Скопје
Нов покрив за станбена зграда во Козле
Нов покрив на својот колективен објект во должина од 877 м2 ќе биде поставен на станбена зграда во скопската населба Козле.
Досегашните дотраени салонитни азбестни табли ќе бидат заменети со висококвалитетен бел ребраст лим, кој ги задоволува современите градежни стандарди, што во моментов се применуваат ширум светот.
По тој повод, денеска, градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски одржа прес конференција, на која ги соопшти деталите за оваа градежна иницијатива која се спроведува на територијата на локалната самоуправа.
„Целта на оваа акција е во наредниве четири години да ги промениме сите азбестни покриви кај индивидуалните и колективните објекти кои се наоѓаат на нашата територија. Во таа насока, досега имаме доделено 19.600 м2 висококвалитетен бел ребраст лим. Инаку, за 2016/2017 година, за оваа намена се планирани 38.000.000 денари буџетски средства, од кои досега сме потрошиле околу 9.500.000 денари“, објасни градоначалникот Јакимовски.
Првиот човек на Општината посочи дека за оваа инвестиција локалната самоуправа од својот буџет ќе издвои околу 528.000 денари, а изведувач на градежниот зафат е фирмата „Поди Трејд“.
„Ова е веќе осма зграда кај која се реконструира стариот покрив од средства кои ги обезбеди нашата Општина. Имено, ние ги покриваме трошоците за набавка на лимот, хоризонталните олуци, ветер-лајсните, слемето и опшивките околу оџаците и вентилациите. Граѓаните обезбедуваат средства за работна рака и го бираат изведувачот на градежните активности“, додаде Јакимовски. /крај/со/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

