Македонија
Шилегов: Пакетот од финансиска поддршка е наменет за сите групи граѓани во следните четири години

Со гордост ја почнувам оваа кампања со пакет социјални поволности за возрасните и пензионерите, лицата со попреченост, лицата со ретки болести, младите и идните родители, изјави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.
Продолжуваме со остварување активности за поквалитетен живот во нашето Скопје, за подобро секојдневие на нашите сограѓани, за поудобни и безгрижни денови во нашиот град, додаде Шилегов.
✔️ Овозможуваме бесплатен јавен градски превоз за сите пензионери во Скопје секој ден во неделата;
✔️ Овозможуваме бесплатен медицински транспорт за лицата во трета доба и лицата со попреченост до здравствените институции во градота;
✔️ Лицата со ретки болести, кои живеат во Скопје, ќе може исто така бесплатно да го користат јавниот градски превоз. Трошоците за хроничната терапија што ја примаат ги олеснуваме преку финансиско ослободување за јавниот превоз за нив и нивната придружба при користење на превозот;
✔️ На сите постдипломци и докторанди што студираат во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси;
✔️ Учениците од државните основни училишта во градот ќе добиваат до 50 % поевтин оброк за време на престојот во училиште;
✔️ Ќе доделуваме 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје, кои ќе се запишат на некој од државните универзитети, а за секој средношколец од државните училишта обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој;
✔️ Го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање максимум 50 % од месечниот трошок;
✔️ За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. Го дополнуваме семејниот буџет за дополнителните трошоци што не се признаени со основните поволности на Фондот за здравствено осигурување или во дополнителен обид, кој не е покриен од Фондот.
„Скопје е град на солидарноста и како таков мора да се грижи за сите, а парите на граѓаните да ги враќа онаму каде што се најпотребни. Преку овој пакет-мерки градот вложува во квалитетот на живот. Градот е еднаков за сите граѓани, транспарентен и солидарен град, град на успешен соживот“, истакна Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ЗНМ: Апелите од Министерството за здравство се на граница на цензура

Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) со загриженост ја следи јавната комуникација на Министерството за здравство, во која се упатуваат апели до медиумите кои се ограничувачки по својата содржина и претставуваат обид за воспоставување на лоша институционална пракса во односите со медиумите.
„Како ЗНМ, го осудуваме обидот на Министерството да наметнува практични правила за тоа како медиумите треба да известуваат, особено кога тоа се однесува на чувствителни настани од јавен интерес. Таквите инструкции, иако формално претставени како апели, во суштина се форма на институционален притисок и можна цензура, што е спротивно на основните демократски принципи и правото на слобода на изразување“, велат од ЗНМ.
Потсетуваат дека членот 16 од Уставот гарантира слобода на јавното информирање и забрана на цензурата, а прашањата поврзани со новинарската етика и професионализмот припаѓаат исклучиво на саморегулаторната сфера. За тие прашања постојат Советот за етика во медиумите и Судот на честа при ЗНМ, кои се единствено надлежни да оценуваат евентуални повреди на етичките норми.
„Ги повикуваме новинарите и медиумските работници да продолжат да известуваат со професионализам, етика и чувствителност, особено кога се работи за трагични настани и ранливи групи. Но истовремено, укажуваме дека секој обид за институционално ограничување на пристапот до информации и начинот на известување е неприфатлив и штетен по јавниот интерес“, велат од Здружнието.
ЗНМ останува отворено за дијалог со институциите со цел унапредување на транспарентноста и заемната соработка, но цврсто стои во одбрана на уредувачката независност, медиумската слобода и правото на јавноста да биде информирана – како темелни вредности на секое демократско општество.
Македонија
Евакуација во Психијатриската болница Бардовци, пожарот го зафати дворот

Попладнево избувна пожар во населбата Геге кој се прошири кон населбата Бардовци и зафати дел од површината на дворот на Психијатриската болница Бардовци, обраснат со висока сува трева и дрвја.
Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираа дека пожарот претставувал опасност да се прошири во целиот комплекс на болницата. Пациентите и персоналот веднаш биле евакуирани, безбедно изнесени надвор од кругот на болницата.
ЦУК под водство на директорот Мухамед Али, побарал дополнителни сили од Бригадата за противпожарна заштита (БППЗ) и координирал со Хеликоптерската единица на Министерството за внатрешни работи (МВР). Првично се разгледувала можноста за пренасочување на воздушната поддршка, која дејствувала во општина Чучер Сандево – Блаце, за да помогне во гаснењето на пожарот во Бардовци.
Во моментот, пожарот е ставен под контрола и нема потреба од дополнителна воздушна поддршка. Хеликоптерот на МВР останува ангажиран кај Блаце, општина Чучер Сандево.
На лице место, заедно со директорот на ЦУК, Мухамед Али, беше и директорот на болницата, Иса Абдулаи, кои ја координираа целата акција.
Македонија
Хеликоптер го гасне пожарот кај Блаце

Хеликоптер на Министерството за внатрешни работи е веќе вклучен во акцијата за гаснење на пожарот кој избувна над магистралниот пат Скопје – Граничен премин Блаце.
Пожарот избил на потегот пред тунелот, од десната страна на коловозот. Зафатил тежок и непристапен терен, па по дојава на бројот за итни случаи 112, Центарот за управување со кризи (ЦУК) веднаш побарал воздухопловна поддршка. Хеликоптерската единица бргу се активирала, а акцијата на терен се координира заедно со припадници на противпожарните служби и други надлежни институции.