Македонија
Арсовска: „Градски паркинг“ ја намали цената, со системски мерки ќе го решаваме сообраќајниот хаос во Скопје
Градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска, на прес-конференција презентира реализирани активности што беа ветени за првите 82 дена од мандатот и притоа се осврна и на ветувањето за намалување на цената на паркинзите, одлука што стапува во сила од 1 март годинава.
„Поднесовме иницијатива по која Управниот одбор на Јавното претпријатие ‘Градски паркинг’ на 28.1.2022 донесе одлука за намалување на цената за паркирање на градските паркинзи во Скопје од 1.3.2022 година, со што уште едно од барањата на граѓаните е исполнето. Воедно, Јавното претпријатие со планираните нови катни и монтажни паркиралишта во Чаир, Аеродром, Центар и во Кисела Вода, во согласност со програмата во идниот период, ќе овозможи паркирањето во Скопје не само да биде поевтино туку да биде и подостапно за граѓаните“, истакна Арсовска.
„Ветивме дека ќе ги вратиме одбројувачите на семафорите и дека ќе ги вратиме функционалните зелени бранови, тоа и го направивме. Исполнето е ветувањето за поставување бројчаници на семафорите, на крстосниците каде што не се следи движењето од ЦУКС. Поставени се бројчаници на булеварот Христијан Тодоровски-Карпош, на семафорот на крстосницата со ‘Натанаил Кучевишки’, на крстосницата со ‘Боца Иванова’ и на крстосницата со булеварот Босна Херцеговина, а одбројувачи ќе бидат поставени дополнително и на семафорите за кои е детектирано дека се од важност за регулирање“, рече Арсовска.
Од таму информираа дека поради зголемен број реакции на граѓани што пристигнувале до отворената канцеларија на Градот, Град Скопје во соработка со Јавното претпријатие „Улици и патишта“ спроведува акција за нивелирање на шахтите на булеварите и на коловозите во надлежност на Градот.
„Досега во првите 82 дена се нивелирани 62 шахти со цел за подобро одвивање на сообраќајот во Скопје, како и намалување на оштетувањата на возилата на кои алармираат граѓаните затоа што во минатото не биле соодветно поставени шахтите по должината на коловозите. Оваа активност продолжува, при што редовна пракса ќе биде повеќе да нема неквалитетно изведени шахти на коловози при градба или реконструкција“, заклучи Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

