Скопје
По 30 години, реконструкција на „Солунска Глава“, „Тошевска“, „Шиндаровска“ и крак од „Илија Ристевски“
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес изврши увид во градежните активности во селото Драчево. Таму во напредна фаза е реконструкцијата на повеќе улици, кои се видно оштетени и на ваков реконструктивен зафат чекале повеќе од 30 години. Се работи на улиците „Солунска Глава“, „Тошевска“, „Шиндаровска“ и крак од „Илија Ристевски“, потег со површина од приближно 5.000 квадратни метри.
„Продолжуваме со обнова на патната инфраструктура во општина Кисела Вода, со која, како што ветив, ќе бидат опфатени сите населби и населни места и денес сме во селото Драчево. На оваа локација, на површина од речиси 5.000 квадратни метри, вршиме реконструкција на неколку сообраќајници за кои три децении жителите до локалната власт пријавувале потреба од санација, од реконструкција, но, за жал, тоа досега не се случило. Задоволен сум од динамиката на работа и можам да кажам дека за десетина дена ќе финализираме со реконструкцијата на улиците Солунска Глава, Тошевска, Шиндаровска и кракот од улицата ‘Илија Ристевски’. Сите наши жители заслужуваат достоинствени услови за живеење и ние продолжуваме интензивно да работиме и да го менуваме на подобро ликот на општина Кисела Вода“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Прва сесија на буџетскиот форум: граѓаните на општина Центар го креираат општинскиот буџет
Општина Центар го започна процесот на планирање на буџетот за 2025 година со првата граѓанска форумска сесија, на која учествуваа градоначалникот Горан Герасимовски, раководителите на сите сектори на општинската администрација, советниците од Советот на општината, претставници на невладини организации и жителите на општината.
Градоначалникот Герасимовски во своето обраќање се осврна на досегашните постигнувања, а ги претстави и амбициозните проекти за наредната година: реконструкција на салата Работнички, улиците „Светозар Марковиќ“ и „Дебарца“, и новата општинска зграда.
„Сакам да најавам голем проект кој го планиравме и кој беше дел од нашите ветувања – изградба на нова зграда на Општината. Убеден сум дека ќе успееме да најдеме време и финансии за да го отпочнеме овој значаен проект. Пред неколку недели заврши и конкурсот за идејно решение. Верувам дека со заеднички сили ќе успееме наредната година да ја отпочнеме ветената општинска зграда“, истакна Герасимовски.
На форумот граѓаните активно се вклучија во дискусијата, изнесувајќи предлози и барања, а потоа имаа можност да разговараат директно со претставниците од секторите за можните решенија.
Нивните предлози се однесуваат на воведување униформи за учениците, создавање единствена комуникациска е-платформа за училиштата во Општина Центар, општинскиот Црвен Крст Центар иницираше хуманитарни паркинзи, каде средствата собрани од паркирањето ќе бидат наменети за хумани цели, предложен е и посилен надзор врз детските игралишта, воведување мерачи за бучавата и комунална полиција.
Во делот на инфраструктурните проекти со општинската администрација граѓаните предложија, реконструкција на улицата „50 Дивизија“ и изградба на градинка на истата улица, ново основно училиште во населбата Дебар Маало 2 кај салата Партизан, целосна реконструкција на паркингот кај Дом на градежници, реновирање на патеката од ул. „Даме Груев“ до Палома Бјанка со замена на разнишаните плочки и нестабилните шахти, обезбедување безбедни коридори до училиштата и градинките со фокус на тротоарите без пристапност, замена на опремата во детските игралишта во Општина Центар, поплочување на улиците на Кале, како и подобрена пристапност за лицата со попреченост.
До крајот на годината ќе се одржи уште една финална граѓанска буџетска сесија, а во меѓувреме, предложените идеи и иницијативи ќе бидат разгледани и анализирани. Целта на овие форуми е да се обезбеди учество на граѓаните во планирањето и реализацијата на буџетот за 2025 година, преку креирање приоритети на транспарентен начин.
Скопје
Неколку скопски населби денеска без струја
Поради планирани прекини во електро снабдувањето, денеска, без електрична енергија ќе бидат следните корисници:
– Од 08:00 до 15:00 часот, корисниците од дел од улицата Ѓорѓи Капчев (општина Аеродром);
– Oд 09:00 до 15:00 часот, корисниците покрај пругата од лева страна накај обиколница во село Волково; Од 11:00 до 13:30 часот, корисниците од дел од село Волково, дел од ул.56 (општина Ѓорче Петров);
– Од 09:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од булеварот Митрополит Теодосиј Гологанов зграда бр.72 и улицата Атинска зграда бр.12 (општина Карпош);
– Од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од село Љубин; Од 13:00 до 14:00 часот, корисниците од дел од село Бојане (општина Сарај);
– Од 09:00 до 12:00 часот, корисниците од дел од село Катланово (општина Петровец);
– Од 08:30 до 12:30 часот, корисниците од дел од село Љубин (општина Ѓорче Петров); и
– Од 11:00 до 13:30 часот, корисниците од дел ул. 56 во Волково (општина Ѓорче Петров)
Скопје
За време на викендот подигнати 60 кубни метри непрописно одложен отпад
Во текот на изминатиот викенд екипите на ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје реализираа активности за отстранување десетина диви депонии лоцирани во скопските општини Чаир, Центар, Кисела Вода и Ѓорче Петров.
Во општината Чаир е интервенирано во населбата Серава, како и на булеварот Никола Карев (пластичарска улица), каде што се подигнати 20 кубни метри отпад од дива депонија лоцирана во непосредна близина на скопското Теќе. Во општината Ѓорче Петров се расчистуваа диви депонии на улиците Борис Сарафов и Лихнида.
Екипите на претпријатието отстранија и приближно 15 кубни метри отпад одложен на јавна површина на улицата Вера Јоциќ во општината Кисела Вода.
Воедно, во текот на викендот се подигнати и околу 10 кубни метри отпад од картонска амбалажа и кабаст отпад одложени на кејот 13 Ноември во строгиот центар на градот.