Скопје
Санкционирани 261 непрописно паркирани возила на територијата на општина Центар

ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ и Општина Центар, во соработка со Сообраќајната полиција – Скопје, санкционираа 261 непрописно паркирано возило, кои го попречувале нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот.
„Во периодот од 25.9. до 1.10.2023 година, со помош на специјалните возила ‘пајак’ на ЈП ПОЦ, отстранети се 144 непрописно паркирани возила, а со поставување механичко средство ‘блокатор’ санкционирани се 117 возила, кои биле затекнати на резидентни паркиралишта, а не биле корисници резиденти на секторот во кој биле паркирани“, велат од ПОЦ.
„За трајно решение на сообраќајниот метеж и проблемот со неправилното паркирање неопходна е поголема сообраќајна култура, затоа ЈП ПОЦ и СВР Скопје во наредниот период ќе продолжат со секојдневно отстранување на сите непрописно и несовесно паркирани автомобили во општина Центар со цел да се подигне сообраќајната свест на повисоко ниво и да се зголеми безбедноста во сообраќајот“, додаваат од ПОЦ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
(Видео) Арсовска: Во Чаир издигната дивоградба на 12 ката, вселени се и станари кои на инспекторите им ги исекоа гумите

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска повторно се вклучи од Чаир на социјалните мрежи, од пред зграда на 12 ката за која вели дека е градена небезбедно, без проект, со обид да се прикаже дека е од 2011 година.
Арсовска рече дека објектот поседува нелегален приклучок на струја и нелегален приклучок на вода.
„Дрскоста оди до таму што денес копаат булевар за диво да се приклучат на водоводна и канализациона мрежа, демек во недела нема никој да ги фати, а на струја веќе див приклучок си направиле“, рече Арсовска.
Соопшти дека во зградата таа и инспекторите затекнале луѓе кои веќе живеат таму.
„Истите на лице место се закануваа на нашите инспектори од Град Скопје и им ги исекоа гумите со нож. Се работи за организирана кримнална банда“, рече Арсовска.
Најави дека во текот на утрешниот ден Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција ќе добие уште еден предмет со илјадници страни фалсификати и злоупотреби од Општина Чаир. Инволвирани се, како што вели, повеќе функционери и вработени во општина Чаир.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: Првенците од Кисела Вода ќе летуваат бесплатно

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски им додели награди на најдобрите ученици, првенци на генерацијата од сите осум основни училишта на територијата на општината.
Вкупно 24 ученици, односно тројцата најуспешни ученици од секое училиште, добија бесплатно летување во летниот едукативно-рекреативен камп SCOUT во Охрид, додека девет од нив, кои според рангирањето имаа најголем број на поени, беа дополнително наградени со висококвалитетни очила за сонце, извести општина Кисела Вода.
„Оваа активност е дел од јасната и доследна заложба на општината да препознае, поддржи и да ги награди трудот и знаењето кај младите, но и да создаде амбиент во кој успехот се вреднува, а учениците се мотивираат да продолжат по патот на учење и личен раст.
Општина Кисела Вода, преку ваквите проекти, ја исполнува својата мисија да гради стимулативна средина во која секое дете ќе има шанса за напредок и афирмација, препознавајќи го образованието како клучна алатка за индивидуален и општествен развој“, соопштува Општината.
„Ние како општина градиме систем кој ги поддржува младите и им дава поттик да се стремат кон повеќе. На овој начин не само што им ги честитаме извонредните достигнувања на овие млади луѓе, туку и испраќаме порака до сите ученици дека трудот, знаењето и истрајноста секогаш ќе бидат препознаени и наградени. Остануваме посветени на креирање услови во кои секое дете ќе има можност да расте, да се развива и да го реализира својот потенцијал. Горди сме што во Кисела Вода растат генерации што ветуваат“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Македонија
Герасимовски: Даночната канцеларија во Центар нуди побрза и поедноставна услуга за нашите жители

Општина Центар ги информира сите граѓани кои сѐ уште не добиле Решение за наплата на данок на имот за 2025 година дека можат да ги регулираат своите обврски со директно обраќање во општинската даночна канцеларија.
„Истурената даночна канцеларија значи побрза и поефикасна услуга. Целта ни е граѓаните навремено и лесно да ги завршат своите обврски“, изјави градоначалникот Горан Герасимовски.
Граѓаните преку општинската канцеларија можат да добијат решенија за данок на имот за физички и правни лица, информации за состојбата со платените решенија, можност за промена на податоци во постојни решенија (како адреса, сопственик или имотен лист), пријава на нови обврзници, допријава на имот од легализација, како и корекција на квадратурата според имотниот лист.
Канцеларијата е отворена секој работен ден, од 08:00 до 16:00 часот, во Општина Центар, барака број 5, соба 15.
За повеќе информации можете да се обратите на телефонскиот број 070 316 796, кај одговорното лице Маја Дичева или на е-пошта на следната адреса: [email protected].