Скопје
Без вода дел од Центар

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација – Скопје, информира дека поради уличен дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-80мм на улицата Партениј Зографски бр 23, без вода ќе останат корисниците од дел од истата улица во општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на интервенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Герасимовски: „Горан е тука“ – в недела заеднички го одбележуваме роденденот на Горан Стефановски

Општина Центар информира дека во недела, 27 април во 12.00 часот, во Дебар маало, кај спомен-клупата посветена на големиот драмски автор Горан Стефановски ќе се одржи настанот „Горан е тука“, по повод неговиот 73-ти роденден. На местото каде во 2019 година беше засаден чинар во негова чест – во триаголниот парк спроти кафеаните „Наџак“ и „Идадија“ – љубителите на театарот, пријателите, семејството и почитувачите на делото на Стефановски ќе се соберат да му оддадат почит.
Градоначалникот Горан Герасимовски, истакнува дека на одбележувањето на роденденот на Горан Стефановски ќе настапи музичката група „Аудио Скопје“, ќе се читаат одбрани текстови од и за Горан, во изведба на Саша Димитриевска, Мирјана Трпковска-Костовска и Трајанка Илиева-Вељиќ. Со свои настапи ќе се приклучат и пријатели од младоста, актери и уметници, Дарко Вељиќ ќе изведе пантомима, а Игор Стефановски ќе приреди музички сет како симболичен поздрав до ликот и духот на својот татко.
„Горан Стефановски не беше само писател – тој беше совеста на едно време, гласот што не потсетува кои сме и каде одиме. Неговите зборови сè уште одекнуваат во културниот простор на Македонија, во нашите мисли, во улиците на Дебар Маало. Со секој збор што го напишал, тој создал светови во кои се огледува нашето минато и иднина. За нас е чест што преку овој настан, дел од Програмата за култура за 2025, му оддаваме почит на еден од најголемите умови што ги имала оваа земја. Придружете ни се во овој свечен и искрен омаж на човекот чиј дух продолжува да живее преку неговите реченици и идеи. Горан не е само спомен – тој е присуство. Горан е тука“, вели Герасимовски.
Организатор на настанот е Здружението на граѓани Тим Театрос К од Скопје, кое со години го негува сеќавањето на Стефановски.
Македонија
Заврши проектот за скрининг на тироидната жлезда кај учениците во деветто одделение во општина Аеродром

Успешно заврши проектот за скрининг на тироидната жлезда кај учениците од деветто оделение во сите основни училишта во општина Аеродром, известуваат од Општината.
„Станува збор за прв ваков скрининг во Македонија, што се спроведе изминатите неколку месеци по иницијатива и од страна на специјалистите во оваа област, д-р Синиша Стојаноски и д-р Невена Маневска.
Огромна благодарност до нив, кои изминтиот период неуморно работеа и ги посетија сите основни училишта, при што извршија скрининг на тироидната жлезда кај тинејџерите, што секако наиде на одобрување и соработка од страна на родителите. За реализацијата на овој обемен проект помогнаа општествено одговорните компании БИ-МЕК и „Рагуза груп“.
Општина Аеродром е прва општина во земјата што спроведе ваков вид превентивни прегледи за што се надеваме дека ќе прераснат во редовна практика не само кај нас туку и во други општини.
Грижата за нашите деца и за нивното здравје е наш врвен приоритет и Општина Аеродром останува отворена за соработка со сите што покажуваат интерес за создавање подобро утре за младите генерации“, се наведува во соопштението на Општина Аеродром.
Македонија
Пуштено во употреба детско игралиште во Илинден

Општина Илинден континуирано работи на урбанизација на сите населени места. Овој пат, најголема насмевка на лицата имаа најмалите жители на населеното место Илинден, кои добија ново детско игралиште. Ова спортско-рекреативно катче се наоѓа во Илинден, близу новото подрачно основно училиште, соопшти Општината.
Поставено е на изградена бетонска плоча, врз која се поставени гумени плочки. Во рамки на детското игралиште има реквизити: комбинирана лизгалка, двојна лулашка, единечна клацкалка и други разни детски фигури. Игралиштето е оградено со ограда во вид на моливи. Исто така, поставени се и павер елементи и осветлување, како и клупи и корпи за отпадоци, кои се неопходен и неизоставен дел за уредување и одржување на просторот.
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на детското игралиште и истакна дека освен во просторната урбанизација, ова игралиште е од особена важност за релаксација и рекреација на најмалите жители.
Новите детски игралишта претставуваат континуитет на успешните проекти на Општина Илинден за урбанизација и уредување на сите населени места во општината. Во наредниот период ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места, соопшти општина Илинден.