Македонија
Делови од скопските општини без струја
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН Македонија, известува дека денеска поради планирани технички зафати, без електрична енергија ќе останат:
– во време од 9:00–15:00 часот корисниците на дел од ул.1 во с.Мирковци, дел од с.Горно Оризари и населеното место Голиево. (о. Чучер Сандево).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарското МНР: Скопје повторно отстапува, прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците е внатрешно
Бугарија изразува загриженост за отстапувањата на Скопje од Европскиот консензус од 2022 година, се вели во ставот на Софија, објавија бугарските медиуми.
Република Бугарија, според објавеното, со загриженост ги забележува најновите тези составени од властите во Скопје, кои остро отстапуваат од суштината на Европскиот консензус од 2022 година.
„Прашањето на кој јазик треба да биде Планот за правата на заедниците што се очекува од Северна Македонија е внатрешно за соседната земја и не е тема на билатералните односи. Документот ќе го спроведуваат токму нејзините институции кон сопствените граѓани и логично е да биде на јазик достапен за нив. Изборот на Скопје да им го претстави нацртот на овој план на своите граѓани на англиски јазик е тешко да се објасни, особено ако Планот е планиран да се спроведе всушност“, се вели во ставот на бугарското Министерството за надворешни работи, според написите.
Властите во Софија потсетуваат дека Планот за права на заедниците е чекор наменет да следи по вклучувањето на Бугарите во уставот, кој сè уште е во тек и кој ќе им овозможи на нашите соседи да отворат преговори за пристапување.
„Во исто време, ги поздравуваме зборовите на премиерот Христијан Мицкоски дека ќе ги „прифати сите други коментари“ на бугарската заедница во Планот и сметаме на него да го одржи ова ветување кон нив“, соопшти Министерството за надворешни работи.
Македонија
Бадникови поворки на 6 јануари: се организираат во 80 градови и населени места низ Македонија
Здружението „Бадникови поворки“ информира дека и оваа година, на 6 јануари 2026 година, ќе се одржат Бадниковите поворки, како најголема народно-културна и духовна манифестација во земјава, посветена, како што велат, на радосното и достоинствено најавување на Христовото Рождество – Божик.
„Годинава, Бадниковите поворки ќе се одржат во рекордни 80 градови и населени места низ Македонија, како и во македонската дијаспора во Словенија, Италија, Австрија, Франција и Соединетите Американски Држави, обединувајќи илјадници деца, семејства и заедници во духот на радоста, светлината и заедништвото на празникот.
Централната Бадникова поворка во Скопје ќе обедини учесници од речиси сите скопски општини, заедно со нивните градоначалници, кои и оваа година активно учествуваат во реализацијата на манифестацијата.
Во духот на долгогодишната традиција, во претпладневните часови на 6 јануари, градоначалниците и општинските тимови најпрво ќе ги пречекаат и даруваат коледарчињата во своите општини, каде што децата, во придружба на своите родители, баби и дедовци, ќе ја споделат радоста на празникот.
Потоа, со организиран превоз, коледарчињата и нивните семејства ќе се упатат кон централната манифестација во Скопје, каде што ќе се оформи најголемата Бадникова поворка во Македонија.
Формирањето на поворката ќе започне пред Музејот на Град Скопје, од 11:30 до 12:00 часот. Токму овде, на сите деца кои немаат ѕвездичка, бесплатно ќе им биде подарена Божикна ѕвезда, а сите учесници ќе добијат и уметнички магнет со божикна порака – симболичен подарок за спомен од Бадникови поворки 2026, кој ќе ја продолжи празничната радост и по завршувањето на настанот.
Точно во 12:00 часот, оформената бадникова поворка пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе тргне од Музејот на Град Скопје и, движејќи се по улица „Македонија“, ќе пристигне на плоштадот „Македонија“, пред сцената поставена кај Божикната пештера.
На сцената, како круна на целокупната манифестација, ќе биде изведена „Божикна авантура“ – голема музичко-сценска изведба во живо, во која ќе учествуваат повеќе од 40 музичари, актери, пејачи и „Златно славејче“.
Традиционално, во претпладневните часови на 6 јануари, организирани групи деца и млади од Бадниковите поворки, пеејќи ја песната „Вечниот Бог“, ќе реализираат празнични посети кај:
Претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова,
Архиепископот Охридски и Македонски, г.г. Стефан,
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, со што ќе ја споделат радосната вест за Христовото Рождество.
Здружението „Бадникови поворки“ ги поканува сите граѓани, семејства и деца да се приклучат на Бадниковите поворки 2026. Не е потребно претходно пријавување.
Со оваа манифестација, веќе 16 години, Бадниковите поворки се симбол на светлина, заедништво и достоинствено празнување на Бадник во Македонија и пошироко“, се истакнува во соопштението.
Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура и Град Скопје.
Македонија
Најголемиот пријател на Мицкоски, Орбан го поддржуваше Мадуро, велат од СДСМ
САД спроведоа конкретни дејствија поврзани со криминални активности во Венецуела, при што цел беше Николас Мадуро. Христијан Мицкоски, од една страна тврди дека ги поддржува САД дека Владата ја поддржува акцијата во Венецуела, а од друга страна изјавува дека била спротивна на меѓународното право, велат од СДСМ.
„Значи Мицкоски ја поддржува, ама и не ја поддржува акцијата на САД.
Пред оваа интервенција на САД, кои беа единствените европски политичари и држави што отворено го поддржуваа и градеа соработка со Мадуро?
Тоа беа најблиските сојузници и пријатели на Мицкоски: Виктор Орбан во Унгарија и Александар Вучиќ во Србија и сестринската партија на ВМРО-СНС.
Вучиќ само пред неколку месеци најавуваше продлабочување на соработката со Мадуро, додека Виктор Орбан со години беше еден од неговите најгласни поддржувачи во Европа.
Граѓаните одамна ја знаат поврзаноста на ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски со неговата сестринска партија СНС на Вучиќ. Освен идентичните политики, „copy-paste“ сценаријата, СДСМ откри и конкретни бизнис-релации, преку скандалот со Алта банка“.
Во своето последно интервју, додаваат од опозициската партија, Мицкоски отворено зборува и за својот „близок пријател“ Виктор Орбан – политичар кого Европската унија го обвинува за корупција, особено по скандалите со имотот што се води на име на неговиот татко.
Прашуваат што е заедничко за сите овие десничарски политичари?
„Заедничко е тоа што околу сите нив се отвораат тешки и сериозни теми за криминал, корупција и подривање на демократските институции.
Во САД беше усвоен и Законот за Западен Балкан, потпишан од Доналд Трамп, со јасен и недвосмислен фокус на борбата против криминалот и корупцијата во регионот.
По сите овие факти и по судбината на неговите најблиски политички пријатели, логично се наметнува едно прашање: дали Христијан Мицкоски спие мирно“.

