Скопје
Изградени сообраќајни острови долж булеварот Партизански одреди
Сообраќајни острови се изградени по должината на булеварот Партизански одреди, и тоа на вкрстувањето на овој булевар со улицата Аминта Трети, кај Порта Буњаковец и на вкрстувањето на булеварот со улицата Костурски херои, спроти Конгресниот центар Александар Македонски.
При изградбата на сообраќајните острови целосно се реконструирани двете крстосници, поместени се семафорските темели и шахти, извршена е демонтажа на семафорските столбови и репрограмирање на светлосните сигнали. Исто така, обележана е хоризонталната сигнализација – пешачки премини и велосипедски патеки на двете локации и поставени се соодветни сообраќајни знаци.
Претходно, на овие две локации постоеја по два пешачки премина на кратко растојание кои беа искосени, особено на вкрстувањето на булеварот Партизански одреди со улицата Костурски херои. За да се зголеми безбедноста на пешаците, на двете локации сега е формиран по еден поширок пешачки премин.
Дополнително, на пешачкиот премин преку булеварот Партизански одреди на вкрстувањето со улицата Костурски херои е поставена ограда со двојна функција – да ги заштитува и да ги насочува пешаците да преминуваат во права линија на пешачкиот премин, зашто сообраќајните острови од двете страни на булеварот се асиметрични поради природната косина на улиците.
За реализација на овој проект Градот Скопје има согласност и од Министерството за внатрешни работи. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
10.000 денари субвенција за млади возачи за првпат во Ѓорче Петров
Општина Ѓорче Петров воведува субвенција од 10.000 денари за дел од трошоците за полагање возачки испит – Б категорија, наменета за млади лица на возраст од 18 до 25 години.
Станува збор за мерка што за првпат се реализира во општината и обезбедува директна финансиска поддршка во период кога трошоците за обука и полагање претставуваат значаен товар за семејниот буџет, со цел да се олесни пристапот до мобилност, да се поттикне самостојноста кај младите и да се создадат подобри можности за вработување, велат од Општината.
Градоначалникот Александар Стојкоски истакна дека општина Ѓорче Петров продолжува со мерки што носат практична и видлива поддршка за младите, со фокус на нивниот развој, нови можности и нивно задржување во локалната заедница.
Тој нагласи дека, покрај оваа мерка, Општина Ѓорче Петров има најавено и концепт за нова станбена населба наменета за млади, во рамки на која се предвидуваат мерки за олеснување на трошоците преку субвенционирање на дел од комуналните давачки. Целта е младите лица и младите семејства да добијат реална поддршка да ја градат својата иднина токму во Ѓорче Петров.
„Со вакви конкретни чекори, Општина Ѓорче Петров продолжува да развива политики што имаат директен ефект врз секојдневието на младите и создаваат услови за нивна поголема сигурност и стабилност.
Деталите околу условите и начинот на аплицирање ќе бидат дополнително објавени“, додаваат од Општината.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.

