Скопје
„Пратениците да работат на законското решение што го понудивме во делот за лиценцирање на негувателките“, рече министерот Велковски при посетата на општина Илинден
Градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски, оствари работна средба со министерот за труд и социјална политика, Ѓоко Велковски, каде што во рамките на средбата посетија неколку локации на територијата на општина Илинден.
Градоначалникот Георгиевски и министерот Велковски направија увид во градежните активности на доградбата на централниот објект на детската градинка „Гоце Делчев“. Со проширување на капацитетот на градинката, ќе се изградаат 4 занимални во кои ќе бидат згрижени деца на возраст од 9 до 24 месеци (2 отворени и 2 затворени), тоалети и помошна кујна. Доградбата ќе се простира на 280 м2 бруто-површина, а ќе биде изведена во согласност со правилникот за стандарди и нормативи за вршење дејност. Во дворот ќе бидат изградени два детски парка, и тоа парк со детски реквизити и парк за моторен развој на децата.

„Со изградбата на новиот дел детската градинка ќе располага со вкупно 22 групи, распоредени во 2 објекта, и ќе бидат згрижени вкупно 560 деца, така што со овој проект комплетно ќе се реши проблемот со недоволен згрижувачки капацитет со кој се соочувавме во текот на изминатите 14 години. Овој проект, доградбата на градинката, се реализира со сопствени средства, но понатаму ќе ни треба поддршка од Министерството во делот на опремувањето, како и работниот кадар, а ставањето во функција на објектот треба да биде од наредната сезона и ќе може да се згрижуваат дечињата“, изјави градоначалникот Георгиевски.
Министерот Велковски го поздрави овој голем капитален проект што го реализира Општина Илинден и додаде дека Министерството за труд и социјална политика ќе има можност да даде придонес во опремувањето на новиот дел на градинката, а потоа и поддршка во делот на работниот кадар, кој ќе биде потребен за згрижување на децата.
„Ги повикувам пратениците од Собранието на Република Македонија да работат на законското решение кое што го понудивме во делот за лиценцирање на негувателките, воспитувачките и другиот стручен кадар бидејќи има над 1.000 баратели за лиценцирање од изминатите три години. Понудивме решение, кое ќе значи брзо решавање за лиценцирање на овие баратели, кои подоцна е бидат ставени на листата на пазарот на труд и да се јават на повиците, кои ќе бидат пос изборниот процес во самите детски градинки“, изјави министерот Велковски.
![]()
Во рамките на посетата градоначалникот и министерот направија увид и на локацијата, каде што Општина Илинден ќе гради центар за дневен престој за лица со попреченост, при што министерот истакна дека и за овој проект Министерството ќе даде поддршка за реализација. Дневниот центар треба да обезбеди дневно згрижување, работно-окупациона терапија, физикална терапија и стручна работа, рехабилитација и други активности на лицата со попреченост. Центарот ќе се простира на површина од речиси 300 м2 и ќе содржи заеднички простории, простории за комуникација, санитарно-хигиенски простории, административни простории и економско-технички простории.
Градоначалникот Георгиевски и министерот Велковски ја посетија и македонската компанија „Пекабеско“, која се наоѓа во локалната економска зона Марино – Кадино во општина Илинден и претставува една од водечките компании во Македонија. Компанијата има 40-годишна традиција, а нивните производи се знак на препознатливост на македонскиот квалитет како во Македонија така и во речиси сите земји од регионот и пошироко во Европа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Фото) Викенд исполнет со празнична магија на „Патека на радоста“ во општина Илинден
Плоштадот во населеното место Марино за време на викендот беше центар на празнична магија, радост и заедништво, каде голем број граѓани од сите возрасти уживаа во новогодишната магија на „Патека на радоста“, во организација на општествено одговорни компании и под покровителство на Илинден, извести Општината.

„Настанот изобилуваше со богата и разновидна програма, наменета за сите возрасти, но со посебен акцент на најмладите жители: детски анимации, музички и сценски настапи, театарски претстави, како и кловновски и магионичарски изведби, кои создадоа ведра атмосфера и донесоа бројни насмевки кај посетители. Голем интерес и радост кај децата предизвика и пристигнувањето на Дедо Мраз, кое дополнително придонесе во будење на празничниот дух“, велат од општина Илинден.

„Вечерните часови беа исполнети со музички настапи на познати и млади македонски изведувачи и ди-џеи, како Јанг Дади, Таско и Пајак, кои создадоа одлична атмосфера. Празничната декорација, внимателно осмислената програма и позитивната енергија ја направија „Патека на радоста“ место за веселба, дружба и празнично сплотување.

Преку ваквите настани, Општина Илинден ја демонстрира својата континуирана посветеност на иницијативи што ја зближуваат заедницата и го збогатуваат културно-забавниот живот, притоа давајќи поддршка на општествено одговорни компании кои со своето ангажирање значајно придонесуваат за развојот на локалната заедница“, соопшти општина Илинден.

Македонија
(Фото) Герасимовски: Фантастична предновогодишна вечер на Боемска, центарци со позитивна енергија влегуваат во 2026
Со предновогодишната забава „Вечер под ѕвездите“, општина Центар симболично ја заокружи 2025 година и посака добредојде на Новата година.
Боемска улица синоќа беше преполна со расположени и весели скопјани кои се препуштија на празничната атмосфера, подготвена специјално за нив.

Уште на самиот почеток, вештите акробати и жонглери во ритамот на диско музиката на ди-џеј Александар Јорданов ги воодушевија посетителите со своите трикови и мајсторски точки, известуваат од Општината

Вечерта кулминираше со настапите на „Brass Brothers“ и „Либеро бенд“, чија енергична изведба на популарните хитови ја разигра публиката, која, и покрај студеното време, остана насмеана и во добро расположение.
На присутните им се обрати и градоначалникот Горан Герасимовски, посакувајќи им здравје, среќа и весели моменти во следната година.

„Ова беше навистина фантастична забава! Ви посакувам и во 2026 година да ве следи оваа иста позитивна енергија која вечерва заедно ја споделивме“, порача Герасимовски.

Вечерта заврши со спектакуларен огномет, кој ја најави магијата на претстојните празници.
Македонија
Делови од Карпош и Кисела Вода денеска без вода
Од ЈП Водовод и канализација – Скопје, известуваат дека денеска:
· поради отстранување дефект на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Нобелова крстосница со ул. Хелсинки, од 09:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улиците: Нобелова, Виенска, дел од ул. Хелсинки и дел од ул. Лондонска. (Општина Карпош)
· поради изведување приклучок на водоводна мрежа со пречник од ф-100 мм на ул. Жил Верн бр. 10, од 10:00 часот до завршување на интервенцијата, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од ул. Жил Верн и ул. Есенинова. (Општина Кисела Вода)

