Скопје
Герасимовски: Реконструкцијата на „Елисие Поповски“ обезбедува современа и функционална инфраструктура
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, направи увид во работните активности за реконструкција на улицата „Елисие Поповски“ во населбата Капиштец. Во тек е почетната фаза на асфалтирање. Поставен е првиот слој асфалт, наместени се бетонските рабници, а тротоарите ќе бидат поплочани со павер елементи и делумно проширени.
„Станува збор за фреквентна улица која подолг период беше во лоша состојба. Со реконструкцијата ќе обезбедиме квалитетна и безбедна инфраструктура, а ќе се зголеми и сигурноста за сите учесници во сообраќајот. Ги замолувам граѓаните за трпение, бидејќи градежните работи секогаш носат одредени предизвици, но конечниот резултат ќе биде функционална и модерна улица,“ истакна Герасимовски.

Потегот што се реконструира е долг 700 метри и се протега од Клиничкиот центар до Заводот за рехабилитација. Втората фаза започнува наредната недела, кога ќе следи финално асфалтирање и завршно уредување на површината.
Проектот се очекува да биде завршен до крајот на годината, со што „Елисие Поповски“ ќе добие современ изглед и подобрена функционалност. За реконструкцијата се издвоени 13 милиони денари од општинскиот буџет.
До крајот на годинава, Општина Центар ќе започне со реконструкција на улиците Алберт Ајнштајн, Донбас и Андон Дуков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Изминатата седмица санкционирани 𝟣𝟢𝟦 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар
ЈП Паркинзи на Општина Центар во соработка со Сообраќајната полиција-Скопје во периодот од 08.12. до 14.12.2025 година, со помош на специјалните возила „Пајак“ отстранија 104 непрописно паркирани возила кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, извести ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во Општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, соопшти ПОЦ.
Македонија
Делови од Карпош и Чучер Сандево денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од село Горно Нерези (општина Карпош), како и корисниците од селата Глуво и Мирковци. (општина Чучер Сандево )
Македонија
(Видео) Левицата: Лицата со аутизам и Даунов синдром ќе добијат бесплатен паркинг во Скопје
Советничката група на Левица во Советот на Град Скопје поднесе амандмани за измена на Програмата за повластен паркинг за лицата со попреченост.
Оваа Програма опфаќа одредени категории на лица со попреченост, но лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром не беа опфатени, велат од партијата Левица.
„Четири години од оваа говорница се бориме за измена на оваа Програма.Секогаш се наоѓаше некаков изговор да не се направи тоа.На лицата со попреченост им е доста од изговори.Родителите на деца со аутизам и Даунов синдром и онака имаат големи финансиски издатоци за лекување на нивните деца кои Фондот за здравство не ги рефундира, плаќаат приватно дефектолози и сл.така да плаќањето на паркинг простор им е дополнителен товар, бидејќи некои од нив оваа услуга ја користат секојдневно” – истакна во своето излагање Катерина Јовановска- координаторот на советничката група на Левица.
„Иако првично од страна на Градот амандманите не беа прифатени, по аргументираното излагање на Јовановска Советот едногласно изгласа Заклучок – Програмата да биде изменета и лицата со аутистичен спектар и Даунов синдром да добијат повластен паркинг.
Истово ќе важи и за лицата со попреченост кои што не живеат во Скопје, а доаѓаат во главниот град за лекување“, се додава во соопштението на партијата Левица.

