Скопје
Ѓорѓиевски: Владата да ги одземе ингеренциите на Град Скопје за „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“

Денес, на иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, во просториите на Општина Кисела Вода се одржа координатива средба со скопските градоначалници, на кои се дискутираа актуелните проблеми со кои се соочуваат жителите на Скопје. Соочени и загрижени поради нефункционалноста на јавните претпријатија, кои се под надлежност на Град Скопје, едногласно донесоа одлука да се предложи до Владата и Министерството за животна средина да ги одземат ингеренциите на јавните претпријатија „Комунална хигиена“ и „Паркови и зеленило“.
„Ние имаме чести средби со моите колеги градоначалници, на кои ги евидентираме проблемите и предизвиците со кои се соочуваме и заеднички бараме решенија. Денешната координативна средба ја иницирав токму поради вакви многубројни наталожени проблеми, со кои се соочува главниот град и она што како приоритетно сите го издвоивме е нашето незадоволство и загриженоста за состојбата со јавните претприја ‘Комунална хигиена’ и ‘Паркови и зеленило’. Негрижата и неработењето на овие претпријатија резултираа со преполни контејнери, наталожен отпад насекаде и создадени депонии низ главниот град на државата. Во услови на летни температури од над 40 степени ова повеќе не е само естетски проблем туку претставува сериозна закана за здравјето и животот на нашите сограѓани. Преплавени сме од поплаки, од барања ние да направиме нешто кога веќе Градот Скопје не се грижи. И верувајте, нашата борба трае веќе долго. Нема да говорам за константните јавувања, дописи до ЈП Комунална хигиена и до ЈП Паркови и зеленило и до нивната шефица, градоначалничката Данела Арсовска. Ќе потсетам дека во повеќе наврати се самоорганизираме за чистење, што верувајте не е едноставно бидејќи немаме механизација, ниту човечки ресурси, а најиронично во целата ситуација е тоа што моравме да водиме и војна со градоначалничката Данела Арсовска која, замислете, минатото лето, не ни дозволи да го фрлиме собраниот отпад во Дрисла. Значи не само што јавното претпријатие во нејзина надлежност не си ја работеше работата, туку и не попречуваше нас да си ги исчистиме општините и да ги заштитиме нашите граѓани од зарази“, рече Ѓорѓиевски.
„Пред неколку седмици, јас, како градоначалник на Општина Кисела Вода и неколку други градоначалници од Скопје поднесовме прекршочни пријави против ЈП Комунална хигиена. Меѓутоа, очигледно и тоа не допира до нив бидејќи градот сѐ уште тоне во ѓубре и смрдеа. Сите сме согласни дека се потребни подрастични мерки.
Оттука, денес, едногласно одлучивме да побараме одземање на ингеренциите на ЈП Комунална хигиена I JП “Паркови и зеленило” од Град Скопје и нивно предавање на централната власт, односно на Владата. Предлогот, кој го поддржаа сите градоначалници, е назначување на владин претставник кој ќе ги управува претпријатијата, а потоа и целосно трансформирање на истите. Вработените и механизацијата да бидат распределени на општините, кои сами ќе се грижат за хигиената во своите заедници.
Не смееме да дозволиме вакво неодговорно однесување, ниту од страна на раководството на Град Скопје, ниту од Комуналнa хигиена. Градот Скопје не е полигон за детска игра каде што некој ќе тера инает и ќе ги казнува скопјани од само нему познати причини.
Повеќе не нѐ интересира дали се работи за некадарност, мрзеливост, неспособност или што и да е причината што нашата метропола е доведена во алармантна состојба. Нашите граѓани плаќаат за услуга што не ја добиваат и тоа мора да престане. Секој граѓанин има право на чист и здрав животен простор, а ние како градоначалници сме должни да го обезбедиме тоа“, истакна градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Костовски: Нов модерен затворен базен во Бутел

Актуелниот градоначалник на Бутел и кандидат на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ, Дарко Костовски им најави на граѓаните на Општината дека ќе добијат уште еден затворен базен во Бутел 1.
„Покрај затворениот базен кој се гради во дворот на ООУ „Ацо Шопов”, уште еден ќе се изради во дворот на ООУ „Св. Климент Охридски”.
Овој објект ќе биде симбол на она што претставува здрав живот за нашите деца.
Од моментот кога станав градоначалник на општина Бутел ветив дека грижата за нашите деца ќе биде мојот фокус.
На мое задоволство, покажавме дека со ефикасна работа и јасна визија можеме да го забрзаме развојот на спортската инфраструктура во нашата општина.
Пливањето како спорт има огромно значење за здравјето и развојот на младите генерации.
Со ова овозможуваме не само услови за развој на спортски таленти, туку и простор за рекреација и здрав живот за сите жители на општината.
Со силна динамика и посветеност ќе продолжиме да ги создаваме потребните услови за подобар живот и развој на граѓаните на општина Бутел“, вели Костовски.
Македонија
„Од 2.500 на 5.000 денари ја зголемуваме еднократната парична помош за пензионерите“, најави Герасимовски

Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ и актуелен градоначалник Горан Герасимовски, информира дека од следната година еднократната парична помош за пензионерите се зголемува од 2.500 на 5.000 денари.
„Двојно ја зголемуваме еднократната парична помош, од 2.500 на 5.000 денари за пензионерите чии пензии се до висина на просечната пензија. Покрај тоа, го реализираме и нивното барање и ќе изградиме дом за стари лица во Центар. Нашите баби и дедовци заслужуваат да живеат посреќно, за Центар што го сакаме“, вели Герасимовски.
Тој, потенцира дека домот за стари лица е предвидено да се изгради на Водно и ќе има капацитет за 50 лица, по европски стандарди, со 24 часовна медицинска помош.
Герасимовски истакнува дека продолжуваат и бесплатните еднодневни екскурзии низ Македонија за да им се овозможи на сениорите дружење и рекреација.
Македонија
Делови од Центар и Аеродром денеска без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:30 часот, корисниците од ул. Ѓорѓи Скрижевски (Општина Центар)
· од 08:30 до 14:30 часот, корисниците од дел од ул. Патрение Зографски, од раскрсницата со ул. Рилски Конгрес до раскрсницата со ул. Тодор Александров. (Општина Центар)
· од 09:00 до 13:00 часот, корисниците од дел од с. Долно Лисиче. (Општина Аеродром)