Скопје
Заврши реконструкцијата на игралиштето „Патрик“ во Аеродром
На почетокот на овој месец Општина Аеродром и официјално ја заврши реконструкцијата и го пушти во употреба игралиштето „Патрик“, кое се наоѓа зад „Три бисери“. Отсега на оваа добро позната локација и на површина од 1.600 квадратни метри има модерно детско игралиште, како и две повеќенаменски игралишта за фудбал, ракомет и кошарка, извести Општина Аеродром.

Станува збор за инвестиција што е реализирана со поддршка на општествено одговорна компанија, а која значи многу за развојот на спортот во Аеродром, обезбедување содржини за правилен развој на најмладите, како и одржување на настаните што станаа симбол и традиција на маалскиот живот во Аеродром, се додава во соопштението на Општината.

На својот фејсбук-профил градоначалникот Тимчо Муцунски напиша дека „Патрик“ сега е едно од најубавите детски и спортски катчиња во Аеродром.
„’Патрик’ со својата традиција несомнено заслужуваше да стане едно од најубавите катчиња во Аеродром. На моја голема радост успеавме да го постигнеме тоа. Детската радост, спортските натпревари и успеси и понатаму ќе се одржуваат во срцето на Аеродром, каде што направивме повеќенаменски комплекс со простор и за дечињата и за спортистите. Во изминатите две години преку вакви и слични проекти креиравме простор за спортување, игра и урбано живеење во Аеродром“, истакна градоначалникот Муцунски во својата објава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Македонија
(Фото) Во текот на минатата недела отстранети 𝟨𝟣𝟧 кубни метри отпад од диви депонии
Во текот на изминатата недела, екипите на ЈП Комунална хигиена-Скопје подигнаа и транспортираа 615 кубни метри отпад од диви депонии на територијата на градот Скопје.

„Приближно 25 кубни метри непрописно одложен мешан комунален и кабаст отпад беа отстранети од улицата Џон Кенеди, во непосредна близина на ООУ „Васил Главинов“, каде што веќе подолг период е забележано континуирано одлагање отпад на јавни и сообраќајни површини.

Еко-патролата на ЈП Комунална хигиена-Скопје минатата недела изготви 21 записник за лица и правни субјекти затекнати при кршење на Законот за јавна чистота, од коишто 13 записници се врачени на територијата на скопската општина Чаир.

Воедно, Претпријатието продолжува со секојдневно одржување на јавната хигиена преку рачно и машинско метење на булеварите и поголемите улици, плоштадот и улицата Македонија, помалите плоштади Филип Втори, Мајка Тереза и Богородица, пешачките мостови во централното градско подрачје, пешачките патеки и тротоарите на мостовите „Гоце Делчев”, и „Слобода”, како и Старата скопска чаршија“, соопшти Комунална хигиена-Скопје.





