Скопје
Привремен режим на сообраќај за време на одржувањето на 20. Виз Ер Скопски маратон
Поради претстојното 20-то јубилејно издание на Виз Ер Скопски Маратон, што ќе се одржи на 06.10.2024 (недела), а на кој ќе учествуваат рекордни 13.400 натпреварувачи од 55 земји, во недела со почеток од 03:00 часот, ќе важи привремен режим на сообраќај во главниот град. Ова значи дека одредени улици ќе бидат целосно или делумно затворени за сообраќај во периодот на одржување на маратонот, а променетиот режим ќе биде на сила до завршувањето на маратонот, до 14:00 часот.
Поточно, во недела, 06.10.2024, започнувајќи од 03:00 часот, сообраќајот ќе биде затворен од Градска Болница, сѐ до Палома Бјанка, а целата патека се затвора исто во недела, 06.10.2024, од 06:00 часот.
Целта на сите трки е на Плоштад Македонија. Локација за старт на сите трки e Собрание на Р. Македонија. Време за старт на сите трки e 08:00 часот, но организаторите апелираат тркачите да дојдат барем 20 минути порано. При влез во старт зоната, се апелира секој тркач да влезе во соодветниот бокс за својата трка или таргет време што го има одбрано при процесот на регистрација, сѐ со цел да не се создаваат турканици. Тркачите на маратонската, полумаратонската и штафетната трка ќе тргнат во правец кон Католичка Црква, а тркачите на трката Комерцијална Банка 5км ќе трнат во правец кон Црвен Крст.
Патеката за маратонската трка, полумаратонот и штафетната трка, ќе стартува на улицата „11 Октомври“ пред Собранието и тргнува во правец кон запад по улица „Митрополит Теодосиј Гологанов“. Тркачите ќе трчаат право во двете насоки до крај на овој булевар и продолжуваат право по ул. „Васил Чакаларов“, каде по семафорите во населба Хром, ќе свртат полукружно и ќе се вратат во правец кон центар по истите улици и булевари. Кога ќе се враќаат тркачите кај Собрание, ја продолжуваат трасата по улица „11 Октомври“ кон Црвен Крст и ќе свртат кај Тутунски комбинат лево на бул. „Крушевска Република“ и десно на „Трета Македонска Бригада“. По неа ќе се трча до раскрсницата кај Американ Колеџ и ќе се врти лево по улица „Васко Карангелески“. Потоа ќе трчаат право сѐ до раскрсницата со бул. „Јане Сандански“. На раскрсницата ќе се врти десно и ќе се трча сѐ до раскрсницата со Бул. „Србија“, каде, пред неа се врти полукружно во истата коловозна страна (другата страна од булеварот е слободна за сообраќај во правец кон Центар) и ќе трчаат до пред раскрсницата кај Тобако 2. Тркачите полукружно ќе се враќаат до раскрсницата кај Сансет, ул. „Васко Карангелески“, десно до крај и повторно десно ќе излезат на „Трета Македонска Бригада“. Трчаат по истата патека до Собрание, полумаратонците финишираат на Плоштад Македонија, а Маратонците трчаат уште еден круг.
За патеката за трката на 5 км, стартот е пред Собранието, по кое натпреварувачите ќе трчаат во правец на населба Аеродром, односно кај Тутунски комбинат ќе свртат лево, по „Трета македонска бригада“ и кај Супермаркетот Тинекс ќе свртат полукружно и по истата траса назад до целта – плоштад „Македонија“.
Организаторите на Виз Ер Скопскиот маратон ги замолуваат сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и да ги користат алтернативните решенија за сообраќај. Исто така, СВР Скопје апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се одвива трката.
Од ЈСП Скопје, пак, ги информираат скопјани дека во период од 07:00 до 14:00 часот, поради одржување на маратонот, дел од возилата од јавниот превоз ќе сообраќаат по изменет режим од вообичаениот, а дел воопшто нема да се вклучат во сообраќај. Во период од 07:00 до 14:00 часот нема да сообраќаат линиите: 3, 3Б, 4, 4А, 9, 16, 22А, 24, 25, 59Б.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Казни за четири градилишта во Центар, нулта толеранција за прекршување на прописите, порача Герасимовски
Четири градилишта во општина Центар се казнети поради незаконско зафаќање јавни површини со градежен шут и материјал што претставува опасност за движењето на пешаците и одвивањето на сообраќајот, извести Општината.
Во рамки на редовните инспекциски контроли, општинските инспектори изготвија записници и издадоа прекршочни налози за градилишта на улиците „Златко Шнајдер“, „9 Мај“, „Дебарца“ и „Васил Стефановски“, информираат од општина Центар.

Паричните санкции за овие прекршоци изнесуваат од 1.300 до 1.800 евра.
Градоначалникот Горан Герасимовски порача дека надзорите продолжуваат со несмален интензитет.
„Редовно ја следиме состојбата на сите активни градилишта во Општина Центар. Нулта толеранција ќе има за сите што ги прекршуваат законите и го нарушуваат јавниот простор“, рече Герасимовски.

Инспекциските контроли на градилиштата продолжуваат како континуирана мерка за одржување на чист и функционален урбан простор, додаваат од општина Центар.
Македонија
Ѓорѓиевски: Работевме посветено, секој ден, секоја ноќ, она што го постигнавме е само почеток
Градоначалникот на град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска ќе го презентира отчетот за сработеното во првите 100 дена од преземањето на функцијата.
„Отчетноста и транспарентноста се должност кон граѓаните. Токму затоа, по првите 100 дена од мандатот, излегуваме пред вас со јасен и отворен приказ на сработеното. Во изминатиот период работевме многу. Работевме посветено. Секој ден. Секоја ноќ. Она што го постигнавме е само почеток“, напиша градоначалникот на социјалните мрежи.
„Го поставивме темелот врз кој ќе ја градиме иднината на Скопје како модерен, просперитетен и достоинствен град, по мерка на граѓаните. Ова не е само мој успех.
Ова е успех на сите скопјани кои веруваа дека Скопје мора и може поинаку. Ова е доказ дека кога се работи со срце, со визија а не од личен интерес, резултатите не изостануваат. И да, пред нас има уште многу работа. Ќе има и предизвици. Но ние не се откажуваме! Ќе продолжиме да работиме уште посилно, уште поодлучно“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Дел од Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради два улични дефекти ф-200 и ф -250 мм на Македонско Косовска Бригада бб (во близина на касарна Илинден), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Македонско Косовска Бригада и објектот на касарна Илинден, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување санација на дефектите.

