Скопје
Герасимовски: Реконструкција на тоалетите во ООУ „11 Октомври“ во населбата Пролет
Во тек е реконструкција на тоалетите во основното училиштето „11 Октомври“ во населбата Пролет. Во рамки на реконструкцијата се менуваат подните и ѕидните плочки, ќе бидат поставени нови подни сифони и ќе биде извршена комплетна промена на санитарната опрема и галантерија. При реконструкцијата ќе биде поставено и ново осветлување, а ќе следи и варосување на ѕидовите со дисперзна боја како и промена на сите постојни дрвени врати.
Градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски смета дека квалитетното образование не зависи само од квалитетната настава во училиштата туку и од инвестициите во образовните институции и подобрувањето на условите за настава.

„Инвестициите во училишните објекти ги подобруваат условите за настава на секое дете. Во училиштето „11 Октомври“ во тек е реконструкција на санитарните јазли кои беа дотраени, а кои по комплетната реконструкција ќе обезбедат подобра хигиена за учениците од одделенска настава. Инвестициите се изведуваат во рамки на Проектот за унапредување на основното образование од МОН кој е финансиран од Светска банка. Претходно во ова училиште со средства од општинскиот буџет целосно ја реконструиравме кујната која ги опслужува учениците со топла приготвена храна. Преку овие инвестиции директно се вложува во сегашните ученици но и во идните генерации од кои може да очекуваме образовани, задоволни и компетентни млади, кои ќе го придвижат општеството напред“, смета Герасимовски.

Покрај реконструктивните изведби во ООУ „11 Октомври“ општинските служби ги реконструираат и тоалетите во ООУ „Кочо Рацин” на Водно, а се работи и на комплетна реконструкција на кујната, спортската сала и неколку училници во училиштето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска се планирани неколку прекини во снабдувањето со електрична енегија на корисниците од градот Скопје и неговата околина и тоа:
· во период од 06:00-10:00 часот корисниците на улицата Пајак, улицата Наум Наумовски Борче (од Костарика до Министерство за земјоделие), општина Центар;
· во период од 08:30-14:30 часот корисниците на дел од улицата Радишанска, општина Бутел;
· во период од 09:00-12:00 часот корисниците на улицата 29 Ноември бр.37, општина Центар;
· во период од 09:00-14:00 часот корисниците на дел од улицата Урош Џудовиќ, општина Карпош.
Македонија
Утре без вода делови од Кисела Вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека поради промена на воздушен вентил на улицата Јустинијан Први (кај мостот), утре прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од село Драчево, општина Кисела Вода.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Во текот на јануари се отстранети 𝟤𝟩𝟨𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на првиот месец од 2026 година, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа приближно 13 000 тони мешан комунален отпад од домаќинствата на територијата на градот Скопје, известуваат од Комунална хигиена-Скопје.

„Воедно, беа отстранети и 2765 кубни метри непрописно одложен мешан комунален, кабаст и градежен отпад. Во рамките на активностите за отстранување диви депонии е интервенирано во сите скопски општини, а најголемо количество непрописно одложен отпад – 400 кубни метри се подигнати во општината Центар.

Еко-патролата при ЈП Комунална хигиена-Скопје во текот на месец јануари изготви вкупно 56 едукативни записници за претставници на стопанските субјекти и физички лица коишто биле затекнати при неправилно одлагање на отпадот. Најголем број на записници – вкупно 32 – се врачени во скопската општина Чаир.

ЈП Комунална хигиена-Скопје продолжува со одржување на јавната хигиена на булеварите, како и улиците што се во надлежност на Градот Скопје во сите скопски општини. Секојдневно, во три смени, се спроведува машинско и рачно метење на плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.

