Скопје
Град Скопје: Советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ветуваа нови екоавтобуси пред скопјани, веќе две години не го исполнуваат ветеното

„Пред советниците на ВМРО ДПМНЕ, кои се власт во Советот на Град Скопје и мнозинство, 20. пат за гласање на следната седница е доставена предлог-одлука, со која треба да се обезбедат нови еколошки автобуси за скопјани. Јавниот превоз е во незавидна состојба откако автобусите за кои целокупната јавност гледа и реагира дека се децениски дотрајани треба да се заменат со нови, а советниците на ВМРО-ДПМНЕ, кои ветуваа нови екоавтобуси пред скопјани, веќе две години не го исполнуваат ветеното“, велат од Град Скопје.
„Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, со цел советниците од ВМРО-ДПМНЕ да се охрабрат да гласаат за реализација на ветувањата што ги имаат дадено за нови еколошки автобуси, на секоја седница им предлага банката што ќе го финансира проектот, како и условите за набавка да ги изберат самите советници во рамките на Советот бидејќи оваа одлука може, единствено, тие да ја донесат и да се помогне скопјани да не чекаат ни минута повеќе на автобуските станици.
За унапредувањето на линискиот превоз на патници, да се обезбеди ефикасен и еколошки превоз што нема да загадува, неопходно е редовно обновување на автобусите, а досега, според програмата, требаше да се набавува секоја година по 50 автобуси за да се постигне квалитетот на превоз и услуги што граѓаните ги заслужуваат, но советниците на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од две години не ја гласаат одлуката. Иако е доставена одлука за нови автобуси за следната седница, претседателот на Советот, Трајко Славески, спротивно на деловникот и статутот, воопшто не ја става точката на дневен ред за гласање, со што го зголемува незадоволството на скопјани поради дотрајаните автобуси. Единствена одговорност по повеќе од две години за недостигот на автобуси во јавниот превоз имаат советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје и од кои зависи дали ќе има нови екоавтобуси и подобар превоз.
Со реформирање на автобускиот превоз и сукцесивно обновување на возниот парк на ЈСП „Скопје“ со нови еколошки автобуси ќе се реши проблемот за кој граѓаните постојано се жалат за нередовни автобуси, но нивните реакции нема кој да ги слушне бидејќи советниците од ВМРО-ДПМНЕ, кои се власт и мнозинство во Град Скопје, не гласаат за набавка иако тоа го ветуваа пред граѓаните на локалните изборите во 2021 година.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, и лично ги ветуваше новите автобуси за скопјани за кои дури најави и дека преговара со компанија за набавка на 100 електрични автобуси, но до сега повеќе од 2,5 години тоа ветување не се реализира, како ни неговото ветување за вкупно 250 нови автобуси од програмата за Скопје, која лично континуирано изјавува дека ја поддржува“, се наведува во соопштението на Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен сообраќаен режим в недела поради трка во Скопје

В недела во организација на Здружение за спорт и рекреација „Прв до врв – Скопје“, ќе се одржи тринаесеттото издание на традиционалниот спортско рекреативен настан насловен како „Прв до врв“, со почеток во 09:45 часот.
Траса на движење на велосипедската трка: почеток од пред Музеј на град Скопје – ул.„Св. Кирил и Методиј“, лево по бул.„Св. Климент Охридски“, во продолжение право по бул.„Мајка Тереза“, лево по ул.„Тодор Александров“, во продолжение по локален пат за Средно Водно до врв на Водно („Милениумски Крст“) и траса на движење на планинарите со почеток во 10:00 часот од пред О.У.„Кочо Рацин“ на бул.„Мајка Тереза“, право по ул.„Тодор Александров“ и кај ул.„Салвадор Аљенде“ десно по планинската патека кон Средно Водно, од Средно Водно кон Врв на Водно („Милениумски крст“) во Скопје.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај, при што сообраќајот ќе се пренасочува по околните сообраќајници.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива настанот.
Македонија
Герасимовски на средба со центарци: Реконструирани 20 улици, подобрени условите во сите основни училишта и градинки

Градоначалникот Горан Герасимовски, директорот на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ Душко Коцевски и вработени од општина Центар, вчера се сретнаа со жители на Центар кај плочникот кај Агромеханика кадешто заеднички дискутираа за проектите што се имплементираат за развој на Центар и се отворија сите важни прашања – од собирањето на млади на игралиштата и нарушувањето на јавниот ред, сѐ до проблемот со паркирањето, зеленила и оштетени површини.
Герасимовски, потенцираше дека во изминатиот период се реконструирани 20 улици, а до крајот на месец мај треба да биде готова и реконструкцијата на улицата „Дебарца“ којашто во моментов се работи со полна пареа.
„Покрај подобрувањето на безбедноста и условите за движење, ги унапредивме и условите во сите основни училишта и градинки, а пред една недела ја пуштивме во употреба и ново изградената градинка „Пролет“. Ја подигнавме хигиената на повисоко ниво и покрај предизвиците со Комунална хигиена и Град Скопје. Во однос на осветлувањето, веќе поставивме ново осветлување, а детското игралиште е неколку пати санирано и реконструирано, затоа е многу важно заеднички да го чуваме. Да се грижиме за јавното добро“, истакнува Герасимовски.
На средбата, се отвори темата и за протекување во подземните гаражи, но и за потребата од санација на фасадите, теми што бараат итна интервенција, извести општина Центар.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Улицата Дебарца готова до крајот на месецот, се работи со полна пареа

Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, изврши увид во градежните активности за реконструкција на улицата „Дебарца“, каде се работи со засилена динамика.
Во оваа фаза се врши гребење на старата и дотраена асфалтна подлога во должина од 240 метри, по што ќе следи поставување на нов асфалт. Завршена е и реконструкцијата на тротоарот со поставување нов бекатон, на површина од 900 квадратни метри, а поставени се и нови рабници од двете страни на улицата, извести Општината.
„Во моментов сме на терен, каде интензивно се изведува реконструкција на улицата ,,Дебарца”. Очекуваме работите целосно да завршат до крајот на месецот, согласно планираната динамика”, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Aктивностите се дел од пошироката реконструкција на улицата „Дебарца“, на потегот од улицата „Ленинова“ до студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу“. Станува збор за целосна санација на коловозната површина од 1.700 квадратни метри.
Овој дел од улицата беше во многу лоша состојба, со сериозни оштетувања кои го отежнуваа нормалното одвивање на сообраќајот, соопшти Општината.
„Со реконструкцијата, ја подобруваме безбедноста и условите за движење, но даваме и нов, поуреден изглед на просторот“, посочи Герасимовски.
Оваа интервенција се реализира во рамки на инвестиција вредна 40 милиони денари, обезбедена од претходната Влада, со намена за обнова на улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, додаваат од општина Центар.