Македонија
Герасимовски: Нови детски игралишта, зеленило и решавање на проблемот со паркирањето на Водно
Градоначалникот на општина Центар, Горан Герасимовски во рамки на проектот „Маалски муабети со Горан“, се сретна со жители на населбата Водно.
Жителите се пожалија дека често се случува да пукне некоја водоводна цевка и да тече вода со денови, но никој не реагира.
„И до нас стигаат поплаки во делот на водоводната мрежа која е под ингеренција на Град Скопје и Јавното претпријатие Водовод и канализација.Гледајќи дека нема слух од надлежните, сами ја реконструираме водоводната мрежа и ги отстрануваме аномалиите оставени од страна на Водовод. Наша цел ќе биде да ги подобруваме условите и правиме што повеќе детски и спортски игралишта во овој дел на Центар и секако ќе дадеме се од себе да го збогатуваме зеленилото секаде во општината. Правиме посебни Програми при издавање на дозволи покрај задоволителен број на паркинг места да има и зеленило и дополнителни високо стеблести дрвја во секоја парцела која што ќе има ново градба”, рече градоначалникот Герасимовски.
Голем проблем за здравствените работници и пациентите на Водњанска и околу Клинички центар е паркингот.
„Фрекфенцијата на луѓе и сообраќај на овој дел на Центар е најголема, во самиот ДУП кој што општината го донесе минатата година е предвидена и катна гаража за да ги задоволиме потребите. Во постојана комуникација бевме и сме со министрите за здравство се со цел да најдеме начин како ќе помогнеме.Паркингот за кој што со години се зборува дека ќе се реконструира да се направи монтажна гаража во парцелата на Државна болница. Верувам дека набрзо и тоа решение ќе отпочне да се реализира, се со цел да ги задоволиме потребите и на вработените кој што се во болницата, но и на сите пациенти“, потенцираше Герасимовски.
Предвидени се средства за реконструкција на улицата Востаничка во делот кој припаѓа на општина Центар, но не само со нов асфалт, туку и санирање на водоводната и канализациона мрежа како и поголема безбедност во сообраќајот, велат од Општината.
Герасимоовски се заложи да се задржи традицијата на автомобилски трки на Водно, а најмалку една трка ќе биде финансиски подржана од општина Центар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

