарам за сето она што го правите за да ги вклопиме овие деца во образовниот систем. Ја знаеме тежината на вашата работа и затоа се потрудивме дополнително да ве мотивираме, во рамки на можностите на Општината, која финансиски целосно стои зад овој хуман проект. Капа долу за вашиот ангажман. Ја препознавме големината на овој проект и останавме единствена локална самоуправа што го спроведува со свои сопствени сили“, истакна Герасимовски.
Дел од асистентите кои и по седум години го продолжуваат договорот со Општина Центар, зборуваа за предизвиците и потешкотиите со кои се судруваат во пракса. Истакнаа дека имаат одлична соработка со наставниот кадар, но и дека секој случај е специфичен и бара посебна експертиза и грижа. Потенцираа дека сензорните соби кои се поставени во речиси сите центарски училишта се од големо значење за нивната работа.
Општина Центар покрај образовните асистенти од Министерството за образование и наука во рамки на проектот „Образование за сите“ работно ангажира и лични асистенти кои целосно самостојно ги финансира, годинава со 3.500.000 денари. Во осумте општински основни училишта во моментов со ученици со потешкотии во развојот работат 25 асистенти и истите веќе две години работеа и за време на летните распусти.
Покрај овој проект, градоначалникот Горан Герасимовски потпиша и Меморандум за соработка со Црвениот Крст преку кој овозможи бесплатен превоз до болница за лицата над 18 години кои користат ортопедско помагало, инвалидски колички, дубаци и одалки или кои поради болест се во лежечка состојба односно неподвижни. Корисниците на оваа мерка имаат бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на 1 година и истиот треба да го закажат најмалку 24 часа однапред.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Општина Аеродром доделува 3.500 денари за првачињата

Општина Аеродром и оваа година ќе доделува еднократна парична помош за семејствата чие дете е прваче во едно од основните училишта на територијата на општината во висина од 3.500 денари. Рокот за пријавување е од денеска, 2 јули до 30 септември 2025 година.
Потребно е до архивата на Општината да се поднесат потврда за запишан ученик во прво одделение во учебната 2025/2026 година заверена од основно училиште од територијата на Општина Аеродром или основно училиште со ресурсен центар, фотокопија од извод од матичната книга на родените за првачето, како и на увид лична карта или патна исправа на барателот.
Образецот и изјавата за согласност за обработка на лични податоци што треба да се пополнат можат да се најдат на следниот линк:
http://aerodrom.gov.mk/dokumenti/formulari
Македонија
Делови од Гази Баба и Кисела Вода денеска без струја

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија АД, информира дека дека поради технички зафати во електродистрибутивната мрежа денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 09:30 часот, корисниците од село Инџиково од улиците: 3, 7, 14, дел од ул. 10 и дел од ул. Маџари. (Општина Гази Баба)
· од 08:30 до 15:30 часот, корисниците од дел од ул. Студеничанска и дел од ул. Драчевска. (Општина Кисела Вода)
· од 09:30 до 13:30 часот, корисниците од ул. Добре Ивановски, и дел од ул. 22 во нас. Инџиково. (Општина Гази Баба)
Македонија
(Фото) Герасимовски со водњанци: Реконструирани 20 улици во општината, приоритет се безбедноста и подобра инфраструктура во маалата

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, во рамките на караванот „Се гледаме во маало“, се сретна со жителите на Водно. Средбата помина во конструктивна атмосфера, каде отворено беа споделени проблемите и предлозите за унапредување на маалото.
Жителите побараа поставување урбана опрема на повеќе локации, а изразија загриженост за безбедноста во сообраќајот, поради несовесните возачи. Побараа „лежечки полицајци“ и сообраќајни знаци за намалување на брзината, како и редовно кастрење на зеленилото што го попречува пешачкиот простор. Ја пофалија и работата на хигиеничарите кои , како што рекоа , се постојано на терен и посветено се грижат за чистотата, известува општина Центар.
Герасимовски посочи дека континуирано се работи на подобрување на патната инфраструктура во општината. Во делот на Долно Водно е завршена реконструкцијата на улицата „Елисие Поповски“, на потег долг 700 метри, за што се издвоени 13 милиони денари.
Претходно беше реконструирана и улицата „Антон Панов“.
„Инфраструктурата и поврзаноста на Центар ни се приоритет. Реконструиравме 20 улици низ целата општина, затоа што секое маало заслужува уреден јавен простор и безбедни улици“, истакна градоначалникот Герасимовски.
Караванот продолжува денеска во Пајко Маало (кај Филхармонија), со почеток во 18:30 часот.