Скопје
Општина Аеродром: ЈП „Паркови и зеленило“ иако се платени од жителите, целосно го занемарија јавното зеленило

Општина Аеродром ја информира јавноста дека одржувањето на јавните зелени површини во голема мера е под надлежност на Град Скопје, односно на ЈП „Паркови и зеленило“, но со жалење мораат да констатираат дека „оттаму не ги извршуваат квалитетно своите обврски на ниво на нашата територија“.
„Во изминатиот период сме сведоци на лоши слики од исушени и пожолтени тревници за кои треба да се грижат од ова градско јавно претпријатие. Дополнително, сакаме да ги информираме граѓаните дека Општина Аеродром на постојните јавни зелени површини, во изминатите години на територијата на општината има изградено повеќе автоматски системи за полевање, вклучувајќи ги и бунарите, кои се предадени на ЈП „Паркови и зеленило“ како надлежно јавно градско претпријатие во нивно владение и користење“, велат од општина Аеродром.
„Овие системи и бунари се наоѓаат во реоните Ново Лисиче, Три Бисери, Јане Сандански од левата и десната страна, како и во Острово.
Но од неразбирливи причини за нас, веќе подолго време тие не се ставаат во функција, со што сме доведени во ситуација да бидеме опкружени со исушени тревници и дрвја. За ситуацијата да биде уште поаларманта, тоа се случува во овој летен период кога се соочуваме со екстремно високи температури, кога аеродромци треба да имаат можност да се разладуваат во парковите што се изградени за таа намена.
Да потсетиме дека секој месец граѓаните им плаќаат на градските јавни претпријатија за повеќе услуги, како што се тарифа за водна услуга, собирање смет и секако за ставката надоместок за одржување на јавното градско зеленило.
Општината преку официјални дописи до ЈП „Паркови и зеленило“ побара квалитетно и ажурно извршување на нивните обврски, но не доби никакви одговори и оттаму не излегуваат во пресрет на нашите обиди да ја вратиме старата слика за Аеродром.
Како Општина, ги уверуваме граѓаните дека сите површини што се под наша надлежност ги наводнуваме и ги одржуваме секојдневно и со тоа темпо ќе продолжиме и во иднина.
Уште еднаш испраќаме јавно апел до Град Скопје и до „ЈП „Паркови и зеленило“ да почнат да ги извршуваат своите задачи за што се уредно платени од парите на аеродромци“, се додава во соопштението на општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костовски: Нов модерен затворен базен во Бутел

Актуелниот градоначалник на Бутел и кандидат на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски им најави на граѓаните на Општината дека ќе добијат уште еден затворен базен во Бутел 1.
„Покрај затворениот базен кој се гради во дворот на ООУ „Ацо Шопов”, уште еден ќе се изради во дворот на ООУ „Св. Климент Охридски”.
Овој објект ќе биде симбол на она што претставува здрав живот за нашите деца.
Од моментот кога станав градоначалник на општина Бутел ветив дека грижата за нашите деца ќе биде мојот фокус.
На мое задоволство, покажавме дека со ефикасна работа и јасна визија можеме да го забрзаме развојот на спортската инфраструктура во нашата општина.
Пливањето како спорт има огромно значење за здравјето и развојот на младите генерации.
Со ова овозможуваме не само услови за развој на спортски таленти, туку и простор за рекреација и здрав живот за сите жители на општината.
Со силна динамика и посветеност ќе продолжиме да ги создаваме потребните услови за подобар живот и развој на граѓаните на општина Бутел“, вели Костовски.
Македонија
„Од 2.500 на 5.000 денари ја зголемуваме еднократната парична помош за пензионерите“, најави Герасимовски

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ и актуелен градоначалник Горан Герасимовски, информира дека од следната година еднократната парична помош за пензионерите се зголемува од 2.500 на 5.000 денари.
„Двојно ја зголемуваме еднократната парична помош, од 2.500 на 5.000 денари за пензионерите чии пензии се до висина на просечната пензија. Покрај тоа, го реализираме и нивното барање и ќе изградиме дом за стари лица во Центар. Нашите баби и дедовци заслужуваат да живеат посреќно, за Центар што го сакаме“, вели Герасимовски.
Тој, потенцира дека домот за стари лица е предвидено да се изгради на Водно и ќе има капацитет за 50 лица, по европски стандарди, со 24 часовна медицинска помош.
Герасимовски истакнува дека продолжуваат и бесплатните еднодневни екскурзии низ Македонија за да им се овозможи на сениорите дружење и рекреација.
Македонија
Делови од Центар и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:30 часот, корисниците од ул. Ѓорѓи Скрижевски (Општина Центар)
· од 08:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од ул. Патрение Зографски, од раскрсницата со ул. Рилски Конгрес до раскрсницата со ул. Тодор Александров. (Општина Центар)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)