Скопје
Фестивал на улична храна и на музика во срцето на Аеродром
Во паркот „Авионче“ од 5 до 8 септември ќе се одржи првиот фестивал на улична храна во Општина Аеродром (AERO Street Food Festival), при што ќе биде понудено уникатно гастрономско и музичко доживување за сите генерации.
Фестивалот се очекува да обедини 12 познати брендови за храна (Jojo’s BBQ, Oljo’s, Fat Kitchen, Sorelle Focaccia, Lora’s Sushi, Bistro 64, 15 за 12, Milkey, Destan, Smash Burger, La Pizza и Ноа Гирадико) со богата понуда од четири различни кујни: А – американска, Е – европска, Р – регионална и О – ориентална. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат специјалитети од уличната гастрономија, но и автентични традиционални јадења, проследени со богат избор на пијалаци.
Покрај храната, фестивалот секоја вечер од 17:30 до 00:30 часот ќе нуди музичка програма со настапи на врвни изведувачи (Рингтонс, Southpark, Breakdown band, Goce SAF, DJ Aleksandar Jordanov, DJ Marko, DJ Micov, DJ Shime, DJ Mono, DJ Foodieman, DJ Guardian и DJ Fico).
Програмата ќе биде збогатена и со интерактивни активности за публиката како натпревари во брзо јадење, квизови, трки и други забавни предизвици со награди, што ќе го направи фестивалот атрактивен за младите и семејствата.
„Првиот фестивал на улична храна во нашата општина е одлична можност да се афирмира урбаната култура и заедништвото преку храната, музиката и позитивната енергија. Убеден сум дека паркот „Авионче“ во септември ќе биде новото омилено место на жителите и посетителите на Аеродром“, изјави в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Фестивалот во срцето на Аеродром се организира со поддршка од Општината, а влезот за сите посетители е бесплатен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси
Со одлука на Владата на Република Македонија, Скопје ќе добие 100 нови, современи и целосно еколошки градски автобуси, чекор што ќе го промени секојдневието на илјадници граѓани кои го користат јавниот превоз, извести градоначалникот Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи.
„Како што истакна премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи. Тоа значи безбеден, навремен и достоинствен јавен превоз, но и силен удар во корист на заштита на здравата животна средина и чистиот воздух, наш приоритет што го должиме на нашите деца и идните генерации.
Оваа одлука е дел од стратешкиот договор влада со влада помеѓу нашата и владата на Унгарија, што овозможува набавка по исклучително поволни услови“, напиша градоначалникот.
Македонија
(Фото) „Водовод“ отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров
Јавното претпријатие Водовод и канализација – Скопје, известува, дека со цел да овозможи поголема достапност на услугите за своите корисници, отвори нов наплатен пункт во општина Ѓорче Петров. По тој повод, директорот на претпријатието, Иван Митровски, изврши увид во функционирањето и подготвеноста на новоотворениот наплатен пункт.

„Со отворањето на овој наплатен пункт, на корисниците им се овозможува плаќање на месечните сметки, проверка на состојбата на долгот за потрошена вода и пријавување на состојбата на водомерите.

Наплатниот пункт е лоциран во постоечкиот објект на ЈП Водовод и канализација -Скопје, на улица Ѓорче Петров, до Тинекс маркетот, и ќе работи секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот“, соопшти „Водовод“.

Од таму информираат дека наплатниот пункт во Сарај е затворен.

