Скопје
Герасимовски: Обезбедуваме брза реакција и грижа за повозрасните центарци со проектот „Итно копче“
Градоначалникот на Општина Центар со претставници на Црвениот Крст на Град Скопје, потпиша договор за реализација на проектот „Итно копче“. Со овој проект, локалната самоуправа воведува нова услуга за повозрасните жители над 65 години, со која им се обезбедува помош во итни ситуации во домашни услови, достапна 24/7 во текот на целата година.
„Итно копче е уште еден проект што го наменивме за повозрасните граѓани во нашата општина. Подолго време успешно ја реализираме услугата „Нега на стари лица во домашни услови“, преку која обезбедуваме поддршка за највозрасните жители со редовни посети од негуватели и физиотерапевти. Наша цел е да помогнеме во нивните секојдневните активности, и да обезбедиме нега и рехабилитација, особено за оние кои не можат да си го дозволат тоа со лични средства. Со „Итно копче“, ја прошируваме оваа грижа и создаваме дополнителен механизам за брза реакција во итни ситуации“, истакна градоначалникот Герасимовски.

Проектот „Итно копче“ овозможува корисниците на услугата да добијат итна помош со едноставно притискање на копчето на уредот за комуникација, кој се носи како приврзок во форма на нараквица или ланче. По активирањето, сигналот се пренесува до Контакт центарот на Црвениот крст, каде одговорно лице веднаш стапува во контакт со корисникот за да процени каква помош е потребна. Во зависност од состојбата, се испраќа тим на терен или се повикува итна медицинска помош.
Приоритет за користење на оваа услуга имаат повозрасни лица кои живеат сами, кои претходно изразиле интерес за нејзино користење и се избрани како корисници на истата, по принципот „прв дојден, прв услужен“ и имаат потпишано договор за користење на услугата.

Проектот е дел од заложбите на Општина Центар да обезбеди грижа за пензионерите и возрасните жители на локалната самоуправа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
(Фото) Во текот на минатата недела отстранети 𝟨𝟣𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на изминатата недела, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 615 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.

„Приближно 25 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и кабаст отпад беа отстранети од улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“, каде што веќе подолг период е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 21 записник за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота, од коишто 13 записници се врачени на територијата на скопската општина Чаир.

Воедно, Претпријатието продолжува со секојдневно одржување на јавната хигиена преку рачно и машинско метење на булеварите и поголемите улици, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.





