Скопје
Нова спортска сала во Ѓорче Петров
Започна изградбата на училишната спортска сала во подрачното училиште „Димитар Поп Георгиев – Беровски“-Хром. На вкупна површина од 476 м², со димензии 27,40 x 15,6 метри и максимална височина до 12,4 метри, денеска стартуваше со изградба училишната спортска сала во подрачното училиште во Хром „Димитар Поп Георгиев – Беровски“.
Почетокот на изградбата на салата го означија градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, претседателот на Владата Христијан Мицкоски и министерот за образование и наука Весна Јаневска.

-Десет години по изградбата на училиштето, оваа локална власт конечно изнајде решение за долгогодишниот проблем на родителите и децата од Хром кои немаа соодветни услови за спортско образование. Оваа пространа сала ќе понуди соодветни услови за различни спортски активности. Изградбата ќе се спроведе со користење на енергетски ефикасни и еколошки материјали, што ја прави оваа сала не само функционална, туку и одржлива на долг рок, изјави Стојкоски.
Инвеститор на проектот е Општина Ѓорче Петров со вкупна инвестиција од 20.000.000,00 денари.

Предвидена е изградба и на паркинг-простор со 30 места за вработените и посетителите. Новата пешачка патека која исто така е во план за изградба ќе обезбеди лесен и безбеден пристап до училиштето и училишниот двор.
-Денеска е важен ден за учениците од Хром. Нашите заложби зa квалитетно образование остануваат наш приоритет. Сите училишта од Ѓорче Петров во текот на следната година ќе бидат опфатени со реконструтивни зафати, што значи решавање на децениски недостиг со капацитети за настава. Продолжуваме активно да работиме на подобрување на условите за настава, но и за физичко образование, рекреација и спортски активности, додаде Стојкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Герасимовски: Наградата „Феникс“ е силна порака дека Центар ги вреднува знаењето, талентот и истрајноста
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, ја додели највисоката општинска награда „Феникс“ за постигнувања во науката, уметноста, културата, спортот, воспитувањето и образованието за 2025 година.

Герасимовски потенцираше дека Општината и Советот ќе продолжат да ги поттикнуваат и вреднуваат трудот и успехот на своите жители.

„Наградата е признание за посветеноста и талентот на нашите сограѓани, кои ја афирмираат Општина Центар на домашната и меѓународната сцена. Особено ме радува фактот што добитниците се млади центарци, кои допрва ќе го градат својот живот и кариера“, нагласи Герасимовски, честитајќи им на наградените.
Тој им посака да продолжат со усовршување во науката, на спортските терени и во уметноста.

Добитници на „Феникс“ се:
Софија Пиштолова, ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ – модерни танци
Марко Татули, ученик во СУГД „Методија Митевски Брицо“ – боречки спортови
Кристијан Јанев, ученик во СУГД „Орце Николов“ – тенис
Тамара Танеска, ученичка во ООУ „Кочо Рацин“ – природни науки
Виктор Вранишкоски, ученик во ООУ „Коле Неделковски“ – пливање
Томи Тодоровски, ученик во ООУ „Киро Глигоров“ – триатлон
Наградените добија дипломи и паричен износ од 30.000 денари.

Признанието „Феникс“ го носи името на митолошката птица феникс, симбол на Општина Центар, кој ја претставува истрајноста, обновата и успехот.
Македонија
Денеска посебен режим на сообраќај во Скопје поради најавен протест
Денеска со почеток во 17:00 часот во организација на Сојуз на синдикатите на Македонија (ССМ) ќе се одржи протест со почеток на траса на движење од пред зградата на ССМ на улицата „Мирче Ацев“, лево по улицата „Филип 2-ри Македонски“, десно по улицата „11-ти Октомври“, право по улицата „Димитрие Чуповски“, десно по улицата „Васил Главинов“, право по булеварот „ВМРО“, лево по булеварот „Илинден“ до пред Владата.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај по горенаведените сообраќајници во град Скопје.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се движат учесниците.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир и Сопиште
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во период од 08.30 до 15.00 часот корисниците, од Ул.Чаирска (општина Чаир)
· во период од 09.00 до 12.00 часот корисниците,од Горно Соње Ул.7 и Ул.9 (општина Сопиште)

