Скопје
Водици во општина Кисела Вода: Светиот крст го фати Давид Мелоски
Празникот Водици беше најсреќен за 21-годишниот Давид Мелоски од Црниче кој денеска, меѓу педесетина други верници, успеа да го фати Богојавленскиот крст од осветените води на базенот „Расадник”.
-Многу сум среќен и очекувам здравје, среќа и бериќет оваа година, не само за мене, туку за сите-изјави најсреќниот Мелоски кој првпат решил да учествува на манифестацијата за положување на Светиот крст.
Честитки доби од сите присутни, кои и овој пат беа во огромен број, како и од градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Од него тој доби парична награда, а награди беа обезбедени и од поголем број на општествено одговорни компании.

– Mу честитам на најсреќниот Давид Мелоски кој го фати Светиот Крст, му посакувам добро здравје, среќа и радост и од Бога благословена година за него и за неговото семејство, а ние заедно со неколку општествено одговорни компании се потрудивме да го запамети овој ден и по повеќе награди. Му благодарам и за големиот гест на овој исто така голем ден, наградите да ги донира на оние кои имаат вистинска потреба. Воедно, им се заблагодарувам на сите кои денес најпрво беа дел од литијата што започна од храмот “Св. Ѓорѓи”, се заблагодарувам на свештенството од двата храма, ‘Свети Ѓорѓи” и “Света Петка”, кое го предводеше овој убав настан во духот на нашата вера и традиција и на КУД ,,Китка” кои со својата песна овозможија настанот да има уште потрадиционална и посвечена нота, им честитам на сите скокачи кои имаа храброст и се обидоа да го извадат Светиот Крст од водите. За мене и за сите православни верници ова е многу значаен и величествен ден, кога го славиме крштевањето како една од Светите тајни на Христијанството, го чествуваме зачетокот на човековото живеење во верата и прочистување на неговата душа. Масовноста и сплотеноста на мојот народ која денес ја гледаме е само потврда за исправноста на одлуката што ја донесовме – да ја возобновиме традицијата во Кисела Вода за положување на Крстот во осветената вода, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.

Ова е трето положување на Богојавленскиот крст откако Општина Кисела Вода, ја возобнови традицијата по иницијатива на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. И оваа година, манифестацијата започна со божествена литургија во храмот Св. Ѓорѓија, од каде потоа градоначалникот Ѓорѓиевски со Богојавленска литија заедно со свештенството, придружувани од КУД “Китка” и многу други верници, се упатија кон базенот “Расадник”.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

