Скопје
Општина Центар распиша Јавен повик за ангажирање на лични асистенти на учениците со посебни образовни потреби
Општина Центар го распиша Јавниот повик за ангажирање на лични асистенти во проектот „Образование за сите“ за потребите на ученици со посебни образовни потреби кои имаат потреба од помош и придружба во текот на наставата во второто полугодие, од учебната 2023/2024 година.
Заинтересираните кандидати треба да ги исполнуваат следните услови:
-минимум завршено средно образование;
-претходно искуство во работа со деца со посебни образовни потреби;
-долгорочно невработени лица (над 12 месеци во евиденција, со предност на невработени лица над пет години);
-млади лица до 29 години;
-лица постари од 50 години;
-самохрани родители; и
-родители на деца со попреченост.
Општина Центар напоменува дека предност ќе имаат кандидатите кои:
– имаат завршено високо образование: дипломиран наставник по предметна/одделенска настава, дипломиран психолог, дипломиран педагог, дипломиран дефектолог или дипломиран социјален работник;
– имаат искуство во работа како лични/образовни асистенти во претходните циклуси на проекти;
– поседуваат лиценца за личен асистент на лица со попреченост издадена од овластена институција.
Заинтересираните лица кои ќе бидат вклучени во проектот „Образование за сите“ ќе бидат работно ангажирани како лични асистенти на ученици со посебни образовни потреби, вклучени во образовниот процес во основните училишта на територија на Општина Центар-Скопје, во второто полугодие од учебната 2023/2024 година. Тие ќе имаат скратено работно време од дваесет (20) работни часа неделно, во период од пет (5) месеци, почнувајќи од 1 февруари 2024 година до крајот на учебната 2023/2024 година.
За кандидатите што ќе бидат избрани и вклучени во проектот „Образование за сите“ се предвидува паричен надоместок во висина од петнаесет илјади денари (15.000,00 денари) (нето-износ), со вклучен данок на личен доход и осигурување за инвалидност и телесно оштетување предизвикано од повреда на работа и професионална болест.
Лицата кои сакаат да аплицираат за учество во Јавниот повик треба да приложат:
-Барање за учество во проект „Образование за сите“;
-Професионална кратка биографија;
Потврда од Агенцијата за вработување (доколку кандидатот е невработено лице евидентирано во Агенцијата на Република Северна Македонија);
-Доказ за завршено образование (копија);
-Потврда за претходно работно искуство со лица со попреченост (доколку кандидатот поседува таква);
-Лиценца за личен асистент на лица со попреченост (доколку кандидатот поседува таква).
Барањето за учество во проектот „Образование за сите“ (заедно со потребната придружна документација) може да се поднесе во Архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6, од 9 до 15 часот.
Јавниот повик е достапен на веб-страницата на Општина Центар-Скопје https://www.centar.gov.mk/?p=19616 и на огласните табли на општинските основни училишта на територија на Општина Центар-Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

