Македонија
Шилегов за денот на животните: Скопје е единствениот град со јавно претпријатие за улични животни
По повод Светскиот ден на животните, вчера градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, го посети паркот за миленици спроти Нова Македонија, каде поразговара за одговорно сопствеништво, чипирање и стерилизација на домашните миленици со сопствениците на кучиња кои беа во паркот.
„Град Скопје е единствениот град со јавно претпријатие за улични животни ‘Лајка’. Преку ‘Лајка’ се грижиме за бездомните животни на достоен и хуман начин. Граѓаните го паметат стационарот ‘Вардариште’ и хорор-сцените кои веќе заминаа во минатото“, изјави Шилегов.
Тој со присутните дискутираше за нивните предлози и идеи во однос на состојбата со животните во градот, но и за одговорноста која Скопје ја има кон нив и за хуманиот третман. ЈП „Лајка“ е уште една убава приказна во редот со кој Скопје чекор по чекор заликува на вистинска метропола.
ЈП „Лајка“ е многу повеќе од само стационар за кучиња. Тоа е место каде што се лекуваат, третираат, вдомуваат и ресоцијализираат бездомните животни. Во „Лајка“ животните добиваат целосен хуман и ветеринарен третман, крвна слика, 4Д тест, тест за лишманија и поминуваат темелни проверки, пред вдомувањето. За разлика од минатото и ‘Вардариште’, ‘Лајка’ е место на радост и среќа“, додава Шилегов.
Со поддршка на Град Скопје, новиот концепт и објектот на прифатилиштето на ЈП „Лајка“, на граѓаните им става на располагање сервис за бездомни кучиња кој никогаш досега го немале.
Светскиот ден на животните, воспоставен во 1925 година, се одбележува секој 4 октомври, како ден на кој ја подигнуваме свеста за правата на животните и нивната добросостојба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Од Пинтија до Драчево ќе се гради современ булевар со четири ленти
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски најави дека почнува реализацијата на изградбата на булеварот Борис Трајковски.
Објавена е јавната набавка, а по завршување на законската постапка, градежните работи се очекува да почнат за околу 40 дена. Рокот за изведба е до крајот на календарската година.
Проектот опфаќа изградба на современ булевар во должина од 850 метри, со четири коловозни ленти и безбедна пешачко-велосипедска патека, на потегот од трафостаницата во Пинтија до кружниот тек во Драчево. Со ова трајно ќе се реши долгогодишниот сообраќаен проблем со кој секојдневно се соочуваат над 100.000 граѓани.

Надлежните апелираат за трпение за време на градежните активности, нагласувајќи дека привремените отежнувања ќе донесат долгорочно, квалитетно и безбедно сообраќајно решение за сите граѓани.
Македонија
СДСМ бара оставка од Тошковски по трагедијата во Карпош
СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски по трагедијата во скопската населба Карпош, каде што починаа мајка и дете.
Од партијата велат дека случајот покажал сериозни пропусти на институциите во заштитата од семејно насилство.
„Институциите биле алармирани, имале сознанија и индиции за ризик, но со нивната несоодветна реакција не ги заштитиле жртвите“, наведуваат од СДСМ.
Од партијата оценуваат дека потфрлил институционалниот систем, вклучително и МВР и центрите за социјална работа.
Тие потсетуваат и на случајот во Велес, каде пред неколку месеци беше убиена млада жена заедно со нејзиниот татко, и покрај претходни пријави за насилство.
„Само во 2026 година изгубени се четири животи поради родово базирано и семејно насилство“, наведуваат од СДСМ.
Партијата бара оставка од Тошковски и темелна истрага која, како што велат, ќе утврди одговорност кај сите службени лица од МВР, центрите за социјална работа и другите надлежни институции.
Македонија
Сончево време со температута од 17 степени, за утре метеоролозите најавија повремени локални врнежи од дожд
Времето претпладне ќе биде сончево со мала до умерена облачност и со услови за појава на утринска магла по одделни котлини. Попладне облачноста ќе се зголеми и ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 5, а максималната ќе достигне од 13 до 17 степени.
Во Скопје, претпладне сончево со мала до умерена облачност, а попладне променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец сончево со мала до умерена облачност. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 17 степени, јавува УХМР.
Во следните денови ќе преовладува сончево и релативно топло време со мала до умерена облачност, освен во четврток кога ќе има повремени локални врнежи од дожд. Утре и во четврток по одделни котлини ќе има услови за појава на слаба магла.

