Македонија
Арсовска: Скопје ќе биде град на фестивали!
Возобновен фестивалот Златно Славејче, поголема финансиска поддршка за Скопски Џез фестивал, се само дел од решенијата во програмата за култура на независната кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска на денешната прес конференција.
„На Скопје му е потребна нова енергија, потребни му се културни случувања. Скопје ќе биде град на фестивалите. Планираме одржување на најмалку 12 фестивали, за секој месец во годината по еден фестивал. Златно славејче кое е симбол на Скопје ќе се возобнови. Градот ќе ја продолжи и ќе ја зголеми поддршката на Скопје Џез Фестивал. Само на тој начин ќе се гарантира популаризација, одржување и подем на овој фестивал кој го зазема своето место на листата најквалитетни џез фестивали во овој дел од Европа“, истакна Арсовска.
Таа додаде дека покрај функционална Универзалната сала ќе се изгради и концертна арена на отворено. Како дел од програмата е заживување на Старата чаршија преку проектот Ритамот на чаршијата, а ќе се посвети и дополнителна грижа за зачувување и популаризација на Куршумли Ан, Капан Ан, Сули Ан, Чифте Амам, Даут-пашин Амам и Безистенот. Во соработка со Општина Аеродром ќе се инвестира во нов мултифункционален културен центар во Ново Лисиче со кино и театар во општина Аеродром, додека пак со реализација на проектот Младите креираат во МКЦ ќе им се помогне на сите млади артисти со поддршка на нови и алтернативни настани. Планирана е организација и на Меѓународно Биенале на Град Скопје во сеќавање на скопскиот земјотрес, преку преку организирање на ликовни колонии и изложби кои ќе дадат слика за развојот на Скопје преку уметничка призма.
Според Арсовска доста е од ветувања без реализација посебно кога станува збор за ветувањата за реновирање на Универзалната сала.
„Цели четири години има само најави дека Универзална сала ќе се реновира, а 10 дена пред избори нешто се случува колку да се покаже дека е решено. Но, не е, бидејќи реализиран проект е кога ќе може скопјани пред себе да ја видат салата реконструирана во целост“, додаде Арсовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Меѓународните односи, реформите и борбата против корупција во фокусот на разговорите меѓу Сиљановска-Давкова и Варнс
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова ја прими Никол Варнс, вршителка на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на САД.
Таа изрази подготвеност за понатамошна соработката со истата динамика и посветеност како со претходната амбасадорка.
Разговорот започна со осврт на меѓународните односи, состојбите во НАТО, ЕУ и регионот.
Потоа соговорничките се фокусираа на македонските работи: реформските процеси во судството, дигитализацијата, борбата против корупцијата и организираниот криминал и реализацијата на инфраструктурните проекти.
За нив, инклузивниот модел на одлучување и меритократијата во сите сфери на општествениот живот, а особено во образовниот систем и во регрутирањето на државната и јавна администрација на највисоко ниво се клучни не само за нашата евроинтеграција, туку и за просперитетот на државата.
Во време на безбедносни предизвици и ризици, за обете, американско-македонското стратешко партнерство, како и сојузништвото во НАТО се важни за стабилноста.
Амбасадорката ја потврди американската подготвеност за унапредување на пријателските односи, поздравувајќи ја неодамна усогласената заедничка изјава за рамката за идниот Договор за реципрочна, фер и балансирана трговија, како значаен чекор во зајакнувањето на економската соработка.
Сиљановска-Давкова и Варнс очекуваат со Акцискиот план да се конкретизираат низа проекти во интерес на граѓаните.
Македонија
Укината забраната за сообраќај на камиони на патот Гостивар-Стража-Кичево
Од 17:20 часот укината е забраната за ТМВ на патниот правец Гостивар-Стража и обратно.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Врнежи од снег има на Пониква и на патниот правец Штип-Неготино кај с.Лесковица, кој во моментов не претставува пречка за одвивање на сообракајот, јави АМСМ.
Македонија
Повредата на данскиот скијач не се случила на патека под наша надлежност, велат од Ски центарот „Попова Шапка“
Повредата на скијачот од Данска не се случила на официјална патека администрирана од „Попова Шапка“, бидејќи ски-лифтот „Церипашина“ не бил во функција поради силните ветрови и неповолни временски услови, информираат од Ски Центарот.
Се додава дека скијачот бил гостин на приватен оператор кој работи надвор од патеките управувани од овој центар.
„Ски центарот сноси одговорност исклучиво за патеките и просторот што се под наша официјална администрација и управување, а не и за зоните каде што оперираат трети страни надвор од овие патеки“, се наведува во соопштението на Ски Центарот Попова Шапка..
И покрај тоа, веднаш по добивањето на информацијата за повредата, спасувачката единица излегла на терен за да обезбеди помош и да асистира при транспортот и третманот на повредениот.
Од Центарот посочуваат дека безбедноста на посетителите останува врвен приоритет и му се заблагодаруваат на спасувачкиот тим за брзата и професионална реакција.
„Макфакс“ претходно објави дека 24-годишниот скијач од Данска бил пронајден на Попова Шапка, а според информациите од полицијата тој бил повреден од снежна лавина и со повреди пренесен во болница во Скопје.

