Македонија
Општина Аеродром објави јавен повик за финансиска поддршка на проекти од образованието, културата и заштитата

Општина Аеродром денеска објави јавен повик за 2022 година за доделување финансиска поддршка за програмски активности на здруженија и фондации во делот на образованието, културата и заштитата.
Здруженијата и фондациите треба да понудат креативни и иновативни проекти со осмислени програми и содржини што можат да се имплементираат во Општина Аеродром во следните приоритетни области: образование (проекти во делот за развој на основното образование); заштита (проекти поврзани со системот за социјална заштита, заштита на децата и заштита и спасување на граѓаните) и култура (проекти поврзани за развој на културата).
Рокот за поднесување на пријавите е седум работни денa, почнувајќи од 23.3.2022 година до 31.3.2022 година, а огласот е објавен и на веб-страницата на Општина Аеродромна следниов линк http://aerodrom.gov.mk/vest/7903, на кој може да се видат условите за повикот и начинот на пријавување.
Пријавата со целокупната документација треба да се достави преку пошта, на адреса: Општина Аеродром бул. „Јане Сандански“ 109 Б,1000 Скопје или во архивата на Општината секој работен ден, посочуваат од таму.
Пријавите и документацијата, како што наведуваат во соопштението, се доставуваат во затворен плик со ознака ,,Не отворај“ и со назнака ,,За јавен оглас за финансиска поддршка на програмски активности на здруженија и фондации во делот на образованието, културата и заштитата“.
Пријавите со непотполна документација или доставени по истекот на предвидениот рок нема да се разгледуваат, велат од Општина Аеродром.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Лабудовиќ: Ќе изградиме нов модерен плоштад во Центар – „Феникс“

Изградба на проектот „Плоштадот на заедништвото – ФЕНИКС“, модерен, зелен и жив плоштад, е дел од изборната програма на кандидатот за градоначалник од ЗНАМ за општина Центар – Мирослав Лабудовиќ.
„ФЕНИКС е симбол на обнова, нова енергија и заедништво. Место каде што ќе се среќаваат луѓето, ќе се создаваат спомени и ќе расте духот на Центар. Со овој проект градиме иднина што инспирира, поврзува и обединува“, изјави Мирослав Лабудовиќ, кандидат за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ.
Додаде дека проектот ќе биде современ, зелен и инклузивен простор, каде уметноста, културата, музиката и животот се спојуваат во едно. Плоштадот ќе биде отворен простор за културни настани, концерти, изложби, семејни активности и дружења, создавајќи ново место за живот и инспирација во срцето на градот.
„Овој проект не е само урбанистичка замисла – тоа е визија за град по мерка на човекот, каде архитектурата, природата и заедништвото се дел од истата приказна. Со модерна пешачка зона, зелени површини и простор за одмор, ФЕНИКС ќе го врати она што најмногу недостига – чувството на припадност, мир и убавина во средиштето на градот3, рече Лабудовиќ.
Особено важно е што, додаде тој, во рамки на проектот се предвидени подземни паркинг места, со што конечно се решава еден од најголемите предизвици за жителите на Центар и се ослободува јавниот простор за пешаци и зеленило.
Македонија
Хелсиншкиот комитет остро реагира против злоупотребата на деца во политички цели

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро реагира на сè почестите случаи на злоупотреба на деца и малолетници во политички активности во пресрет на претстојните локални избори. Иако официјалната изборна кампања завршува за неколку дена, на социјалните мрежи може да се забележат многубројни фотографии и видеа во кои децата се злоупотребени за политички цели од страна на кандидати и нивните поддржувачи, велат од Хелсиншкиот.
„Со загриженост констатираме дека во континуитет се случуваат активности, кои не само што не се во најдобар интерес на детето туку претставуваат и злоупотреба на децата поради политичко дејствување – нешто што е забрането со Законот за заштита на децата, Конвенцијата на ООН за правата на детето и Декларацијата за заштита на детето од политичка манипулација и злоупотреба. Ваквата пракса, за жал, е редовна појава во земјата. Во пресрет на локалните избори, во медиумите и социјалните мрежи се забележуваат повеќе вакви случаи, само неколку примери се: видеообјава на кандидат во која се вклучени нивни деца со повик да се гласа на претстојните избори, фотографија на кандидат за градоначалник, кој на деца им дели играчки во рамките на кампањата, како и делење промотивен материјал на деца“, се наведува во соопштението.
Хелсиншкиот комитет упатува јасен апел до институциите, политичките партии, медиумите и до родителите веднаш да престане вовлекувањето на децата во политички кампањи и да се преземат соодветни мерки за санкционирање на сите што ги користат децата за политички цели.
Политичката злоупотреба на деца е забранета со закон. Во согласност со член 12, став 4 од Законот за заштита на децата „се забранува злоупотреба на децата поради политичко или верско организирање и дејствување“.
Хелсиншкиот комитет потсетува дека на децата не им е место во политиката. Наместо злоупотреба, велат од таму, политичарите и нивните поддржувачи треба да се залагаат за создавање услови за квалитетен живот, образование и развој на најмладите.
Македонија
Кумановски матичар измислил брак меѓу Албанец и Унгарка, заврши со кривична пријава

Кумановската полиција поднесе кривична пријава против И.З. (65) од село Слупчане, општина Липково, поради сомнение дека сторил злоупотреба на службена положба и овластување.
Според соопштението на МВР, пријавениот во 2023 година извршил упис на непостоечки брак во матичната книга на венчани меѓу лице од Албанија и лице од Унгарија.
При увид во книгата на пописни акти за истата година било утврдено дека не постои заведено барање за издавање извод од матичната книга за овој наводен брак.