Скопје
Засадени околу 100 листопадни садници во Ново Лисиче
Околу 100 листопадни садници во новата уредена јавна површина беа засадени во сабота во Ново Лисиче, во рамките на пролетна акција за садење 5.000 дрвја на територијата на градот.
„Град Скопје во рамките на пролетната акција за садење дрвја на територијата на градот заедно со општините ќе сади дрвја по дрвореди на булеварите, на јавни зелени површини и во новите паркови“, рече скопскиот градоначалник Коце Трајановски.
Денеска во новоподигнатата зелена површина на раскрсницата на булеварот Видое Смилевски Бато со булеварот Февруарски поход беа засадени јавори, каталпи, брези, сорбуси, гинко и други видови листопадни дрвја.
Ова зеленило се подига на површина на 6.800 квадратни метри и во него ќе биде поставена хидрантска мрежа од 500 должни метри, систем за полевање со 70 прскалки, како и 20 хидранти за рачно полевање на зеленилото.
Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски, го најави и поставувањето на системот за наводнување и садењето на 100 дрвја во паркот Нинберг што треба да заврши за 15 дена. Исто така, градоначалникот Коневски истакна дека планираат да го реализираат планот да засадат 50.000 садници на територијата на општина Аеродром. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Герасимовски: Јавен повик за Итно копче, брза и иновативна помош за повозрасните жители на Центар
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата Итно копче, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние кои живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба.
Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејство.

„Со примена на оваа иновативна услуга обезбедуваме брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче што се наоѓа на уред во форма на алка. Станува збор за технологија која спасува животи и го подобрува квалитетот на живот на повозрасната популација“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавниот повик важи од денот на објава до исполнување на капацитетите, при што корисниците ќе се избираат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Документите се доставуваат во Канцеларија на Итно копче, ул. Славе Георгиевски Шнајдер бр.5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје
Денеска со почеток од 11:00 часот од страна на Сојузот на синдикати на Македонија ќе биде одржан протест пред Владата на булеварот „Илинден“ и булеварот „Свети Климент Охридски“ и доколку се појави потреба од пренасочување, сообраќајот ќе биде пренасочен по околните сообраќајници.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на Град Скопје.
„Апелираме до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници“, велат од МВР.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.

