Скопје
Општина Аеродром: ЈП „Паркови и зеленило“ иако се платени од жителите, целосно го занемарија јавното зеленило
Општина Аеродром ја информира јавноста дека одржувањето на јавните зелени површини во голема мера е под надлежност на Град Скопје, односно на ЈП „Паркови и зеленило“, но со жалење мораат да констатираат дека „оттаму не ги извршуваат квалитетно своите обврски на ниво на нашата територија“.
„Во изминатиот период сме сведоци на лоши слики од исушени и пожолтени тревници за кои треба да се грижат од ова градско јавно претпријатие. Дополнително, сакаме да ги информираме граѓаните дека Општина Аеродром на постојните јавни зелени површини, во изминатите години на територијата на општината има изградено повеќе автоматски системи за полевање, вклучувајќи ги и бунарите, кои се предадени на ЈП „Паркови и зеленило“ како надлежно јавно градско претпријатие во нивно владение и користење“, велат од општина Аеродром.
„Овие системи и бунари се наоѓаат во реоните Ново Лисиче, Три Бисери, Јане Сандански од левата и десната страна, како и во Острово.
Но од неразбирливи причини за нас, веќе подолго време тие не се ставаат во функција, со што сме доведени во ситуација да бидеме опкружени со исушени тревници и дрвја. За ситуацијата да биде уште поаларманта, тоа се случува во овој летен период кога се соочуваме со екстремно високи температури, кога аеродромци треба да имаат можност да се разладуваат во парковите што се изградени за таа намена.
Да потсетиме дека секој месец граѓаните им плаќаат на градските јавни претпријатија за повеќе услуги, како што се тарифа за водна услуга, собирање смет и секако за ставката надоместок за одржување на јавното градско зеленило.
Општината преку официјални дописи до ЈП „Паркови и зеленило“ побара квалитетно и ажурно извршување на нивните обврски, но не доби никакви одговори и оттаму не излегуваат во пресрет на нашите обиди да ја вратиме старата слика за Аеродром.
Како Општина, ги уверуваме граѓаните дека сите површини што се под наша надлежност ги наводнуваме и ги одржуваме секојдневно и со тоа темпо ќе продолжиме и во иднина.
Уште еднаш испраќаме јавно апел до Град Скопје и до „ЈП „Паркови и зеленило“ да почнат да ги извршуваат своите задачи за што се уредно платени од парите на аеродромци“, се додава во соопштението на општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Сензорни соби во 5 училишта, ангажиравме 50 лични асистенти, бесплатен паркинг за лицата со општетен слух
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски потенцира дека општината вложува во инклузивни проекти на локално ниво со цел подобрување на животот на лицата со попречености.
„Денешниот Меѓународен ден на лицата со попреченост, 3 декември е силен потсетник дека сите ние – институции, невладини организации, граѓани мора заеднички да работиме за да овозможиме поквалитетен живот на овие лица. Општина Центар се грижи за сите групи граѓани, со посебен фокус на лицата со попреченост. Обезбедивме сензорни соби во училиштата „Киро Глигоров“, „11 Октомври“, „Песталоци“, „Кочо Рацин“ и „Гоце Делчев“. Ангажиравме 50 лични асистенти за учениците со посебни образовни потреби“, вели Герасимовски.
Герасимовски потенцира се обезбедува инклузивност во образовниот процес на територија на општината.
„Поставивме лифт и тоалет за учениците со потешкотии во движењето, како и пристапна рампа за непречен пристап во ОУ „Коле Неделковски“. Во тек е изградбата на новата инклузивна градинка „Пролет“ и овозможивме бесплатен паркинг за сите лица со општетен слух на сите паркинзи на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“. Општина Центар е инклузивна општина и продолжува во овој дух и понатаму да делува, да работи за сите граѓани без разлика на нивната различност или пак, попреченост, истакна Герасимовски.
Проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попречености од Општина Центар се одвива во континуитет. Откако е почнат проектот во месец февруари 2024 година, реализирани се вкупно 197 бесплатни транспорти.
Скопје
Герасимовски: Бесплатниот транспорт до болница за лицата со попречености искористен 197 пати
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски информира дека проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попречености од Општина Центар се одвива во континуитет. Откако е почнат проектот во месец февруари 2024 година, реализирани се вкупно 197 превози, со што значително е олеснето секојдневието на семејствата што имаат членови со некаква попреченост.
Герасимовски, го посети четириесет и девет годишниот Роберт, лице со мултипла склероза и попреченост за да види како се имплементира проектот во соработка со Црвениот Крст на Град Скопје.
„Роберт е сопруг и татко на две прекрасни малолетни ќерки кој дава сѐ од себе да ги истурка на вистинскиот пат. Роберт е лице со мултипла склероза и попреченост, но со голема желба за посреќен живот. При вчерашната заедничка средба се воодушевив од неговиот позитивен став за животот – животна филозофија којашто сите ние мора да ја практикуваме без разлика на состојбата во која се наоѓаме. Роберт е задоволен од проектот за бесплатен превоз до здравствените установи за сите полнолетни лица со попреченост од Општина Центар. На Меѓународниот ден на лицата со попреченост, 3 декември Ве уверувам дека нема да се откажам од грижата за лицата со попречености, како што и самиот Роберт вели „нема откажување, одиме заеднички до подобар живот“, истакнува Герасимовски.
Проектот предвидува превоз до здравствените установи со наменски возила за корисници за лица над 18 години, кои користат ортопедско помагало (инвалидски колички, дубаци или одалки), а живеат на територија на Општина Центар-Скопје, како и лица над 18 години кои не користат ортопедско помагало, но поради болест се во лежечка состојба (неподвижни).
Општина Центар, продолжува да вложува во проекти што ја зајакнуваат социјалната и здравствената заштита за граѓаните.
Граѓаните кои имаат потреба од користење на оваа услуга, потребно е својот превоз да го закажат минимум 24 часа однапред јавувајќи се на телефонскиот број 02/15330, во контакт центарот на ЦКРСМ, секој ден (од понеделник до петок), од 06:00 до 00:00 часот. Со остварување на 1 телефонски повик може да се закаже превоз за еден корисник, до една конкретна дестинација.
Термин за превоз се закажува по принципот “прв дојден прв услужен”, а транспортот се врши од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Корисникот при закажување на термин за користење на наменско возило потребно е да даде целосни и вистинити податоци и тоа:
– Лични податоци (име и презиме, телефонски број за контакт и сл.)
– Потребата за користење на придружба за време на превозот со наменско возило и доказ за закажан термин во здравствена установа. Краток опис на здравствената состојба и/или состојбата во кој се наоѓа и причината заради која има потреба од превоз со наменско возило (доколку корисникот е подвижен превозот ќе се реализира со мало наменско возило, а доколку корисникот е неподвижен превозот се вржи со специјално наменско возило)
– Адресата на живеење, односно адресата од која е потребно да се реализира превозот, како и назив, како и адреса доколку ја поседува оваа информација на институцијата до која бара да биде превезен, датум и час на превозот, а во случај на потреба и временски период за враќање
– Податоци за лице и телефонски број на кој ова лице ќе биде контактирано во случај на итна потреба. Корисниците имаат право на бесплатен превоз во еден правец максимум 10 пати во текот на 1 година но доколку имаат потреба од повеќе истиот може да го платат согласно ценовникот на Црвен крст на Република Северна Македонија.
Скопје
Без вода дел од Гази Баба
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека, денеска поради монтажата на против пожарен хидрант (ППХ ф 80 мм) кај Хотел Белви прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од дел од населба Инџиково вклучително и Хотел Белви во општина Гази Баба.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.