Скопје
Општина Центар со богата хуманитарна програма за помош на Лео
Општина Центар во соработка со „Рамстор“ почна со одржување низа хуманитарни настани со цел да му се помогне на младиот Леонид Игнов да продолжи со лекувањето и да ја добие најголемата животна битка.
Првата хуманитарна ликовна изложба што ја подготвија талентираните и креативни основци од општината се одржа вчера во трговскиот центар „Рамстор“, а на настанот настапија и „златните славејчиња“.
Градоначалникот Герасимовски им се заблагодари на учениците, нивните родители и на наставниците што се одѕваа во толку голем број за да помогнат и да ја покажат својата хуманост и солидарност на дело.
„Хуманоста вечерва сите нè сплоти на едно место. Со помош на овие млади уметници и прекрасните гласови на ‘златните славејчиња’, но и со поддршка на нашиот пријател ‘Рамстор’, се собравме за да донираме за младиот Лео кому му е потребна нашата помош за да продолжи со својот живот. Упатувам апел до сите наши сограѓани да ни се приклучат и да подадат рака“, изјави Герасимовски.
Средствата што беа собрани од продажбата на ликовните творби на учениците ќе се донираат за медицинскиот третман на Лео, кој доби тешки повреди на ‘рбетот во несреќен случај пред неколку месеци.
Општина Центар во наредните недели, на 20, 27 и на 29 декември, на вториот кат во „Рамстор“, ќе организира уште три хуманитарни настани за помош на младиот Леонид, на кои ќе учествуваат младите центарци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Уште 20 нови дигитални услуги на интернет-страницата на Општина Кисела Вода
Запишување на децата во градинка по електронски пат, пријава за инспекциски служби, поставување директни прашања до градоначалникот или до советниците се едни од 20 нови дигитални услуги што Општината Кисела Вода ги воведе денеска.
Овие услуги се достапни на новата општинска интернет-страница и со ова продолжува дигитализацијата на Општината почната пред речиси две години.
„Дигитализацијата на Општината претставува значаен чекор кон подобрување на транспарентноста, отвореноста и ефикасноста на локалната самоуправа. Воведувањето дигитални услуги овозможува значително олеснување на процедурите за граѓаните и бизнис-заедницата и истовремено го намалува ризикот од коруптивни дејства. Овие промени ја поставуваат основата за една модерна, ефективна и отворена општина, која е насочена кон потребите на своите граѓани“, изјави градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.
Со новите услуги ќе биде овозможено следење на системот на јавни набавки, плаќање на такси поврзани со Општината.
„Нема да има повеќе уписи преку врски во градинки. Родителот од дома ќе може да аплицира, да наведе за која градинка е заинтересиран и за неа да аплицира. Со тоа и ние како локална самоуправа точно ќе знаеме во секој момент колкав број деца има за упис, каде има потреба од отворање дополнителни капацитети. Преку апликациите ‘Прашај го градоначалникот’ и ‘Прашај го својот советник’ нашите жители ќе може да комуницираат во прво лице со лицата што ги избрале да ги решаваат нивните проблеми“, додаде Ѓорѓиевски.
Скопје
108 санкционирани возачи во Скопје
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот.
„На територијата на град Скопје изречени се вкупно 108 мерки, меѓу кои девет мерки за возење без возачка дозвола, четири санкции за минување на затворен сигнал – црвено светло, седум мерки за користење мобилен телефон при возење, осум санкции за некористење на сигурносен појас…“, извести МВР.
Од таму додаваат дека сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови.
Скопје
Без струја делови од општините Илинден и Кисела Вода
Регионалниот центар за управување со кризи на Град Скопје, по добиеното известување од ЕВН, информира дека поради технички зафати во електро дистрибутивната мрежа, денеска, без електрична енергија ќе останат делови од општините Илинден и Кисела Вода.
Од 08:30 – 09:30 часот, корисниците од улицата бр. 34 во населба Илинден, општина Илинден ќе немаат струја.
Без електрична енергија од 09:00 – 13:00 часот, ќе бидат корисниците од дел од улицата Востаничка во општина Кисела Вода.