Скопје
Герасимовски на средба со градоначалниците од Западен Балкан во Германија
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски, на покана од германското МНР и во соработка со Гете-Институтот, заедно со колегите од Западен Балкан учествува на серија состаноци и дискусии на тема „Општинска Европа-Можност и одговорност“, во рамки на работната посета на Берлин, Есен и Келн.
На денешната панел дискусија градоначалниците заедно со претставниците од Аспен институтот се фокусираа на подготовките за претстојниот самит на Берлинскиот процес, иницијатива чија цел е зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија што треба да резултира со динамизирање на реформите. Во текот на другите состаноци се разговара и за владеењето на правото, младинските политики, зајакнување на заедничкиот регионален пазар.

„Реформите почнуваат од локално ниво. Сите процеси на европеизација, подигање на стандардите и почитување на ЕУ критериумите стартуваат токму во рамките на локалните самоуправи. Затоа сме овде, кај нашите партнери и пријатели, иницијатори на Берлинскиот процес, за да го следиме позитивниот пример на општинските практики. Децентрализацијата, општинската администрација, финасирањето и менаџирањето на општините, негувањето на добрите навики, грижата за околината, добриот сервис и услуги кои им ги даваме на жителите се од клучна важност да им ја приближиме Европа на нашите граѓани“, истакна Герасимовски на состанокот во Берлин.
Инаку во рамки на работната посета на Германија, градоначалниците од регионот ќе се сретнат и со своите германските колеги, градоначалниците и општинската администрација во Есен и во Келн, за да се запознаат од прва рака со искуствата и практиките во областа на економијата, енергетската транзиција, административните работи, финансиите и цивилното општество, со цел поцврсто и поефикасно поврзување и вмрежување со ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

