Скопје
Неколку автобуски линии ќе сообраќаат по изменети траси
ЈСП известува дека денеска, среда, и в четврток, поради одржување на министерскиот совет на ОБСЕ, јавниот превоз ќе функционира со изменет режим од вообичаениот, а продажните места на ЈСП ќе имаат изменето работно време од редовното.
В петок, 1 декември, јавниот превоз ќе продолжи да функционира вообичаено, а ова се однесува и на билетарниците и на центрите за персонализација на ЈСП „Скопје“.
Жичницата сите денови ќе функционира вообичаено, од 10 до 17 часот.
Режим на јавен превоз
Денеска, среда (29.11.2023) автобусите ќе возат вообичаено во согласност со важечкиот возен ред (делничен зимен).
В четврток (30.11.2023) ќе сообраќаат по саботен возен ред.
Почнувајќи од денеска, среда (29.11.2023) од 13 часот, па сѐ до завршување на министерскиот совет на ОБСЕ в четврток (30.11.2023), линиите 7, 8, 15, 15А, 18, 19, 21А, 26, 29, 59, и 118 ќе сообраќаат по изменети траси.
Траси на движење
Линии 8 и 15А
– од мостот „Гоце Делчев“, наместо по булеварар Илинден, ќе продолжуваат по булеварот Партизански одреди.
Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.
Линии 7, 15, 19, 26, 29 и 59
– наместо на крајните терминали во Карпош 3 и Карпош 4, ќе продолжуваат по булеварот Партизански одреди, па десно по улицата Никола Парапунов (стара телевизија), каде што не чекаат време, туку веднаш ќе продолжуваат десно по булеварот Илинден, па десно по улицата Љубљанска, па со лево свртување ќе продолжуваат по булеварот Партизански одреди.
Линии 18, 21А и 118
– од булеварот Крсте Петков Мисирков ќе продолжуваат право кон Бит-пазар, потоа по булеварот Никола Карев (пластичарската улица) и од кај Момин Поток ќе продолжуваат по сопствените редовни траси до крајните стојалишта.
Посочениот режим ќе важи и во двете насоки на движење.
Работно време на продажни места
Денеска, среда (29.11.2023), сите билетарници и центри за персонализаација на ЈСП „Скопје“ ќе работат од 6.30 до 13 часот.
В четврток (30.11.2023) за сите ќе биде неработен ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

