Скопје
Жичницата денеска ќе има скратено работно време

Жичницата денеска ќе работи до 17:30 часот, поради редовни планирани тестирања.
Од утре, објектот ќе продолжи со вообичаеното работно време, односно од 10 до 20 часот, согласно одлуката за работно време во период мај – септември.
Јавното сообраќајно претпријатие потсети дека во период од 19 до 19:30 часот е последно возење од долу кон врвот, односно во 19:45 часот е последно возење од врвот надолу.
Секој понеделник и секој последен вторник во месецот, жичницата не работи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје поради протест

СВР Скопје ги известува граѓаните дека утре со почеток во 11.00 часот поради одржување на протест, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот.
Протестот предвидено е да започне пред зградата на ССМ на улицата „Мирче Ацев“ со движење лево по улицата „Филип Втори Македонски“, десно по улицата „11-ти Октомври“, право по улицата „Димитрие Чуповски“, десно по улицата „Васил Главинов“, право по булеварот „ВМРО“, лево по булеварот „Илинден“ до пред Влада на Република Северна Македонија.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Македонија
(Фото) Кисела Вода добива уште еден нов парк

Градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски, денес беше во училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“, каде што започнаа градежните активности за уредување на нов парк. Просторот кој долги години беше запуштена депонија, наскоро ќе биде целосно преобразен во модерно катче за одмор, игра и рекреација, велат од Општината.
Овој проект е дел од пошироката заложба на локалната самоуправа за зелена и уредена општина, во рамки на која, во изминатите три и пол години, се уредени и изградени зелени површини и паркови на повеќе од 80.000 квадратни метри низ Кисела Вода. Новиот парк ќе биде збогатен со дрвја, урбана опрема, осветлување и детско игралиште, достапно како за учениците од училиштето, така и за жителите од околината, наведуваат од Општината.
„Денес, започнуваат градежните активности за уредување на дел од просторот на училиштето за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов”. Се работи за изградба на нов, голем парк кој до вчера беше депонија и кој за кратко време од сега ќе биде преуреден во ново катче кое ќе понуди содржини за сите генерации.
Го уредуваме со парковско зеленило и дрвца, урбана опрема, осветлување и модерно детско катче каде најмлaдите жители од нашата општина ќе можат да уживаат во својата игра. Сето ова, хортикултурно ќе го уредиме за да изгледа уште поубаво. Сакам да се заблагодарам на општествено одговорната компанија за оваа вредна донација, која ги препозна нашите заложби за чиста и зелена општина. Овој пример, треба да го следат и другите.
Исто така, огромна благодарност до министерката за образование Весна Јаневска, која заедно со директорката на училиштето Александра Јаковчевска овозможија овој запуштен простор и депонија, да стане модерен парк кој покрај дечињата од училиштето, ќе можат да го користат и жителите од овој дел на општината.
За скоро време, граѓаните од овој дел на Кисела Вода добиваат катче каде ќе можат да се сретнат, да одморат, да се рекреираат или едноставно да уживаат на отворено. Промените се случуваат и продолжуваат секој ден, нема запирање“, истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.
Македонија
Улици во Чаир без вода, намален притисок во Топанско Поле

Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЈП Водовод и канализација, информира дека, денеска поради поврзување на нова со стара постоечка водоводна мрежа на улица Кемал Сејфула бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Џон Кенеди и дел од улицата Кемал Сејфула, а со намален притисок ќе остане населбата Топанско Поле во општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:30 часот до завршување на работните активности.