Скопје
Герасимовски: Две години фокусирани на реалните потреби на жителите
Инвестиции во современо и инклузивно образование, нови паркинг-места, енергетска ефикасност, инфраструктура, развој на културата и спортот, градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, го претстави отчетот за сработеното во изминатите две години. Тој на прес-конференција посочи дека од почетокот на мандатот Општината е фокусирана и посветено работи на реалните потреби на жителите и локалната самоуправа, нејзиниот развој и поставување нови стандарди и иновативни проекти за поквалитетен живот и исполнето секојдневие.
„Оваа година го основавме трговското друштво ‘Енергија Центар’ за производство и продажба на електрична енергија од обновливи извори. Со овој проект Општина Центар ги носи иновациите и ќе биде првата енергетски независна и самоодржлива општина во државата. Првиот фотоволтаичен систем е веќе поставен на покривната површина на градинката ‘Раде Јовчевски-Корчагин’ во објектот ‘Пепелашка’ и тој треба да ги задоволи капацитетите за снабдување со електрична енергија и во зимскиот период. Преку основањето на ‘Енергија Центар’ ќе вложуваме и во нови енергетски фасади, поголемо зеленило, инфраструктурни решенија и проекти што ќе бидат од корист на сите граѓаните“, потенцира Герасимовски.
Тој порача дека грижата за најмладите е најважна поради што изминатите две години Општината посветено работеше на инвестиции во образованието.
„Грижата за најмладите е наша најважна работа, затоа инвестиравме и во нови енергетско-ефикасни фасади и реконструкција на покривните површини во градинките ’13 Ноември’, објект ‘Јасмин’ и објект ‘Пинокио’, а во објектот ‘Парк’ ги реконструиравме сите занимални. По 65 години ги проширивме капацитетите на училиштето ‘Коле Неделковски’. Инвестираме во доградба на 4 нови училници за повеќе од 100 ученици. Вложуваме и во инклузивно образование затоа по реконструкцијата, ‘Коле Неделковски’ ќе има и лифт, пристапна рампа и тоалет за учениците со тешкотии во движењето. Обезбедивме сензорни соби во училиштата ‘Киро Глигоров’, ’11 Октомври’, ‘Песталоци’ и во ‘Гоце Делчев’. Ангажиравме и 50 лични асистенти за учениците со посебни образовни потреби. Тие беа ангажирани и за време на летниот распуст за што во овие две години издвоивме 4 милиони и 800 илјади денари. Исто така, набавивме информатичка опрема за сите училишта во вредност од 4 милиони денари, со што вложуваме во дигитализација, подобри услови и квалитетна настава за сите учениците. Општина Центар со сопствени средства во вредност од 2,5 милиона евра ја гради и најголемата, инклузивна и најмодерна градинка „Пролет“, со капацитет за 150 дечиња во 9 занимални“, рече Герасимовски.
Градоначалникот на Центар ги наброи реконструираните детските и спортски игралишта во Капиштец, Славејко Арсов, фудбалското игралиште кај „Кам маркет“ во Дебар Маало, во близина на трговскиот центар „Зебра“, Градски ѕид кај „Коктел бар“ и уште едно кај Зеленото пазарче, како и двете спортски игралишта во дворот на училиштето „Ј. Х. Песталоци“, но не ги изостави ниту проектите за пензионерите.
„Ветеното кон пензионерите целосно е исполнето. За помалку од една година отворени се сите три пензионерски клубови што беа нивно предизборно барање. Општина Центар исто така за пензионерите го спроведува и проектот ‘Нега на стари лица во домашни услови’, со што обезбедува домашна нега од лиценцирани негуватели, физиотерапевти и психолози за 90 корисници. Во соработка со Банката за храна“, Општина Центар секој месец доделува пакети со храна и хигиенски производи за пензионерите со ниски примања. За нашите највозрасни сограѓани обезбедивме и бесплатни стоматолошки услуги“, истакна Герасимовски.
Тој исто така рече дека локалната власт го исполнила предизборното ветување Јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ да стане и комунално претпријатие. Притоа потсети на акциите за чистење во Паркот на франкофонијата, Паркот „Капиштец“, „Сквер Јадран“, Паркот на новинарите, поранешен „Технометал – Вардар“, околу Фондот за здравствено осигурување, на Калето, како и дивите депонии на Водно, Крњево, Маџир Маало, Нова железничка, Буњаковец, каналите на Загрепска и Водњанска.
Во изминатите две години Општината реконструира 17 улици, обезбеди резидентни паркинзи, постави нова урбана опрема и столпчиња за регулирање на сообраќајот, нова атмосферска, водоводната и фекалната канализација каде што беше потребно, а развивањето на вело-мрежата беше потврдена со наградата „Највело општина за 2023“.
Оваа година, потенцира Герасимовски, фокусот на Општината бил урбанизмот за што градежните инспектори извршиле 269 вонредни инспекциски контроли, препишале 90 казни за правни лица и 208 казни на физички лица.
Годините во Општината ги одбележаа и проектите во културата и спортот, меѓу кои Детската недела, Маалскиот фестивал и големиот концерт „Нешто што ќе остане“, кој ќе стане новото обележје на Центар. Во спортот, рече Герасимовски, обезбедени се нови спонзори, кои го враќаат тимот на старите победнички патеки.
За крај, Герасимовски порача дека Општината останува посветена на реализирање на ветувања за сите проекти што носат бенефит за граѓаните, ја развиваат општината и го подобруваат животот во Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

