Скопје
Општина Аеродром почна со бесплатен скрининг на тироидна жлезда кај деветтоодделенците
Учениците од деветто одделение од сите основни училишта во Општина Аеродром имаат можност да извршат бесплатен скрининг на тироидната жлезда.

Скринингот стартуваше вчера во ООУ „Гоце Делчев“ во Горно Лисиче и ќе бидат прегледани сите деветтоодделенци по претходно добиена писмена согласност од родителите или старателите, извести општината.

В.д. градоначалникот, Дејан Митески, посочи дека Аеродром е прва општина во која се спроведуваат вакви скрининзи што имаат превентивен карактер.
Иницијативата ја даде директорот на здравствената установа „8-ми Септември“, проф. д-р Синиша Стојаноски, а родителите на учениците без двоумење ја прифатија оваа превентивна мерка.

Инаку, д-р Стојаноски ги спроведува скрининзите во училиштата заедно со д-р Невена Маневска.
Општина Аеродром останува посветена на создавање уште подобри услови за безгрижно и здраво детство на нашите најмили, додаваат од општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Стевчо Јакимовски да каже како неговото семејство се стекнало со градежни парцели во Жданец и луксузна хациенда во Грција“, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Стевчо Јакимовски, кој постојано зборува за јавниот интерес, треба конечно да објасни како парцели што според деталниот урбанистички план биле означени како зеленило, одеднаш станале градежни парцели. И како се купува хациенда во Грција“, прашува ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Јакимовски одамна се обидува да го претстави своето владеење како пример за ‘транспарентност’, но во реалноста би можел да послужи како пример за тоа како личниот интерес може да се сокрие зад службен печат и јавна должност.
Во рок од една година, членови на неговото семејство се појавуваат како сопственици на имоти во најскапата зона на општина Карпош, Жданец, токму во делот каде што живее и самиот Јакимовски.
Сосема легитимно прашање е јавноста да знае како од парцели за зеленило станаа градежни парцели.
Семејството на Стевчо Јакимовски во истиот период од таа една година се стекнало и со луксузна вила во Грција.
Доволно е од приказните за ‘искусен градоначалник’, искуството што го покажа е искуство претворање на јавен интерес во имотен лист.
Карпошани не се должни да слугуваат во процесот на енормно богатење на Стевчо Јакимовски“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
Здружението на пензионери на oпштина Центар: Се надеваме дека соработката со Герасимовски ќе продолжи во иднина
Здружението на пензионери на Општина Центар на средбата со кандидатот за нов мандат, Горан Герасимовски, ја потврди својата поддршка за него во вториот круг од локалните избори. Герасимовски, заблагодарувајќи им се на пензионерите, истакна дека нивната поддршка многу му значи.
„Тоа е генерација која заслужува внимание, почит и помош, а јас како градоначалник, заедно со мојот тим, секогаш сме излегувале во пресрет. Им благодарам што го препознаа сето она што го правиме за нив, преку разни проекти и иницијативи. На средбата разговаравме и за идните планови, како и за можностите за унапредување на квалитетот на нивниот живот“, истакна Герасимовски.

На средбата се разговараше и за новата програма во која се предвидува изградба на дом за стари лица, во кој највозрасните ќе можат да домуваат по субвенционирана цена, извести Герасимовски.
Здружението изрази надеж дека одличната соработка со општина Центар, а особено со градоначалникот Герасимовски ќе продолжи и во иднина.

Пензионерите изразија задоволство од проектот „Сервис за стари лица“, како и од континуираната соработка со општината и нивната вклученост во креирање на политиките на локалната самоуправа, се додава во соопштението од Герасимовски.
Македонија
Без струја денеска делови од Чаир, Бутел и Шуто Оризари
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08.00 до 11.00 часот корисниците од дел од улицата Бајрам Шабани и дел од улицата Чаирска, општина Чаир;
· во периодот од 09.00 до 10.00 часот корисниците од објектите околу Фитофарм-Визбегово, општина Бутел;
· во периодот од 09.00 до 12.00 часот корисниците позади бензинската ОКТА во Шуто Оризари, општина Шуто Оризари.

