Скопје
Град Скопје отпочна со изградба на новиот мега-парк во Кисела Вода
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, денеска изврши увид во отпочнувањето на градежните работи на новиот мега-парк во општина Кисела Вода.

„Со желба и посветеност ја отпочнавме изградбата на четвртиот од 5те мега паркови во Скопје, мега паркот во општина Кисела Вода кој ќе се простира на површина од 52.000 квадратни метри. Со реализација на овој проект кој е дел од програмата „За модерно Скопје“, делуваме со цел долгорочно унапредување, заштита и зачувување на животната средина“, истакна градоначалничката Арсовска

„Во паркот се покрај зелениот појас, дрвјата и садниците, предвидена е изградба на пешачки патеки и паркинг за посетителите, урбана опрема и парк за миленици. Посветено се работи на подигнување и уредување на зелени, модерни и еколошки содржини во градот кои се дел од долгорочните решенија за почиста животна средина и почист воздух за граѓаните на градот Скопје.
За прв пат по децении завршени се три мега-паркови и тоа во Ѓорче Петров на површина од 32.000 метри квадратни, Аеродром на површина од 27.000 метри квадратни, и во Чаир на површина од 30.000 метри квадратни, а во тек е изведбата на мега-парковите во општина Карпош од 86.000 метри квадратни и Кисела Вода од 52.000 метри квадратни“, велат од Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Засилени контроли во Центар, 50 евра глоба за непрописно паркирање, порача Герасимовски
Комуналните инспектори и редари на општина Центар спроведуваат засилени контроли на возила кои се непрописно паркирани на јавни и зелени површини.
На секое неправилно паркирано возило ќе биде оставено известување за сторен прекршок, со предвидена казна од 50 евра во денарска противвредност, согласно Законот за комунални дејности и Одлуката за комунален ред на општина Центар.
Сторителот на прекршокот е должен веднаш да го подигне прекршочниот платен налог во Општина Центар, Сектор за инспекциски работи, барака 6А. Доколку казната се плати во рок од осум дена, сторителот плаќа половина од износот.
По истекот на рокот следува целосна наплата, односно се поведува прекршочна постапка пред надлежен суд, извести Општината.

„Редот се спроведува доследно и без исклучоци. Жителите на Центар го бараат тоа од нас. Безбедноста на пешаците и заштитата на јавните и зелените површини ни се приоритет“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Општина Центар ги повикува граѓаните да ги почитуваат правилата и да придонесат за подобра урбана и животна средина.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Собрание на Македонија на улицата „11-ти Октомври“ и улицата „Даме Груев“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.

