Скопје
Град Скопје го промовира новиот образовен профил во средното училиште „Боро Петрушевски“
Градоначалничката Данела Арсовска во средното училиште на Град Скопје, „Боро Петрушевски“, го промовира новиот образовен профил за техничари за возила на алтернативен погон. Новиот образовен профил се воведува првпат од оваа учебна година во паралелки со вкупно 50 ученици.
„Ми претставува особено задоволство кога гледам дека нашите скопски средни училишта се приспособуваат на светските трендови, особено со воведување нови иновативни образовни профили, кои се според барањата на пазарот на трудот, а во насока на развој и унапредување на образовниот процес за идните млади професионалци. Скопските средни стручни училишта се лидери во Македонија во овој поглед и стручното образование од година на година е сè попривлечно. Со воведувањето на дуалното образование во образовниот процес во средните стручни училишта на учениците им се овозможува да се стекнат со практични знаења и да имаат можност веднаш да се вклучат во работните процеси, без потреба од доквалификација. Градот Скопје е посветен токму на ваквиот развој на нашите средни училишта, а заедно со вложувањата што ги правиме за обнова и реконструкција на училишните капацитети во средните училишта поставуваме стандард за тоа како треба да изгледа еден системски пристап во сегментот средното образование во државата“, истакна денеска градоначалничката Арсовска при посетата на АСУЦ „Боро Петрушевски“.
Арсовска со професорите и учениците во училишната работилница беше дел од презентацијата на подготвените практични задачи за новиот образовен профил за техничари за возила на алтернативен погон.
Техничарот за возила на алтернативен погон, по завршување на своето образование, ќе може да работи во индустријата за производство на моторни возила и делови за моторни возила, одржување и поправка на моторни возила, односно секаде каде што се вклучени возилата на алтернативен погон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

